Skip to main content

Прекрасна вечер на класична музика со маестро Александар Мелников на Охридско лето

Охридско лето

Вечер исполнета со врвна класична музика во извонредниот амбиент на црквата „Света Софија“ приреди руско-германскиот пијанист Александер Мелников кој настапи во рамки на фестивалот „Охридско лето“.

Мелников важи за еден од најистакнатите пијанисти на својата генерација, препознатлив по својата виртуозност, длабока музикалност и интерпретации на дела од различни епохи.

На репертоарот беше познатата Фантазија во Це-дур „Вандерер“, компонирана во 1822 година за соло пијано од Франц Шуберт. Ова е технички најтешката и најбараната композиција за пијано на Шуберт која Мелникот ја долови совршено. Пред да биде награден од фестивалската публика со бисеви, пијанистот го отсвири и ремек-делото на музичкиот импресионизам „12 Прелудиуми“ од прочуениот француски композитор Клод Дебиси.

фото: Охридско лето

Ги свирев делата што најмногу ми се допаѓаат. Драго ми е што сум првпат во овој прекрасен град. Амбиентот во кој настапив е мошне инспиративен, рече Мелников.

Како солист, Александер Мелников има остварено настапи со светски познати оркестри и ансамбли. Особено е активен на полето на камерната музика, настапувајќи во пијано дуо со Андреас Штајер, редовно концертирајќи со виолончелистот Жан-Гијен Кејраси, а исто така е и долгогодишен дуо партнер на реномираната виолинистка Изабел Фауст со која се добитници на наградата „Грамафон“ и се номинирани за наградата „Греми“.