
Градоначалникот на Општина Берово, Петар Ружински, оствари средба со членовите на Пингпонгарскиот клуб „Зегин“ Берово, во пресрет на нивното учество на Балканското првенство во пинг-понг, кое ќе се одржи во Елбасан, Албанија.
Пингпонгарите Јован Пармачки и Бојана Јовевска, предводени од тренерот Јован Ковачовски, ќе настапат на престижното регионално натпреварување, каде ќе ги бранат боите на клубот и ќе го носат дресот на македонската репрезентација.
На средбата, Ружински им посака многу успех, спортска среќа и достојно претставување на Берово и државата, истакнувајќи дека нивните досегашни резултати се потврда за посветеноста, дисциплината и напорната работа што ги вложуваат во спортот.
Вие сте гордост за Берово и Малешевијата и инспирација за младите генерации. Со своите успеси покажувате дека и од помалите средини можат да произлезат врвни спортисти. Верувам во вашите квалитети и ви посакувам со достоинство да ги претставите клубот, градот и нашата држава, порача Ружински.
Од Општина Берово информираат дека и во иднина ќе продолжат со поддршка на младите спортисти и развојот на спортот, препознавајќи го нивниот придонес во промоцијата на општината и афирмацијата на вистинските вредности.

Македонски



