Кинотеката на Македонија со дигиталната реставрација на филмот МИС СТОН по четврти пат ќе биде дел од европскиот проект „Сезона на класични филмови“ кој е во организација на Европската асоцијација на кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes).
По успешните дигитализации на филмовите МИРНО ЛЕТО (1961), ФРОСИНА (1952), МЕМЕНТО (1967) и реставрираните етнолошки филмови на Вера Кличкова – РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО (1957), ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ (1954), МАРИОВСКА СВАДБА (1966), Кинотеката оваа година работеше на дигитализација и реставрација на филмот МИС СТОН на Живорад Жика Митровиќ од 1958 г. Проекцијата на новата дигитализирана копија на МИС СТОН ќе се одржи на 20 декември (петок) во 20 ч. во киносалата на Кинотеката, а филмот истовремено, преку „лајв стриминг“, ќе се прикаже на официјалната Јутјуб страна на Кинотеката, како и на социјалните мрежи на Кинотеката и на Европската асоцијација на кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes).
Филмот „Мис Стон“ е инспириран од вистински настан што се случил во 1901 година – киднапирањето на американската протестантска мисионерка Елен Стоун и нејзината сопатничка Катерина Цилка од страна на четата на Јане Сандански, кои за нивно ослободување бараат откуп што треба да служи за финансирање на македонската револуционерна борба.
Приказната е заснована на вистински настани кои историчарите ќе ги опишат како „Првата модерна американска заложничка криза“. МИС СТОН филмската критика ке го опише како т.н „истерн“ т.е. вестерн филм изработен во „источна“ иконографија.
Своевремено, МИС СТОН беше меѓу најскапите и најамбициозни југословенски продукции, прв македонски филм во колор, но и и прв југословенски филм во тоталскоп техника – како што тогаш се снимаа костимираните историски епопеи во филмското студио Чинечитаво во Рим, Италија. Филмот, во режија на тогаш едно од најголемите режисерски имиња во Југославија, Живорад Жика Митровиќ, беше отскочна штица за продуцентската куќа „Вардар филм“, преку која се докажа пред конкурентните, поискусни и подобро екипирани филмски претпријатија на југословенскиот филмски пазар, а во исто време даваше приказ на македонското историското минато за кое дотогаш ретко се истражуваше и јавно пишуваше, и за кое многу малку се знаешe. Сценариото е на писателот Ѓорѓи Абаџиев и режисерот Трајче Попов, додека пак главните улоги ги толкуваат Олга Спиридоновиќ, Илија Милчин, Марија Тоциноски, Илија Џувалековски, Драган Оцоколиќ, Драги Костовски, Вукан Диневски, и секако, незаборавниот Петре Прличко.
Олга Спиридоновиќ и Петре Прличко за своите улоги – Елен Стон и Манданата – биле наградени со „Златна арена“ за најдобра актерка и најдобар актер на филмскиот фестивал во Пула во 1959 година.
Проектот „Сезона на класични филмови“ (A Season of Classic Films), надоврзувајќи се на успехот од претходните години, и оваа година ќе нуди бесплатни проекции на новореставрирани филмови во кино и онлајн, со цел да се подигне свеста за работата на европските филмски архиви и нивната работа во заштитата и реставрацијата на филмови и кино културата, особено за помладите генерации.
Во досегашните пет изданија, овој проект поддржа реставрација и проекции на повеќе од 170 европски филмови, а за Кинотеката тоа значеше дигитализација и реставрација на три играни и три документарни македонски филмови.
Секоја од институциите која е дел од овој проект ги презентира избраните филмски класици – дигитално или аналогно реставрирани – пред публиката и „он-лајн“ или со проекција во живо, а во придружба на посебно компонирана музика или музичка изведба во живо (доколку станува збор за нем филм), или пак – надополнети со изложба, дискусија, предавање, или друг пропратен настан.
Проектот „Сезона на филмски класици“ е координиран од ACE (Европската асоцијација на кинотеки / Association des Cinematheques Europeennes) и поддржана од програмата МЕДИА на Европската комисија.