
Денес, заедно со Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт и врски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков и директорот на Завод и Музеј, Охрид бевме во посета на Музејскиот комплекс „Музеј на вода“, еден од најатрактивните и најпосетувани локалитети во Охрид, каде се спојува природната убавина со нашето богато културно наследство, сподели денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
„Минатата година овој музеј беше запуштен и заборавен – платформата на наколната населба и покривите на колибите оштетени, терасата пред музејот занемарена, системот за наводнување нефункционален, а условите за работа на вработените далеку од соодветни, вели Љутков во својата објава на социјалните мрежи.
Тој истакна дека ветиле дека ќе го вратат овој бисер во полн сјај и дека денес со гордост можел да каже дека сè што ветиле, тоа и го реализирале.
„Комплетно ја саниравме платформата и крововите на колибите, терасата пред музејската зграда е уредена и повторно во функција, започната е постапката за поставување на нов систем за наводнување. Обновен е ентериерот на музејот, а набавена е нова опрема за пријатен престој на посетителите. Вкупната инвестиција за обновата изнесува околу 15 милиони денари, истакна Љутков во својата објава.
Додава дека бил горд како министер што успеале на овој уникатен музеј да му го вратат стариот сјај и повторно да биде поставен како важна туристичка атракција на Охрид и на Македонија.