
Женското трио „Фрајле“ синоќа го донесоа духот на Нови Сад во Скопје. Панонските девојки ја размрдаа публиката во Македонската филхармонија. Ред романтика, ред тамбураши. Нивната музика мириса на Балашевиќ. Затоа и „Девојка са чардаш ногама“ ја испеаја за човекот што бил инспирација да почнат да се занимаваат со музика. И настапот им е сличен на Ѓоле, малку песна, малку шеги.

Па така „Фрајлите“ се пофалија дека како женска група траат повеќе од „Спајс грлс“ иако им предвидувале само неколку години. Колку ја почитуваат Македонија покажаа со мастралната изведба на „Јовано Јованке“.

„Фрајла“ на германски јазик значи госпоѓица или дама, но Јелена, Невена и Наташа се вистински мангупки. Се редеа и песни од Оливер Драгојевиќ, Звонко Богдан, како и од нашите Леб и Сол, а публиката во еден глас ја пееше нивната „Ночас си мое вино“. Фрајле се доказ дека Македонците иако се од југот сакаат тамбураши и салаши типични за Војводина и северот.

Македонски








