Skip to main content

Фудбалското, ракометното и кошаркаркото првенство ќе одат почесто на Македонската телевизија

Во Министерството за спорт денеска беше презентиран новиот проект за промоција и популаризација на македонскиот спорт. Три национални спортски федерации – ракометната, кошаркарската и одбојкарската федерација на Македонија потпишаа договори за соработка со Македонската радио телевизија (МРТ) со цел да се подигне квалитетот на македонските лиги во најмасовните спортови, но и генерално да се подигне нивото со поголема популаризација на спортот.

– Се работи за еден голем проект кој, народски кажано, чини многу пари, меѓутоа ние како министерство и како држава сме подготвени да го поддржиме заедно и во соработка со МРТ и со националните спортски федерации, а сѐ во интерес и за промоција на македонскиот спорт. Ова е прв чекор од она што треба да го направиме, прво за популаризација на македонскиот спорт, на македонските играчи, а во ист момент да помогнеме и со привлекување на што повеќе спонзори, затоа што не е исто кога она што го спонзорирате оди и на телевизија секоја недела или 2-3 пати во неделата. Од друга страна мислам дека треба да почнеме и македонските национални првенства да ги подигаме на што е можно повисоко ниво, младите македонски спортисти да ги третираме на ниво на кое што треба да бидат третирани и да почнеме да создаваме нови спортски ѕвезди, рече министерот за спорт Борко Ристовски

Одговорниот уредник на МТВ1, Драган Николовски соопшти дека договорите на јавниот сервис со трите национални спортски федерации се однесуваат на проект кој ќе почне од септември и треба да трае четири сезони.

– Министерството за спорт на чело со министерот Борко Ристовски го препознаа моментот и изразија полна поддршка на идејата трите федерации – ракометната, кошаркарската и одбојкарската федерација на Македонија да влезат во едно партнерство на повисоко ниво со МРТ. Заеднички интерес на сите е поголема афирмација и промоција на македонскиот спорт. Идејата е во секоја натпреварувачка сезона во наредните четири години на МТВ3 да бидат емитувани најмалку 50 директни преноси од ракометното, од кошаркарското и од одбојкарското првенство. Ова би било на некој начин прво полувреме, на ист начин, иста или слична поддршка, во вториот дел на проектот ќе има за младинскиот спорт, посочи Николовски.

Проектот за поголема видливост и популаризација на македонскиот спорт наиде на позитивен одзив и кај раководните луѓе на трите национални спортски федерации вклучени во него