
Атлетскиот клуб „Фортису“ од Скопје со поддршка од Семос едукација и други спонзори денес со старт на средно Водно над Скопје ја одржаа 4. атлетска трка Семос Едукација Водно 10 км.
Прв на целта пристигна Григоријан Никовски од АК „Делта“ од Скопје со време 31:19 минути ,втор е Александар Арсов од истиот клуб а од „Делта“ е и третопласираниот Атанас Анчевски, четврти на целта беше Роберто Димитриевски од АК „ВЕЛЕС“ од Велес, а петти Сашо Богојевски од АК Атомик.
Организаторот парично ги награди првите петмина и во машка и во женска конкуренција.
Прва на целта кај жените пристигна Адријана Поп Арсова од АК „Делта“ со време 33:43 а и второпласираната Миљана Ристиќ и третопласираната Ирма Хајдари се од истиот АК „Делта“. Четврта на целта пристигна Билјана Кираџиева од АК „Кираџиев Тренинг Системс“ а петта Фросина Михајловска од АК „Аеродром“.
Во штафетата на 10 километри кај мажите повторно победа на АК „Делта“ од Скопје, втори се од АК „Борец“ од Велес, а трети од АК Атомик.
Кај жените први се од РК „Македон“,втори од МС „РУН“ а трети од „Тим Басемент“.
Во мешана штафета мажи- жени прв е тимот на Poetry Run 1,втор на Poetru Run 2, a трети од тимот на 506.
Воедно беа наградени и натпреварувачите во возрасна категорија со над 50 и над 60 години во машка и женска конкуренција.
Инаку денешната атлетска трка организаторите му ја посветија на прерано починатиот Борјанчо Мицевски од Семос Едукација кој во изминатите години учествуваше на трката.
Трката на стартот започна со едноминутен молк и оддавање на почит за сите трагично загинати 59 односно 60 млади животи во Кочани од страна на атлетичарите учесници и ситен присутни на трката и организаторите.
Во изјавата за МИА, Влатко Јакимоски од АК „Фортиус“ потенцира дека целта на оваа веќе традиционална атлетска трка е да ги мотивираат младите на здрав живот и спортување.
– Ние од АК „Фортиус“ редовно трчаме и се подготвуваме на Водно и сакавме и другите да ги мотивираме и да ги донесеме на Водно посебно во овој период крајот на март, кој е малку искористен. Сега почнува пролетта, па преку оваа трка ние како организатори досега и оваа година успеавме да ги мотивираме да дојдат со нас на оваа трка во природа и да уживаат во убавините на Водно, далеку од градското сивило и загадениот воздух. Воедно секоја години и на секоја трка имаме новини и изненадувања за учесниците, а така ќе продолжиме и во наредните години, најави Јакимоски.
Годинава учество земаа 350 активни спортисти и рекреативци од повеќе градови во земјава.