Именувањето на Радмила Шекеринска за заменик ген-сек на НАТО ме потсети на една смешна ситуација што ја имав со неколку бриселски административци од средна Европа, кои имаа мака – нивниот политички лидер ги загубил изборите дома, и сега требаше да му се најде некаква функциичка за ухлебување во Брисел. Заменик комесар за рибарство, потсекретар за шумарство, човеков не бираше, само платата да е на ниво на кое бил навикнат, и има опција да си ги исшколува децата во некое солидно меѓународно училиште во Брисел. Иако оваа сцена ја посведочив пред повеќе од 10 години, се сеќавам како еден од пријателите ми рече – и вие Македонците кога ќе влезете во ЕУ ќе можете вака да се ослободувате од несаканите политичари, само спакувајте ги за Брисел. Тогаш тоа ми се виде како добра зделка – дури живо џабе, ако имаме предвид колку нашите „про-европски“ знаат да украдат или да направат штета по националните интереси – стопати подобро да се во Брисел.
Од тогаш Македонија не мрдна ни чекор на патот кон ЕУ, но не пикнаа во НАТО, па имаме барем една опција за ухлебување на несакани, ислужени политичари. И, нормално, Шекеринска беше првата што ја зграпчи оваа можност.
Интересно е што и нејзиниот шеф во НАТО, долгогодишниот холандски премиер Марк Руте, е унареден според истиот принципот failing upwards кој важеше и за Шекеринска – постигнуваш крајно незавиден изборен резултат дома и наместо да те казнат, те унапредуваат на позиција во странство. Руте, конкретно, беше толку килав што успеа да ја натера крајно либералната, урбана, мултикултурна и пост-национална Холандија да гласа за десничарска партија која ветува дека ќе ги протера илегалните мигранти и ќе почне да ги застапува холандските национални интереси (Руте во Македонија е познат по неговата интервенција пред три години, кога не посети во време кога се спремаше ново парламентарно мнозинство, па еден пратеник – порано вработен токму во холандската амбасада во Скопје – исчезна на неколку дена, и така коалицијата ДУИ – СДСМ си купи уште неколку години живот).
Но да се вратиме на Шекеринска. Некако ни се случи договорот од Преспа и договорот со Бугарија попрво да им ги припишуваме на Заев, па дури и на Никола Димитров, отколку на најискусната дипломатска функционерка во СДСМ. Шекеринска е далеку погабаритен политичар во надворешните води од „трговацот пиперкама из Горњи Милановац“, а беше и далеку повлијателна во владата од случајно уфрлениот Димитров. А сепак, како да не и даваме доволно признание за надворешно-политичките „успеси“ на таа Влада:
- прифаќањето на буквално сите грчки барања кои длабоко задираат во македонската историја, јазик и национален идентитет
- масовното апсење на пратеници и министри од претходната влада и воведување на „либерална“ диктатура за да се промени името (познатите балканско-европски тактики на комесарот Хан)
- прокоцкувањето на бранот добра волја која меѓународните поддржувачи на Шекеринска и СДСМ не уверуваа ќе следи и ќе ја внесе Македонија во ЕУ (Заев најавуваше членство за неколку години, а не ни стануваше збор за можноста дека ќе се проблематизира отворањето преговори);
- ветото од Франција – држава далеку далеку повлијателна во ЕУ од Грција;
- креирање на историски спор со Бугарија за кој не можеме ни да претпоставиме каде ќе не однесе;
- и конечно – давањето на власта на тацна на Али Ахмети.
Никој не очекуваше од Владата на Заев, Шекеринска и Ахмети да донесе инвестиции, демократија или компетентно да спроведува инфраструктурни проекти. Единствената работа за која тие беа донесени на власт беше да го сменат името – чекор кој од Македонија се бараше со децении и за кој се подразбираше дека, ако веќе решиме да го направиме, ќе мораме сериозно да го испреговараме – со таа огромна и понижувачка отстапка да си обезбедиме непречен прием во ЕУ, без никакви дополнителни спорови, плус можеби некој инвестициски пакет (влезот во НАТО се подразбираше).
Како е можно оваа врвна соработничка на меѓународната заедница во Македонија да биде клучен член на Владата во време на целосно потфрлање по сите основи на планот на евро-интеграциската агенда, да ги направи сите утки што ги наведов погоре, и на крај сепак да биде наградена како да е најдобар дипломат што Македонија го има? Попрво се работи не за дипломат кој ги застапува македонските интереси туку за најверен послушник и испорачувач на туѓи интереси.
Кој друг беше по-одговорен од Шекеринска да провери дали, на пример, по огромната отстапка која заевистичкиот режим ја направи кон Грција, ни се заканува ново вето или историски спор од друга страна? Настрана идеолошките разлики, тука станува збор за неспособност како дипломат, за катастрофално лошо испреговарање на промената на името и за непознавање на работите кои што Владата во која беше Шекеринска мораше да ги дознае од бројните страниски пријатели со кои таа постојано се фали.
Како Шекеринска ќе преговара на пример со Русија утре, кога Русите ќе испорачаат историски и идентитетски барања кон Украина, ако видовме дека е крајно флексибилна по прашањето на сопствениот национален идентитет? Дали ќе се заложи повеќе за националниот идентитет и интереси на Украина отколку што се залагаше за својата сопствена држава и својот народ?
Притоа, веројатно е дека Македонија ќе трпи одредена штета од нејзините активности во Брисел. СДСМ со децении ја политизира својата неприкосновена блискост со „либералните“ политичари во Брисел и Вашингтон и редовно ги користи овие контакти за да му наштети на ВМРО-ДПМНЕ (и на својата сопствена држава). Со нејзиното постојано присуство во Брисел, Шекеринска можеби ќе биде во посилна позиција да бара поддршка за некоја нова обоена револуција, или барем да издејствува штанцање на пристрасни извештаи за наводно назадување на демократските стандарди во земјата, или пак да го шири наративот дека ние самите ги провоцираме соседите и ги тераме да ни ставаат вета. Ваквите политики се веќе константа во однесувањето на СДСМ, добро ги знаеме како ја застапуваат Македонија во странство, и сигурно ќе се обидат да најдат некој нов Зоран Талер, Ерван Фуере, Ховит или Ван Хојте. Секако, ваквото јавно кодошко однесување на СДСМ е крајно непопуларно кај граѓаните, го урнисува угледот на оваа партија кај сите што не се нејзини слепи следбеници, но во СДСМ знаат дека на власт доаѓаат преку странски интервенции, а не преку гласовите на граѓаните.
И покрај ваквата токсична политика на СДСМ, и бројните злосторства на заевистичко-шекеринскиот режим, изминативе денови претставници на Владата беа под одреден притисок да кажат нешто добро за кандидатурата на Шекеринска. Од гледна точка на Владата ова именување може да биде и добар политички чекор – Владата покажа широкоградост и конструктивност со тоа што ја поддржа нејзината кандидатура, а притоа се појавува уште еден потенцијален проблем во редовите на една од поголемите опозициски партии. СДСМ е повторно под цврста контрола на крилото на Зоран Заев, а двајцата против-кандидати на Филипче кои се сметаа за блиски до Шекеринска беа брутално поразени во лидерската трка (со примена на европско-балкански гласачки тактики). Ако Шекеринска реши политички да го капитализира нејзиното именување во НАТО на домашен терен, првата цел на нејзиното елитистичко скопско крило политичари веројатно ќе биде обид за преземање на СДСМ по очекуваниот дебакл на локалните избори, па дури потоа може да се очекува да ја предизвикаат македонската десница.
Ако јас морам да кажам нешто добро за Шекеринска, би рекол дека благодарение на нејзината крајна неспособност да испорача барем дел од ветеното при промената на името, таа нанесе огромна штета и длабоко ја дискредитираше губитничката надворешна политика која СДСМ ни ја сервираше од 2008-ма – годината кога под нејзино раководство, СДСМ за првпат застана на став дека Македонија е практично лошата страна во спорот со Грција и мора да ги прифати сите меѓународни барања. Ако сакаме да се факторизираме како народ и држава на овие простори, ние мораме да ја поразиме политиката на бесконечни отстапки која ни ја сервира „либералната“ левица. Нашите соседи само чекаат СДСМ повторно да дојде на власт и да добијат се што сакаат. Ако сакаме да воспоставиме достоинствени односи со соседите, мораме да дојдеме до ситуација граѓаните и политички активната јавност во старт да ги отфрлаат политиките на отстапки кои ги промовираше Шекеринска. Ако целта да постигнеме чесен договор со Бугарија – никој нема да не почитува ако настапуваме не само од позиција на слабост туку и од култура на само-обвинување која СДСМ ја промовираше. Затоа, фала и за изборните порази, фала и за дискредитирањето на нејзината политичка опција, и нека продолжи да ја гради својата кариера што подалеку од нас.