Најголемата рок легенда на балканските простори, Горан Бреговиќ, на 23 март ќе одржи голем славенички концерт во спортскиот центар „Јане Сандански”.
Во годината кога се одбележуваат 50 години од основањето на најуспешната ех ју рок  група „Бијело Дугме“, а само еден ден после неговиот  роденден, Горан Бреговиќ со својот „Оркестар за свадби и погреби” ќе одржи голем славенички концерт.

Сите негови фанови во една вечер ќе имаат можност да ги слушнат најголемите хитови од неговата кариера, а Бреговиќ порача да не носиме подароци.

Вие сте мојот најголем роденденски поклон, дојдете во што поголем број, Ви ветувам невероjатен спектакл – „Ко не полуди, није нормалан”.

Пред големиот роденденски концерт најголемата рок легенда на овие простори ја прифати нашата покана за разговор во кој проговори за концертот, за Сараево како метафора, за средбите со Ерик Клептон и Ернесто Сабато, што пресудило да не стане професот по филозофија, туку музичар…

Доаѓате на голем славенички роденденски концерт во Скопје. Во 2019 исто така на Вашиот роденден настапивте во Скопје со проектот „Три писма од Сараево“. Верувам во годините наназад Ви се случило на многу места во светот да прославувате роденден, но дали ќе биде овој специјален на некој начин? Што да очекува публиката?

Вистина е дека сум прославувал роденден на различни страни од светот, но сосема е поинаку кога роденденот го прославуваш меѓу свои. Така што едвај чекам да дојдам во Скопје и да се најдеме таму и да се обидеме да се провеселиме. Ќе свирам весели песни, прво затоа што ми е роденден, а второ затоа што повеќе и не пишувам поинаква музика отколку весела. Главно пишувам весела музика. ќе свирам се, со оглед на тоа дека мојот живот се дели на пред војната и после војната, ќе свирам главно музика која е пишувана после војната па наваму, бидејќи јас имав два почетоци. Ќе свирам песни кои сум ги пишувал за филмови, па песни кои сум ги пишувал кога престанав да пишувам за филмови, но стално мислев дека и тоа е некоја филмска музика, тие беа за некои филмови во мојата глава. Си мислев дека можеби има уште некои луѓе за чии филмови во нивната глава им недостига музика, па еве. Секогаш мислев дека е поважно да се пишува музика за овие некои лични филмови, бидејќи секој од нас има некој свој soundtrack, кога патува, кога не работи ништо, кога пие, кога е расположен, кога не е добро расположен и мислев дека е добро нешто од мојата музика да упадне во такви некои лични филмови. Мислам дека тоа е многу поважно отколку музиката за филмовите кои играат во кино салите.

Проектот „Три писма од Сараево“ беше прогласен за најпродаван Ethno world album во 2018. Сараево е градот кој го носите во срцето. Сте живееле на повеќе места, но веројатно токму тоа е градот што има улици баш за Вашите чекори. Сте размислувале ли да се вратите во Сараево?

Веројатно науката тешко го објаснува прашањето за тоа зошто сме толку врзани за местото во кое сме родени и каде што сме израснале. Веројатно е исто така и со скопјаните во врска со Скопје, па така е и со сарајлиите во врска со Сараево. Се разбира можете да бидете „лекуван сарајлија“, но „излекуван“ – тешко. Да се биде сарајлија е повеќе дијагноза отколку адреса. Од Сараево никогаш не заминав, таман работа. Се уште имам стан во Сараево, пријатели и спомени и уште сум, се разбира сарајлија, дури и кога тоа нема да бидам.

Ќе речете дека Сараево е метафора за нашето време, дека се она што видовме во Сараево во 1991 година, сега го гледаме ширум светот – денес сме добри соседи, а утре пукаме еден на друг бидејќи сме различни. Како гледате на тоа каде оди светот?

Мојата последна плоча се вика „Папокот на светот“ и на корицата од албумот јас го бакнувам стомакот на една бремена Африканка која има тетоважа на земјината топка на стомакот. Сакам да кажам дека без оглед на религијата, на бојата на кожата или на било каква различност, сите ние имаме една единствена мајка која сите не родила, а тоа е планетата Земја, а кон неа се однесуваме полошо отколку кон најлоша маќеа. И како и сите кои имаат деца си мислиме каков свет им оставаме на нашите деца. Што ќе остане од овој убав свет кој ние го имавме за нас. Што ќе им остане нив.

Вие сте единствениот музичар од просторот на поранешна Југославија кој направи светска кариера. Ерик Клептон посака да се сретне со Вас, а Ернесто Сабато Ви подари книга со посвета. Кажете ни нешто повеќе за тие средби?

Јас некако имав среќа да работам со уметници од кои во поинаков случај би барал автограм кога би ги сретнал на аеродром. Од Цезарија Евора до Џипси Кингс, Иги Поп…Така што кога моите соработници ме известија дека се јавил некој и се претставил како Ерик Клептон, јас реков ајде исконтактирајте, и ако не е навистина Ерик Клептон, за секој случај јавете се. Излезе дека навистина станува збор за Ерик Клептон, кој тогаш имаше концерт во Белград и јас секако сакав да одам на тој концерт зошто тој е еден од најважните нешта кои се појавиле во мојот живот. Јас почнав како музичар во стрипитз бар. Свирев во бар во Италија кога се појави групата во која свиреше Клептон и тогаш прв пат слушнав слободна музика која не е џез. И после и ние почнавме  да свириме слободна музика во тие барови кои, се разбира, не исфрлија, за моја среќа. Знаете во стриптиз баровите е удобно, таму можеш да го поминеш животот…убаво се заработува, жените се убави и можеше и мене да ми се случи така да ми помине животот, да не беше Клептон. Во овие години тие елипси кои тргнале во младоста почнуваат да се затвораат. Клептон дојде во Белград, се видовме на концертот и следниот ден дојде да пиеме кафе во моето атеље. Сакаше да види на што работам, на какви гитари свирам…и ми рече дека мојата прва плоча ја добил на подарок од Скорсезе и после тоа постојано ги купувал моите плочи. А Сабато е исто така една елипса. Кога имав концерт во Буенос Аирес на рецепција во хотелот каде што бев сместен ме дочека плик и во него беше книга со посвета од Ернесто Сабато, каде тој вели дека мојата музика многу пати го спасила во моменти на депресија и дека е премногу стар за да дојде на мојот концерт и посакува убав настап. Јас нему му напишав писмо во времето кога бев на отслужување на воен рок во Ниш. Во тоа време на одреден број војници имаше не знам колку книги во библиотеката во касарната. И бидејќи тоа беше огромна касарна и имаше многу војници, сите книги беа украдени, освен книгите на Маркс, Енгелс и на Тито и латиноамерикански писатели кои во тоа време се уште не беа во мода. Јас, можеби за прв и единствен пат кога сум украл нешто, беше токму таа книга со предговор на Борхес, која сега Сабато ми ја подари. Тоа издание го понесов со себе во Сараево и имаше потоа свој живот. Им ја позајмував на пријатели, но кога почна војната заедно со останатите нешта ја изгубив и својата библиотека, а потоа ова негово писмо и подарената книга како да ми даде знак, бидејќи дотогаш мислев дека два пати да се прави библиотека од почеток е можеби премногу. И тоа беше знак дека можам повторно да почнам да создавам своја домашна библиотека. Така што и тоа беше една елипса, од многуте кои тргнаа одамна од Сараево, и сега последниве години се затвораат.

Пишувате песни, компонирате, одржувате концерти, снимате албуми, но и филмови…Каде Горан Бреговиќ најмногу ужива? Во што најмногу се пронаоѓате?

Добро е кога и во овие години има многу нешта кои можам да ги учам и многу нешта во кои можам да уживам. Се уште сакам да сум на турнеја, покрај мене да поминуваат градови. Доколку би свирел само на оваа територија веројатно би ми здосадило, но бидејќи свирам низ цел свет – навистина го сакам тоа. Кога животот ви се врти меѓу Сибир и Исланд,  и Јужна Америка и Нов Зеланд, и Макао и Хонг Конг околу стотина дена во годината, веројатно е пријатно. Некој можеби би рекол: „О па тоа е напорно толку континети“, но што би работел друго? Да одам на риболов?  Така што мислам дека сега добро пишувам и можеби најмногу уживам во ова што го работам.

Музиката е јазик кој сите го разбираат. Каква музика сакате да слушате за своја душа? Која би ја нарачале во кафеана, на пример?

Искрено, јас повеќе не слушам никаква музика. Секогаш мислам дека сум како некој стар гинеколог кој кога ќе дојде дома, без оглед што ја работи најубавата работа на светот, сепак не го работи тоа кога ќе дојде дома. Така и јас, не слушам повеќе музика. Кога ќе одам во кафеана, пак, нашата народна музика има многу малку весели песни, па така што главно порачувам весели песни. Но, нив, за жал, ги нема многу, зошто ние сме народ кој и кога се весели пее тажни песни. Е тоа, за некој од страна изгледа многу чудно.

 „Бјело дугме“ ја испиша музичката историја на поранешна Југославија. Морам да Ви признам, омилени ми се „Лоше вино“ и „Има нека тајна веза“. Како се инспириравте за песните? Дали се вистински настани во прашање? Вистински личности?

„Лоше вино“ всушност ја пишував за Здравко Чолиќ, бидејќи недостигаше една песна во студиото кога ја продуцирав таа плоча. Ја напишав набрзина, а и Арсен за пет минути го напиша текстот, додека „Има нека тајна веза“ беше пишувана за документарен филм за затворски чувар. Ако добро се погледне текстот не станува збор за љубовен текст, туку говори за тоа дека „овие сите ќе излезат од затворот кога ќе ја отслужат казната, само тој затворски чувар и понатаму ќе остане да биде во тој затвор“ – „Sidro koje ladju cuva, da ne bude buri plijen…“. И прв пат ја снимав во Централниот затвор.

Како изгледаше за Вас, во тоа време, да се биде ѕвезда во онаа Југославија, од Триглав до Гевгелија?

Веројатно да се биде ѕвезда секаде е исто. Секогаш имате од се премногу. Премногу слава, премногу пари, премногу жени…премногу од се, и тогаш по некое време „ се прејадувате“ од сето тоа и веќе последниве години некако се потешко ми паѓа таа улога да бидам тој познат фраер што свири гитара. Сега некако овој дел од мојата кариера ми се допаѓа, бидејќи немам обврска да бидам „убав гитарист“. Повеќето луѓе кои ја слушаат мојата музика дома, немаат воопшто  обврска да знаат како изгледам, ниту има потреба од тоа.

 

Имавте можност да бидете професор по филозофија, но се одлучивте за музиката. Што беше она што пресуди во изборот?

Ако во средно училиште сте имале предмет Филозофија, знаете дека професорот по Филозофија, за разлика од професорот по Математика нема никаков авторитет, веројатно со право. А во она време на комунизмот кога ќе завршите Филозофија, ќе добиете титула професор  по Марксизам, така што мојата судбина беше да им предавам на децата Марксизам, а тоа баш и не е некоја професија и јас веќе кога бев четврта година мислев дека тоа е тешка судбина за мене. Кога станав ѕвезда тоа ме спаси од таа судбина да им предавам Филозофија на децата во средно училиште. Многу подобро е да се биде ѕвезда.

Имате ли некоја максима која ви е водилка во животот? Сте поминале многу искуства и предизвици, па што е она што секогаш Ве држи да истраете и во најтешките моменти?

Мислам дека ја открив работата. Се разбира, многу подоцна од другите луѓе, бидејќи не бев приморан да работам кога бев помлад, туку почнав да работам кога во војната се најдов во странство, бидејќи бев приморан, останав без ништо. Така што мислам дека треба да се работи. Единствена елегантна човечка состојба е човек кој работи. Колку и да сте талентирани. Може да ми кажете име на било кој уметни, тој сигурно работел осум часа како цел нормален свет. Верувам во работа од осум часа, бидејќи талентот е како некоја паста за заби. Ако не притиснете нема ништо да излезе. И јас денеска сакам да работам осум часа како цел нормален свет.

Што би сакале да им порачате на своите помлади колеги? Каков совет би им дале од оваа перспектива со сето искуство зад Вас?

Ако веќе сте се одлучиле да бидете музичар вие сте на теренот на најдлабокиот човечки говор, така што немојте да се занимавате со тоа за да имитирате нечиј туѓ говор, бидејќи тоа , прво нема смисла, а второ – тоа е невозможно. Потпрете се на традицијата од која доаѓате колку и да е таа мала.

Влатко Стефановски, виртуозот на гитара, неодамна во интервју за Танјуг ТВ изјави дека денешната музика се прави како да правите колбаси, дека е фабрикувана и за него не е интересен тој начин на создавање музика. Дали би се согласиле со него? Како гледате на новите бендови? На денешната музика?

Јас не би бил толку строг како Влатко. Се разбира, дека и сега има добра музика, а има и лоша –  исто како што ја имаше и во наше време- и добра и лоша. А веројатно како Влатко сакам да се сретнувам со луѓето додека ја правам музиката. На моите плочи секогаш се наоѓаат некои луѓе кои поминуваат низ моите плочи и оставаат траги. Тоа никогаш не е „ ти испратив фајл, па после ти мене ми праќаш фајл“… Секогаш јас сум патувал, ако треба до најодалечените места. Сум патувал до Бразил за да снимам, до Москва за да снимам балалајка…Веројатно и јас и Влатко така ја замислуваме музиката. Тоа беше некој момент кога се јаде, се пие и се прави музика. Тоа ќе ни остане во спомените. А тоа „фајлови летаат лево-десно“ тоа не остава никаква трага во нас. Можеби ако остави некаде по светот, но не остава во нас. Ми се чини дека на нашата генерација, мојата и на Влатко, таквите моменти се скапоцени.

На концертот во Скопје „Леб и сол“ и Бреговиќ ќе бидат на иста сцена, баш како некогаш. Во далечната 1977 година „Леб и сол“ и „Бијело дугме“ прв пат застанале на иста сцена, и тоа во Скопје, но не и последен, зашто следувале уште неколку заеднички дружби ширум целата поранешна држава. Сега, после речиси 47 години следува реприза.

60-минутниот настап на Леб и сол ќе биде своевидно патување низ времето и враќање во далечната 1977 година кога членовите чекајќи го миксањето на деби албумот за ПГП РТБ ја добиле понудата да бидат предгрупа на „бандата“ на Бреговиќ. Овој настап бил исклучително важен за подигањето на самодовербата на членовите на „Леб и сол“, кои биле дел и од концертите во Сараево, Нови Сад и белградскиот кој бил своевидно испраќање на Бреговиќ во тогашната ЈНА.


разговараше: Невена Поповска



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.