
Во Албанија денеска се одржуваат 11. по ред парламентарни избори по падот на комунистичкиот режим, на кои правото на глас од 7 до 19 часот треба да го искористат 3.721.116, од нив за првпат 114.642 лица. Бројот на гласачи на овие избори е поголем за 1.319.003 од бројот на жители, кој според пописните резултати изнесува 2.402.113.
На овие избори за првпат право да гласа има и албанската дијаспора, која се чини ќе има големо влијание врз конечните резултати. За остварување на ова право, земјата ќе потроши 10 милиони евра. Иако надвор од земјата се најмалку 1,3 милиони албански граѓани според прифатените апликации ова право треба да го остварат 245.935 лица. До вчера тоа право го оствариле околу 80 отсто, поточно нивните пликови со гласачкото ливче се пристигнати во Тирана, во определено место за администрирање на овој процес – Спортската палата „Фети Борова“, во близина на Олимпискиот парк. Тука се подготвуваа и оттука испраќаа ливчињата, а таму ќе се пребројуваат и гласовите, кои ќе пристигнат денеска до 19 часот, во спротивно ќе се сметаат за неважечки.
Новите 140 пратеници, колку што брои Законодавниот дом, по првпат се избираат по принцип на затворени листи, што значи сигурни мандати (92, по 46 на Социјалистичката и Демократската партија која отстапи дел од пратеничките места на помалите партии со кои е во изборна коалиција) и 48 на отворени листи, за кои во трка се 2046 кандидати на 11 политички партии и коалиции.
Во 12 изборни единици, ќе се гласа на 5.225 избирачки места, кои ќе бидат обезбедувани од полицијата. Набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, која ја предводи амбасадорот Ламберто Заниер, се состои од тим од 12 експерти со седиште во Тирана. Исто така дел од мисијата, се и 26 долгорочни набљудувачи кои ќе бидат во Тирана и ќе бидат распределени низ цела Албанија, додека 300 краткорочни набљудувачи пристигнаа деновиве. Денеска ќе има побројна мисија со делегации од Парламентарното собрание на ОБСЕ, Парламентарното собрание на Советот на Европа и делегација од Европскиот парламент.
Денешните избори се првите парламентарни избори откако Албанија формално ги започна преговорите за пристап во Европската Унија во јули 2022 година.
Премиерот Еди Рама и неговата владејачка Социјалистичка партија (СП), која коалицира единствено со партијата на Македонците, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) се борат за четврт последователен мандат, додека опозицијата „Алијанса за величествена Албанија предводена од Демократската партија (ДП), на Сали Бериша, како втора најсилна политичка сила, следена од помали 25 политички партии и движења, ќе се обиде да се врати на власт.
Овие избори се сметаат за одлучувачки момент за демократскиот пат на Албанија, нејзината посветеност во борбата против корупцијата и нејзината долгогодишна аспирација за влез во ЕУ.
Социјалистичката партија ја започна својата изборна кампања на 12 април напладне, на плоштадот „Скендербег“, со многу симболика. Во центарот на бината имаше рака со пет испружени прсти и знамето на ЕУ, но со 12 ѕвезди, кои требаше да го нагласат 12-годишното владеење на СП и да испратат централна порака дека интеграцијата во ЕУ е главната политичка цел на оваа партија. Слоганот „Албанија 2030 во ЕУ едиствено со Еди Рама и СП“ дополнително ја нагласува оваа порака.
-Не случајно сме овде на 9 мај, на Денот на Европа, да го кажеме последниот збор на ова патување и потоа заедно со најголемото мнозинство Албанци да одиме пред гласачките кутии и таму меѓусебно да го потпишеме нашиот голем договор за европска Албанија, за Албанија во ЕУ. На 11 мај да гласаме за Албанија во ЕУ до 2030 година, порача Рама на петочниот завршен митинг.
Изборната опозициска коалиција, во која е и Партијата на слободата, на поранешниот шеф на државата Илир Мета, кој иако е во затворски притор, поради корупција и перење пари, кој, по негово барање е на отворената листа во ИЕ Тирана, ветува подобрување на животниот стандард на граѓаните, просечна плата од 1.200 евра, зголемување на пензиите, стопирање на миграцијата на младите.
– Гласајте на 11 мај за вашата благосостојба, бидејќи нашата програма во првите 100 дена предвидува многу поволности за сите сектори. Дојдете заедно и гласајте за промена, тоа е глас за вашиот успех. Ви давам чесен збор дека ќе ги укинеме сите актуелни закони на Еди Рама кои го ограбуваат целиот имот како во 1946 година, рече Бериша на завршниот изборен митинг во петокот.
Амбасадата на САД и мисијата на ОБСЕ, им порачаа на албанските граѓани слободно да го дадат гласот, охрабрувајќи ги да гласаат без страв“
„Не дозволувајте другите да зборуваат за вас. Вашиот глас е само ваш. Гласајте без страв“, се вели во пораката од Американската амбасада.
Во меѓувреме и амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во Тирана Мишел Таран порача дека „на учеството на избори не треба да се гледа само како на право, туку како на граѓанска обврска, тесно поврзана со одговорноста што секој поединец ја има во зајакнувањето на демократијата“.
Порака до своите граѓани упати и претседателот Бајрам Бегај „достоинствено да излезат и слободно да го дадат својот глас, што е нивно демократско право“.
На претходните избори во 2021 година само четири партии освоија пратенички места, при што Социјалистичката партија доби 74 пратеници, Демократската партија 59, Партијата на слободата четири и Социјалдемократската партија три. Каков ќе биде соодносот на силите во новиот Законодавен дом сепак ќе одлучат граѓаните, иако и едните и другите се убедени во изборна победа.