
По двата магични скопски концерти кои самиот под објавите на социјалните мрежи ги вброи меѓу 10. најубави во досегашната кариера, црногорскиот романтичар Сергеј Ќетковиќ со нетрпение го брои секој ден до следниот музички бисер – концертот под ѕвездите, во волшебниот амбиент на Античкиот театар во Охрид, закажан за 3 август.
Овојпат, Ќетковиќ ќе настапи во специјално издание – придружен од Битолскиот камерен оркестар, во спој на глас, чувства и живи инструменти. Вели дека со нетрпение го очекува ова доживување и не крие колку длабоко го чувствува Охрид.
„Не се ова додворувачки муабети, навистина едвај чекам да дојдам во Охрид. Тој град не е само дестинација – тој е емоција. Секое доаѓање ми буди нови чувства, а Античкиот театар… тоа е место со душа“, вели Сергеј за кого престојот во Охрид, признава, ќе биде повеќе од концерт.
„Овојпат решив да останам неколку дена и побарав само едно – соба со поглед кон езерото. Тоа не се пропушта. Тоа е мир што ти го полни срцето“, додава пејачот и ветува вечер за паметење – каде што музиката ќе биде мост меѓу минатото и сегашноста, а секоја нота – честичка љубов.