
Последниве 12 години немам работено со режисерот Кристофер Нолан, но тоа е еден дел од мојата филмска историја. Почнавме со работа на „Мементо“ во 2000-та година и тогаш сфативме дека многу добро се согласуваме, лесно комуницираме. Продолживме да работим заедно и на некој начин учевме еден од друг. Неговата кариера од година во година оди во нагорна кариера и минатата година беше избран на претседател на Друштвото на режисери на САД. Во меѓувреме ги снимивме другите негови филмови, трилогијата со Бетмен и имавме многу плодна соработка од 1999 година до 2012 година и тоа е еден многу убав период од моето работно искуство, рече Воли Фистер годинешниот лауреат на Специјална камера 300 за особен придонес во филмската уметност, на денешната прес конференција.
Посочи дека кога работел со Нолан снимале на филмска лента, а Кристофер Нолан и понатаму продолжил да работи на филмска лента, додека тој самиот почнал да гористи дигитална камера за снимање.
Токму овде во Битола разговаравме со некои колеги за тоа колку дициплинирани не држеше снимањето на филмска лента. Тогаш имаме строг, цврст распоред за тоа како ќе работиме. Имавме негатив кој требаше да се развие во лабораторија, така што целиот процес на снимање поради тоа беше многу постегнат и подисциплиниран. Сметам дека многу е убаво што снимањето на филмска лента се одржува во живот и многу е убаво кога се гледа филм снимен на филмска лента во кино сала, рече Фистер.
Во однос на снимањето на филмот „Темниот витез“ рече дека прв пат работеле од Ајмакс технологијата и мораше многу да тестираат и пробуваат пред снимањето.
Тоа беше револуционерна технологија, и самите камери не беа прилагодени и беше предизвик да се снима на тој начин. И самиот Кристофер Нолан одлучи првата сцена да ја сними шест месеци порано за да можеме да ја разбереме технологијата и да ја користиме. А потоа веќе снимањето се одвиваше на вообичаен начин, раскажа Фистер и рече дека негова задача е визијата на Нолан да ја преточи во визуелен јазик и снимал од рака за да има природност во фотографијата, рече Фистер и дополни дека кога работел со Нолан постојано бил вклучен и во сценографијата и давал согледувања колку тоа технички ќе функционира на камера.
Рече дека е разочарувачко и загрижувачко што повеќе нема каде да се прикажуваат филмови снимени на филмска лента.
Уште поголем проблем е исчезнувањето на кино салите, се помалку луѓе одат во кино да гледаат филмови, а треба да се задржи публиката зошто тогаш има колективна енергија и тоа е нешто неповторливо. Можеби би требало филмовите прво да се прикажуваат во кино салите па потоа на платформите е начинот да се задржат кино салите и публиката, посочи Фистер.
Во продолжение на средбата со новинарите беше претставена Фредерик Менант, кинематограферка од филмот „Гимнастичари“ прикажан во рамките на документарната програма.
Ова е многу личен филм зошто мојот татко беше гимнастичар, но и филмаџија. Во него сакав да ја покажам леснотијата на нивните движења, но не можевме да ги натераме да ги повторат движењата. Но, тоа воопшто не е лесно и затоа со овој документарен филм сакав да го покажам напорот кој се вложува и гравитацијата која ги влече надолу, а сепак движењата нас ни изгледаат лесни, рече Менант.
Вели дека има убавина во снимањето на филмска лента, ве држи пофокусирани и подисциплинирани во работата.
Од селекцијата на кратката играна програма, на денешната прес конференција беа претставени кинематограферите на филмовите „Боговите“- Силвио Гарбер и Тадеј Винтар, кинематографер на филмот „Добре дојдовте дома“.
Инспирацијата за филмот доаѓа од авторот. Филмот е црно-бел, бидејќи дел од детството го поминал во Дубаи и сите сеќавања од детството му се во црно-бело и е мошне лична приказна. Имавме одлична соработка и во момнтов тој подготвува нов филм, рече Гарбер и посочи дека од снимањето на документарните филмови научил да биде флексибилен при работата.

Филмот „Добре дојдовте дома“ ја имаше светската премиера на „Браќа Манаки“.
При снимањето на филмот моравме да се потпреме на некои сведоштва или искуства на постарите членови на нашите семејства бидејќи ние сме помлади и немаме податоци за тие настани. Филмот е исто така во црно-бела техника и претставува лична приказна. Режисерот имаше идеја, има остра приказна и сметавме дека тежината на приказната добро ќе функционира со црно-белата техника, рече Винтар.