
„Недела на полски филм“ ќе се одржува од денеска до 17. месецов во Кинотека по повод претседателството на Република Полска со Советот на Европската Унија. Кинотеката ги организира активностите во соработка со институтот „Адам Мицкевич“ од Полска и со поддршка од Амбасадата на Република Полска во Скопје. Во рамки на оваа тематска филмска недела, публиката ќе има можност да погледне избор од значајни полски филмови кои оставиле траен белег во европската и светската кинематографија. Програмата опфаќа наслови од различни генерации и стилови, вклучувајќи ги делата на прославените режисери Кшиштоф Кјешловски и Агњешка Холанд, како и современи гласови како Агњешка Смочинска и Куба Микурда.
Филмската недела ќе започне вечер во 20:00 часот со проекција на филмот Соларис, Љубов моја (Solaris mon Amour, 2023) – визуелен и поетски омаж инспириран од филмот на Андреј Тарковски и романот на Станислав Лем. Влезот за овој филм е бесплатен. Гостинка на оваа проекција ќе биде монтажерката на овој филм Лаура Павела, која по проекцијата заедно со режисерите Саша Станишиќ и Јане Алтипармаков ќе разговаат за нејзината работа на ова филмско дело.
Сите проекции ќе се одржат во кино-салата на Кинотеката, со почеток во 20:00 часот, а ќе бидат прикажани филмовите Слепа шанса (Przypadek / Blind Chance, 1987), Осамена жена (A Lonely Woman / Kobieta samotna, 1987), Актери од провионција (Provincial Actors / Aktorzy prowincjonalni, 1979), Зелена граница (Green Border/Zielona granica, 1923) и Јадицата (Córki dancing/The Lure, 2015)
Програмата е реализирана во соработка со Институтот „Адам Мицкевич“ како дел од меѓународната културна програма на Полското претстедателство со Советот на Европската Унија 2025.
Соларис љубов моја, во режија на Куба Микурда, е хипнотички и емотивно набиен филмски есеј кој ја реинтерпретира иконската новела „Соларис“ на Станислав Лем низ призмата на лична загуба и посттрауматска меморија. Овој 47-минутен документарен филм, направен од архивски материјали, користи фрагменти од над 70 едукативни филмови од 60-тите години произведени во Филмското студио во Лоѓ, заедно со радио адаптации на „Соларис“ од 1962 и 1970 година. Резултатот е уникатна аудиовизуелна медитација за жалост, меморија и неможноста да се избега од минатото. Гостинка во кинотеката ќе биде монтажерката на филмот, Лаура Павела и ќе зборува за нејзината работа.
Станислав Лем, стои во најавата за филмот, започнува да го пишува својот влијателен роман „Соларис“ истата година кога излегува „Хирошима Мон Амор“ на Алан Ренес. Режисерот Куба Микурда наоѓа сличност во овие навидум различни дела. За него тие се студии за посттрауматската меморија – потиснати спомени што го отвораат својот пат во свеста и бараат да се изразат. Во таа смисла филмот не е класична адаптација, туку психоаналитичка интерпретација, како што самиот Микурда го опишува – „сон за Соларис“. Режисерот, заедно со монтажерката Лаура Павела и композиторот Марчин Ленарчик, создава трансцендентално искуство каде црно-белите слики од научни експерименти, космосот, микроскопски организми и човечки лица се спојуваат со меланхоличен саундтрек и наративни фрагменти. Овие елементи го отсликуваат внатрешниот свет на Крис Келвин, протагонистот од „Соларис“, кој се соочува со материјализираните спомени на својата почината партнерка. Личната трагедија на Микурда – загубата на неговата партнерка Јагода Мурчињска – додава длабоко интимна димензија.
Архивските снимки, иако првично наменети за едукативни цели, се лишени од нивниот оригинален едукативен контекст. Тоа се воглавно крупни и апстрактни кадри, трансформирани во поетска нарација што го истражува човечкото искуство. Секвенците со ѕвезди, пламени, крвни клетки и технолошки уреди создаваат чувство на космичка и микроскопска интроспекција, додека нарацијата од радио-адаптациите додава емотивна тежина. Филмот остава траен впечаток со својата способност да ги спои Лемовата фикција, историскиот контекст на повоената Полска и личните искуства на режисерот. Темите за траумата од холокаустот, инспирирани од истражувањата на Агњешка Гајевска, се суптилно вткаени, додавајќи слој на културна и историска длабочина. „Solaris Mon Amour“ е храбар експеримент кој ја докажува моќта на филмскиот есеј да ги истражува сложените емоции и меморијата, информира Кинотека.