
Приходот од продадените влезници за фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Велс ќе биде дониран за повредените и семејствата на загинатите од трагедијата во Кочани, соопшти ФФМ.
Во пораката од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, објавена на сајтот на федерацијата вели дека ова е време кога фудбалот покажува дека е повеќе од игра и дека фудбалот и репрезентацијата обединуваат и помагаат.
Влезниците за натпреварот помеѓу Македонија и Велс кој се игра во вторник, на 25 март во 20:45 часот на Националната арена Тодор Проески се продаваат на веб страницата на ФФМ од 300 до 900 денари.
Според податоците, досега се продадени околу 18 илјади влезници.
„Да продолжиме заедно, со срце и со верба за Македонија. Се гледаме во вторник на Националната арена” повикува Омерагиќ.