
Градоначалникот Ѓорѓи Крстевски денеска преку својот фејсбук профил соопшти дека министерот за земјоделство Цветан Трипуновски бил во работна посета на ооштина Росоман.
Во рамки на посетата, како што наведува Крстевски, биле поделени пакетчиња на децата од земјоделските семејства.
– Остваривме отворена и конструктивна дискусија за унапредување на земјоделството во Општина Росоман, со фокус на поддршката за земјоделците и идните мерки за развој. Разговаравме и за обесштетувањето по основ на настанатите штети, за кои средствата веќе се исплатени на сметката на Општина Росоман. Во моментов се врши обработка на податоците, по што исплатата кон земјоделците ќе се реализира во периодот од 12 до 16 јануари, информира Крстевски.
Со министерот Трипуновски, додава, ги посетиле децата од земјоделските семејства.
– Новогодишна радост за дечињата од земјоделски семејства. Заедно со министерот ги посетивме децата од земјоделските фамилии и им поделивме новогодишни пакетчиња по повод празниците. Насмевките и радоста на децата се најубавата потврда дека грижата за семејствата и земјоделството е инвестиција во иднината, напиша Крстевски на Фејсбук.
Тој посака среќни и весели новогодишни празници и подвлече дека Општина Росоман продолжува со навремена и транспарентна поддршка на земјоделците.

Македонски






