
Целовечерен самостоен концерт на „Фолтин“ ќе се одржи во сабота, 6 септември, на летната сцена на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, со почеток во 21:30 часот.
Оваа и следната година „Фолтин“ ја одбележуваат својата 30-годишнина од формирањето и првиот самостоен концерт. Основана во 1995 година во Битола, групата е препознатлива по својот уметнички и експериментален израз. Текстовите често се фонетска имитација на неколку медитерански јазици – „спонтан есперанто“, како што самите го нарекуваат. Нивниот препознатлив стил, „псевдо-емигрантско кабаре“, е амалгам од традиционална музика, електроника и рок, збогатен со визуелни елементи од кабаре и перформанс.
Со текстовите на македонски јазик, „Фолтин“ отвора ново поглавје, внесувајќи влијанија од алтернативниот рок и новиот бран, но задржувајќи ја врската со традиционалната музика и концептот на кабаре. Групата има објавено повеќе од десет студиски изданија, а нивната музика е дел од над триесет театарски претстави и неколку филмови („Плати и жени“, „Со љубов“, „Исцелител“, „Медена земја“ и др.).
Настанот се организира во соработка со ЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп и е финансиски поддржан во рамките на Програмата за проекти од национален интерес за 2025 година на Министерството за култура и туризам на Македонија.