
Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска предложи создавање на сложен европски механизам за позајмување 140 милијарди евра на Украина врз основа на замрзнатиот руски имот, без негова конфискација.
Три и пол години по почетокот на руската инвазија на Украина, Европската унија (ЕУ) расправа како да се искористат милијардите евра руски средства за му да се помогне на Киев во неговата борба, а да не се запленат, што би можело да го поткопа еврото или да го загрози европскиот имот во странство.
Мерц повтори дека Германија се спротивставува на идејата за конфискација. Но, според него, „одржливо решение“ би бил бескаматен заем од 140 милијарди евра, кој Киев би го вратил дури „кога Русија ќе ѝ ја надомести на Украина штетата предизвикана од војната“.
– Во меѓувреме, рускиот имот ќе остане замрзна, напиша канцеларот во колумна во британскиот весник Фајненшл тајмс (The Financial Times).
Мерц рече дека ова решение, кое има намера да им го претстави на своите колеги од ЕУ во Копенхаген следната среда, ќе бара „буџетски гаранции од земјите членки и нивна едногласност, или барем поддршка од големо мнозинство држави“.
Рускиот државен имот во странство е замрзнат по инвазијата на Украина во февруари 2022 година. Поголемиот дел, околу 210 милијарди евра, се наоѓа во Белгија, земја членка на ЕУ. Сите земји на ЕУ веќе решија да ја користат каматата што ја создава овој имот, која изнесува неколку милијарди евра годишно, за финансирање на воените напори на Украина.