
„Под исто небо“ е слоганот на седмото издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, кое ќе се одржи од 23 до 25 април во Сули Ан, Скопје. Фестивалот годинава ќе ја прослави моќта на литературата и илустрацијата како универзален јазик што ги поврзува децата од различни култури и општества.
Во рамки на „Литера 2025“ ќе се организираат интерактивни работилници, средби со автори и илустратори, како и специјални настани посветени на креирање нови литературни и визуелни светови. Децата љубители на книги ќе можат да уживаат во раскажувачки сесии, креативни игри и разговори со гости од светот на детската книжевност. Фестивалот ќе биде збогатен со повеќе изложби на илустрации и сликовници, меѓу кои и посебна ретроспективна изложба посветена на Орде Манески – еден од доајените на македонската илустрација.
Посебен печат на минатогодишното издание на Литера остави наградата за најдобар фестивал, признание што нѝ беше доделено на Best Event Awards Macedonia (BEAM), а тоа нѝ е мотив и оваа година да организираме едукативно, забавно и шарено фестивалско доживување со прекрасни илустрации и приказни за деца“, вели Софија Семенпеева Трајановска, креатор и организатор на Литера.
Фестивалот останува верен на својата мисија – да ја поттикне љубовта кон книгите, да го промовира значењето на илустрацијата како клучен елемент во детското образование и да создаде простор каде што приказните можат да патуваат без граници.
„Под исто небо, сите споделуваме соништа, идеи и приказни. Оваа година сакаме да ја прославиме токму таа поврзаност што ја создава уметноста, без разлика каде сме и на кој јазик зборуваме. Ве покануваме да бидете дел од Литера 2025 и да уживате во магијата на литературата и илустрацијата“, порачуваат од тимот на фестивалот.
Во изминатите шест изданија на Литера се одржаа вкупно 13 изложби во Македонија и во странство, над 50 работилници за деца, 11 мастер класови за илустратори и автори, како и 10 конференции и трибини.