
На 26 септември 2025 година, со почеток во 20:00 часот, во Културно-информативниот центар – Скопје (Салон 19:19), ќе се одржи концерт на импровизирана амбиентална музика на Амплидајн Ефект.
Амплидајн Ефект е проект на продуцентот Мартин Георгиевски од Скопје, активен од 2009 година. Во текот на изминатите години има издадено бројни албуми и настапувано на реномирани регионални и меѓународни фестивали, меѓу кои: Похода (Словачка), Десонанз, Лајв Саундтрак (Белград), ToBe Continued (Италија), ПНЕМ Саунд Арт Фестивал (Холандија) и Скопскиот џез фестивал. Исто така, има соработувано со Пост Глобал Трио, Светлост + Одрон Ритуал Оркестра и многу други уметници.

На овој концерт ќе настапи со соло импровизиран сет на пијано, клавијатури, гитара и лупови. Белгискиот медиум TURBULENCES VIDÉO го опиша неговиот последен албум како „Oрганска звучна атмосфера, балансирана меѓу психоделичен амбиент и кинематографско искуство, инспирирано од бетонската естетика на Скопје. Слушателот е повикан на нежна имерзија водена од кристални гитарски линии и електронски текстури. Во целина, Амплидајн Ефект успева да ја трансформира неизвесноста во аудиовизуелно „slow trip“ искуство што го впива слушателот во својот свет.”