
Кошаркарската репрезентација на Македонија втор ден е во Куманово, каде в сабота (2.август) ја очекува натпреварот со Романија. Селекторот Марјан Илиевски со стручниот штаб ги има последните подготовки, а во тимот најголемиот дел се млади играчи.
Еден од нив е и Амар Хот, репрезентативец кој ги мина речиси сите младински селекции на Македонија.
– Чувството да се дели паркетот со млади играчи со кои што сум ги поминал младинските категории е навистина феноменално, особено сега во сениорската репрезентација. Секако тука ќе бидат и поискусните Магдевски и Мекиќ, Вајли и вистинско задоволство да се биде дел од овој тим. Во досегашниот дел од подготовките многу повеќе бевме фокусирани на нашата игра. Заедно со луѓето од стручниот штаб ќе ја анализираме прво Романија, па одиме чекор по чекор, изјави Хот.
Натпреварот Македонија – Романија се игра во Куманово во сабота со почеток во 20 часот. Покрај Романија противник во групата од претквалификациите за Светскиот куп во Катар 2027 ни е и селекцијата на Унгарија.