
На 2 април во кината низ земјава започнува прикажувањето на филмот „Звук на паѓање“, најновото остварување на германската режисерка Маша Шилински, кое веќе предизвика силен одек кај светската публика и критика.
Станува збор за моќна драма која ја освои наградата од жирито на Кански филмски фестивал и е избрана за германски кандидат за наградата Оскар во категоријата за најдобар меѓународен игран филм. Комисијата што го направи изборот го опиша филмот како „формално бескомпромисен, емоционално егзистенцијален и уметнички уникатен“, истакнувајќи дека станува збор за дело без паралела во современата кинематографија.
Дејството на филмот, чиј оригинален наслов е „In die Sonne schauen“, се одвива на фарма во регионот Алтмарк, денес дел од германската покраина Саксонија-Анхалт. Приказната опфаќа период од еден век и ги следи животите на четири жени од различни временски епохи – Алма од 1910-тите, Ерика од 1940-тите, Ангелика од 1980-тите и Нели од 2020-тите. Нивните судбини се испреплетуваат низ неизговорени стравови, потиснати трауми и длабоко закопани семејни тајни, додека трагичен настан постојано се повторува, бришејќи ја границата меѓу минатото и сегашноста.
„Звук на паѓање“ беше избран како германски претставник во конкуренција со филмовите „Amrum“ на Фатих Акин, „Kranko“ на Јоахим А. Ланг, „Riefenstahl“ на Андреас Фајел и „Tiger“ на Денис Ганцел.
По премиерата во Кан, каде што ја подели наградата од жирито со филмот „Sirat“ на Оливер Лакс, ова хипнотизирачко филмско остварување доби високи оценки и од реномирани медиуми. IndieWire го нарече „хипнотизирачко ремек-дело“, The Hollywood Reporter го опиша како „заводлив и храбар портрет на женственоста“, додека Deadline го истакна како „извонреден филм“ и „мајсторски пример на етерична и вознемирувачка брилијантност“.
Филмот веќе беше прикажан на повеќе значајни фестивали, меѓу кои Филмски фестивал во Шангај, Меѓународен филмски фестивал во Карлови Вари и Сараевски филмски фестивал, додека северноамериканската премиера е закажана за Меѓународен филмски фестивал во Торонто.
По повод изборот за Оскар, режисерката Шилински изјави дека досегашното патување на филмот – од признанието во Кан до номинацијата за најпрестижната филмска награда – е доказ дека вреди да се верува во сопствената уметничка визија, изразувајќи надеж дека успехот на филмот ќе отвори простор за нови, храбри авторски пристапи.
„Звук на паѓање“ е филмско искуство што остава силен впечаток – поетично, вознемирувачко и длабоко човечко дело кое долго одекнува во меморијата на гледачот.

Македонски



