
Во недела, на шести јули, во Сули ан во Скопје ќе настапи еминентниот виолинист и диригент Емилио Перцан, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа.
Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа.
Публиката ќе има можност да ужива во репертоар кој ги обединува Вивалди, Делабако, Пучини и Рихтер – различни музички епохи – од барокот и романтизмот, па сè до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните Четири Годишни Времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени.
Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование,“ велат од тимот на „Фејмс“.
Емилио Перцан, кој веќе настапувал на сцени како Театро Колон во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам, ќе се појави во двојна улога – како солист и диригент. Отворениот амбиент во Сули ан ќе овозможи интимна и несекојдневна атмосфера, совршена за љубителите на класичната музика.
Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места, оваа вечер ветува уникатно, интимно музичко доживување под отворено небо.

Перцан настапува како солист и концертмастер со различни европски оркестри од 2006та година, соработувајќи со уметници како Викторија Мулова, Даниел Хоуп, Симоне Кермес, Дороте Милдс, Иври Гитлис, Морис Штегер, Јулија Леѐжњева, Вивика Жено, Едита Груберова, Даниел Милер-Шот и Чен Рајс. Студирал на Фолкванг-скиот Универзитетот за уметности во Есен, каде што изучувал виолина со проф. Питер Даниел, камерна музика со проф. Дирк Момерц и барокна виолина со Стефан Шардт.
Покрај својата изведувачка дејност, тој е и страсен педагог. Во 2012 година бил назначен за гостин-професор по виолина и камерна музика на Државниот универзитет за уметност и култура во Москва, а од март 2015та година предава виолина на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Грац. Во 2020 година тој бил назначен и на музичката академија „Калаидос“ во Цирих. Емилио Перцан е уметнички директор на Меѓународната летна школа за музички мастер курсеви во соработка со Jeunesses Musicales/Музичка Младина од 2013та година.