Skip to main content

Обвинителството да постапи по допрен глас за Груби и Беџети, побара претседателката Сиљановска Давкова

Јавното обвинителство да постапи по допрен глас во врска со случајот за Артан Груби, но и за апелацискиот судија Енвер Беџети, кои од вчера се најдоа на „црната листа“ на Стејт департментот поради вмешаност во значителна корупција, побара денеска македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.

Не смееме, рече претседателката, како досега да останеме мирни, а оние кои се нашле на црните листи да продолжат со своите редовни активности.

Постојат во меѓународното право и во меѓусебните односи начини како да се дојде до тие докази и да се започне постапка зашто во спротивно, ние не реагираме тогаш кога мора да реагираме и на тој начин го толерираме беззаконието. Очекувам Судот, јавниот обвинител да почне да постапува. Секогаш велам дека пресумпцијата на невиност важи за сите нив, но затоа мислам дека е редно надлежните органи да постапуваат, изјави Сиљановска Давкова.

Особена загриженост, според претседателката, е тоа што на „црната листа“ на САД е и судијата Енвер Беџети, зашто, како што рече, судот треба да биде синоним на почитување на правото и правдата. Додаде дека се чини оти неправдата и владеењето на пресилни луѓе ги направиле иснтитуциите слаби. Поради што, како што рече, потребни се итни реформи и чекори во сите органи.

Оние два проценти на доверба во судството всушност значат целосна недоверба во судството, зашто два отсто е рамно на статитичка грешка. Сериозно треба да размислиме дали всушност се креирал еден партизиран и политизиран судски систем. Значи, треба да се тргне не само од конкретниот случај, туку да се види навистина како сите во судскиот систем се нашле на определени позиции и тука не можам да не кажам дека најголемиот дел од вината лежи во оние два најважни органи – Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, бидјеќи тие треба да бидат чувари на независноста на судството, додаде претседателката на државата.

Посочи дека во демократски држави, првиот чекор во вакви случаи би го направиле членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители. Ако се таму заради правото и правдата, како што рече, а се случува она што се случува, оставката би била најнормалниот чин.

Поврзани вести