Skip to main content

Книжевна средба „Ти си поезија“ со францускиот професор и театролог Патрис Павис вечерва во Францускиот институт во Скопје

Книжевната средба „Ти си поезија“ со францускиот професор и театролог Патрис Павис вечер ќе се одржи во Францускиот институт во Скопје.

На средбата, како што е најавено, ќе има и литературни читања на извадоци од делата на Павис од страна на студентите од Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет во Скопје „Блаже Конески“.

Оваа книжевна средба претставува можност публиката да се запознае со делото на Павис, а ќе биде претставен и неговиот роман „Ти си поезија”, преведен на македонски јазик од страна на „Перун Артис“.

Разговорот ќе го водат Деспина Ангеловска, професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, теоретичарка на театарот, авторка и преведувачка и Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, поет и писател.

Оваа средба е дел од еднонеделниот престој  на Павис во Скопје. Тој ќе одржи театарски работилници со студентите од Факултетот за драмски уметности и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје му ја доделува почесната титула Doctor Honoris Causa.