Skip to main content

Концерт на уникатниот квинтет саксофонисти – СаксКлар во Македонскиот КИЦ во Софија

На 4 декември (четврток) 2025, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи концертот на квинтетот саксофонисти – СаксКлар. Реномираните саксофонисти: Стојан Димов, Нинослав Димов, Горан Трајковски, Григори Ангелов и Ѓорѓи Димовски го сочинуваат квинтетот кој е единствен камерен состав од овој вид, не само во Македонија, туку и пошироко.

Македонските музичари пред софиската публика, преку аранжманите на Нинослав Димов специјално подготвени за овој неконвенционален музички камерен ансамбл, ќе се претстават со исклучителен репертоар, кој вклучува разни музички стилови, и ќе ги задоволат сите сетила и вкусови на љубителите на музичката уметност.

На програмата на концертот се дела од генијалните музички имиња: Волфганг Амадеус Моцарт, Јохан Себастијан Бах, Џорџ Гершвин, Бела Барток и Бела Ковач.

САКСКЛАР КВИНТЕТ:

Стојан Димов завршува основно и средно музичко образование во Велес и Скопје, Македонија. Од 1975 до 1980 година бил на додипломски и постдипломски студии во Универзитетот во Скопје и Загреб, во класите на проф. Иван Кочаров и проф. Јосип Нохта. Својата втора магистерска диплома ја добива во 1993 година на Универзитетот во Скопје. Од 1980 до 1995 година е соло кларинет на Македонската филхармонија, а во исто време е и член на Биг бенд при Македонската радио и телевизија. Од 2002 година е член на групата на Горан Бреговиќ. Преку годините бележи многубројни рецитали, солистички настапи со најпознатите светски оркестри, соработка со најдобрите диригенти, и многу настапи во разни камерни ансамбли. Денес, тој е еден од најактивните македонски музичари со настапи по целиот свет на годишно ниво.

Нинослав Димов е роден на 06.04.1982 година во Скопје. Со музичко образование започнува уште од најмала возраст преку изучување на пијано во Државниот музичко балетски центар „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Во меѓувреме покажува и интерес инструменти саксофон, за дувачките кларинет и со и нивно практицирање продолжува до денес. Од 2000 година студира Саксофон на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде дипломира (Cum Laude) во класата на проф. Стојан Димов во 2004 год. По завршувањето на додипломските студии, во 2005 година запишува постдипломски студии на истиот факултет и класа, каде магистрира во рекордно време во 2006 год.

По дипломирањето во Скопје, 2004 година продолжува со своите студии во Берлин, Германија, на Universität der Kunste, во класата на проф. Детлеф Бенсман. Во Берлин 2006 год. успешно ги завршува додипломските студии по саксофон и продолжува со специјализација “Konzertexamen” се до 2009 год. За Нинослав, престојот во Берлин е од огромно значење во неговиот уметнички развој. Преку работата со меѓународно реномираниот саксофонист Детлеф Бенсман го гради својот денешен уметнички израз, за кој е карактеристична прецизната техника, префинета интерпретација и леснотијата на изведувањето при користење на максималните можности на инструментот. Учесник е на повеќе семинари и летни школи по саксофон (Хрватска, Словенија, Франција, Грција, Германија), како и на национални и меѓународни натпревари (Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Грција, Словенија, Германија…), каде е добитник на повеќе награди.

Саксофонистот Горан Трајковски своето музичко образование го гради во Државното музичко училиште во Битола, а потоа на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Стојан Димов, каде што магистрира во 2011 година. Во својата кариера како солист бележи настап со Македонската филхармонија и Битолски камерен оркестар, каде што и самиот е дел од оркестарот како саксофонист по потреба. Учесник е на повеќе семинари кај врвни уметници и педагози, како што се проф. Детлеф Бенсман, професор на универзитетот во Солун и други значајни уметници и педагози. Од 2014 година работи како професор по саксофон и кларинет во Државното музичко училиште во Битола каде бележи одлични резултати со своите ученици. Од 2020 година ја презема улогата на организатор и уметнички раководител на реномираниот фестивал СаксКлар, кој по својата уникатност е единствен фестивал од овој вид во регионот.

Григори Ангелов (2003) е роден во Скопје, Р.Македонија. Своето основно и средно музичко образование го стекнува во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј” во Скопје, Р.Македонија, на инструмент саксофон во класа на проф. Владимир Трајаноски.

Во текот на своето образование има учествувано на натпревари во рамки на државата и во регионот, како и многубројни семинари и фестивали по саксофон низ Европа. Некои од тие фестивали и натпревари се: Меѓународен натпревар по саксофон во Лариса, Република Грција (II место); Државен натпревар по саксофон 2022 (I место); Меѓународен натпревар по саксофон “Саксофонијада” во Смедерево, Република Србија (II награда); Меѓународен натпревар по саксофон “Lions” во Солун, Република Грција; Меѓународен фестивал по саксофон “АС Блед” во Блед, Република Словенија; Меѓународен фестивал по саксофон “Емона” во Љубљана, Република Словенија; Меѓународен фестивал по саксофон “Саксофобија Братислава” во Братислава, Република Словачка; Меѓународен фестивал по саксофон во Грац, Република Австрија; Има посетувано семинари кај врвни професори по саксофон од Европа меѓу кои Арно Борнкамп (Холандија), Николас Прост (Франција), Леу Пупис (Словенија), Томислав Жужак (Хрватска), Ханс де Јонг (Холандија), Јохан ван дер Линден (Холандија), Никола Арсенијевиќ (Франција).

Моментално е III година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, при УКИМ на дипломски студии по саксофон кај проф. м-р Нинослав Димов.

Ѓорѓи Димовски (2004) почетокот на своето музичко образование го започнува во неговиот роден град – Битола, во Државното Музичко Училиште, во класата на проф. м-р Боби Коминовски. Понатамошното освновно и средно образование ги продолжува во класата на проф. м-р Горан Трајковски. Во моментов тој е студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. м-р Нинослав Димов.

Ѓорѓи учествувал на повеќе меѓународни и државни натпревари на кои се стекнал со 4 први награди на државниот натпревар во Скопје од кои една специјална, прва награда на меѓународниот натпревар „Охрид те сакам“, 2 први и 1 втора награда на меѓународниот натпревар „Стеван Мокрањац“ во Србија-Пожаревац, 2 први награди на меѓународниот натпревар „Саксклар“ во Скопје, 1 прва награда на меѓународниот натпревар „Охридски Бисери“ и 2 лауреати на меѓународниот натпревар во Лариса-Грција во 3 та и 4-та категорија, каде два пати е награден со алт саксофон. Исто така, учествувал на натпревари по камерна музика на државниот натпревар во Скопје и на меѓународниот натпревар „Охридски Бисери“. Учествувал на бројни семинари кај светски реномирани саксофонисти меѓу кои Никита Зимин(Русија), Детлеф Бенсман (Германија), Стојан Димов (Македонија), Нинослав Лигеридис (Грција), Статис Димов(Македонија), Асја Фатеева (Украина), Јорго Мавроматис (Грција), Драган Сремец (Хрватска), Лео Пупис (Словенија), Матјаж Древеншек (Словенија), Барбара Страк-Ханиш(Австрија), Филип Портажуа (Франција). Настапувал и како солист заедно со Македонската Филхармонија во 2022 година. Ѓорѓи соработува и со други оркестри како што се Дувачкиот Оркестар од Битола, Камерниот Оркестар од Битола и FAME’S.

Поврзани вести