Skip to main content

Селекторот Милевски за Данска: Штета што ќе играме нагости

 Селекторот Благоја Милевски во првата оценка по денешната жрепка за мундијалскиот плејоф во кој македонската фудбалска репрезентација за противник во полуфиналето ја доби Данска, рече дека станува збор за исклучително квалитетна репрезентација, додавајќи оти во оваа фаза на квалификациите нема лесни противници.

Жрепката која попладнево беше извлечена во седиштето на ФИФА во Цирих, одлучи македонската репрезентација да ѝ гостува на Данска на 26 март во полуфиналниот бараж, додека во случај на триумф, избраниците на Милевски во финалето на 31 март, исто така, на гостински терен ќе играат против победникот од второто полуфинале меѓу Чешка и Република Ирска.

„За разлика од минатиот пат, кога бевме во плеј-офот и ги извлековме топ фаворитите Италија и Португалија, сега на „хартија“ добивме полесен противник, иако морам да потенцирам дека кога си во конкуренција на најдобрите 16 репрезентации, нема лесни противници, напротив. Штета што повторно немавме среќа за евентуален домашен натпревар. Данска е извонредно квалитетна репрезентација, неблагодарно е да даваме каква било прогноза. Во ова друштво нема слаби репрезентации и апсолутно не можеш да се надеваш на сигурен пласман, но ќе дадеме се од себе да бидеме конкурентни и во плеј-офот“, истакна Милевски во изјава за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на Македонија. 

Поврзани вести