
Со последните две измени на постоечкиот Закон за инспекциски надзор во декември 2024 и јануари 2025 година Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) како и останатите 14 државни инспекторати продолжуваат да функционираат како органи во состав на матичните министерства. Тоа значи дека Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), согласно процедура, спогодбено ги превзема вработените, движните и недвижни ствари, документацијата, побарувањата и намирувањата на обврските, средствата за работа, како и сите права и обврски кои произлегуваат од склучените договори на инспекциските служби, настанати до денот на влегувањето во сила на овој закон, со што фактички ДИЖС продолжува да работи без својство на правно лице и буџет од прва линија.
Финансиите ќе се водат како посебна Подпрограма во Буџетот на Министерството, но ДИЖС, односно инспекторите и понатаму ја имаат самостојноста во водењето на инспекциските постапки.
Главната активност на Државниот инспекторат за животна средина, согласно регулативата, е да вршат надзор над управните акти кои ги издава МЖСПП, А-интегрирани еколошки дозволи и Елаборати, односно вршат надзор над спроведувањето на условите пропишани во истите. Со инклузијта се очекува подобрување на координацијата во имплементацијата на политиките за справување со загадување на животната средина и со отпадот.
Во однос на бројот на државни инспектори, проценката укажува дека за покривање на потребите за инспекторирање во областа животна средина на државно ниво се потребни приближно 40 државни инспектори.
Министерството за животна средина и просторно планирање со преземањето на ДИЖС ги презема и неговите планови за вработување и унапредување кои што ќе бидат усогласени со плановите за вработување и унапредување на Министерството. Државниот инспекторат во моментот нема одобрени нови вработувања и унапредувања од страна на Министерството за финансии, но се очекува позитивен одзив на надлежните институции во однос на зголемување на бројот на инспекторите.
Од друга страна на локално ниво се уште повеќе од 50% од општините немаат назначено овластени инспектори за животна средина иако согласно Законот за инспекциски надзор во животната средина до крајот на 2022 година ја имаа таа обврска.
Во „Програмата на Владата 2024-2028“ предвидено е и формирање на единствено централно инспекциско тело со ингеренции на сите нивоа, надлежно за справување со загадување на животната средина и со отпадот. Ваквата поставеност на инспекцискиот надзор за животна средина треба да овозможи ефикасен и правичен инспекциски надзор над загадувачите на животната средина.