Skip to main content

Второто продолжение од хитот за деца „Кариран нинџа 2“, синхронизиран на македонски, во кината

Продолжението на најгледаниот дански филм за деца „Кариран нинџа 2“ од утре пристигнува и во домашните киносали. Филмот во режија на Андерс Матесен и Торбјорн Кристоферсен ќе има премиера од 12 часот во Кинотека, од 18 часот во киното „Милениум“ во Скопје и од 19 часот во Домот на култура „Бранд Петрушев“ – Богданци. Филмот се прикажува и во салите на „Киноверзум“ во Скопје, Велес и Штип, а од 7 декември ќе игра и во киното „Манаки“ во Битола.
Во „Кариран Нинџа 2″ повторно го следиме Алекс и неговата карирана нинџа кукла во нивната мисија против злобниот Филип Еперминт. Кога Еперминт ќе успее да ја избегне затворска казна во Тајланд, карираниот нинџа повторно оживува и го наоѓа Алекс. Заедно, со помош на семејството на Алекс, тие заминуваат за Тајланд за да го изведат злосторникот пред правдата. Алекс и неговата нинџа кукла ќе се впуштат во опасна мисија каде што нивното пријателство ќе биде ставено на сериозен тест.
Филмот е синхронизиран на македонски јазик и на албански јазик.
„Кариран нинџа 2“ ја доби наградата за најдобар филм за деца и млади на Данските филмски награди во 2022 година, како и наградата „Зулу“ и „Бодил“, главните дански филмски награди што ги доделува Данската асоцијација на филмски критичари.