
Три документарни и три играни филмови ќе бидат прикажани на 10. Меѓународен филмски фестивал на дебитантски филм Киненова 2025, годинава под мотото „Фати го дур не полета“. Фестивалот ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври. На отворањето на фестивалот во Македонската опера и балет ќе биде прикажан филмот „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“ на хрватскиот режисер Јуре Павловиќ. Останатите филмови ќе бидат прикажани во Киноверзумот во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Кисела Вода.
Директорот на Киненова, Небојша Јовановиќ денеска на прес-конференција рече дека Фестивалот ќе биде отворен со еден од најзначајните филмови за овие простори во последните три декади, филмот на еден од најталентираните хрватски млади режисери Јуре Павловиќ, „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“.
Посочи дека се работи за филм за кој немам никаква дилема дека силно ќе ги разбранува чувствата на сите генерации особено на оние кои живееле во една друга задничка држава со повеќе братски народи наречена Југославија.
Се работи за филм во кој учествуваат сите најголеми екс југословенски кошаркарски легенди како што се Јуре Здовц, Дино Раџа, Тони Кукоч, Владе Дивац, Зоран Ивановиќ, Жарко Паспаљ и останати, а неколку од овие легенди ќе бидат дел од свеченото отворање на македонската премиера на филмот на Киненова во Скопје. Дејството на филмот е за време на натпреварите на Европското кошаркарско првенство кое се одржуваше во Италија, буквално во деновите на почетокот на распадот на Југославија, на големата војна со која живееме особено генерациите кои паметат. Зошто овој за отворање на Киненова, затоа што на еден крајно суптилен уметнички начин од здрава дистанца и крајно непристрасен поглед на нештата ги анализира феномените на колективен успех, колективен неуспех, заедништвото кое постоеше во минатото, а исто така и крајно сирово ги спротивставува другарството наспрема националистичките пориви, рече Јовановиќ.
Тој потенцира дека поминале десет неверојатно турбулентни години, десет изданија низ кои ги преживеале филмските и лични приказни на бројни храбри автори од целиот свет.
Се соочивме со обиди за цензура, за премолчување, за замолчување, обиди дури и за стопирање на подемот на растежот, на развојот на овој пркос од фестивал. Преку Киненова успеавме да создадеме меѓународна мрежа на истомисленици, слободоумни луѓе, уметници, искрени филмски создавачи со кои заедно фестивалот можеше да расте, нивните идеи, советите, концептите и поддршката да бидат вградени во фестивалот, истакна Јовановиќ.
Фестивалот нагласи тој, годинава наградува тројца големи автори во светски рамки меѓу кои и еден Македонец, а тоа е Владимир Самоиловски.

Годинашен лауреат е една од најголемите и најмаркантните европски филмски диви Лив Улман која ја добива наградата за животно дело, а третиот добитник кој ја добива наградата за особен придонес во филмската уметност е годинашниот победник на Берлиналето, тоа е Даг Јохан Хагеруд, додаде Јовановиќ.
Селекторот на главната програма Игор Анѓелов рече дека и годинава на фестивалот ќе има вкупно шест возбудливи филмови од различни кинематографии.
Покрај „Изгубениот сон на југословенскиот дрим тим“ на Јуре Павловиќ, уште еден наслов кој сакам да го потенцирам е словенечкиот филм „Прасловен“ на Слободан Максимовиќ, кој ќе биде прикажан на затворањето на Фестивалот. Третиот документарен филм е од германско-јапонската копродукција „Јохатсу“ („Со малку воздух“) на авторскиот двоец Андреас Хартман и Рата Мори, „Беше некогаш во Газа“ на Араб Насер и Тарзан Насер, „Паноптикон“ на Ѓорѓи Пикарулизе и „Помеѓу боговите“ од Вук Ршумовиќ, додаде Анѓелов.
Уметничкиот директор Гена Теодосиевска рече дека Даг Јохан Хагеруд е ново име во норвешката и во европската кинематографија, бидејќи со своето познавање на литературата тој како да и приоѓа на филмската уметност со една спонтаност, но и со една бунтовност, такви се и неговите филмови.

Тој за себе вели вака „Јас сум прво библиотекар, потоа сум романописец – писател, потоа сум сценарист, а на крај сум филмски режисер“, посочи Теодосиевска.
За своите филмови тој е добитник на многу награди. Во 2020 година тој за својот втор долгометражен филм „Чувајте се од децата“ (Beware of the Children) награден е со дури девет Аманда статуетки, додека за филмовите од неговата позната Осло трилогија „Секс“ (Sex), „Љубов“ (Love) и „Соништа“ (Dreams) е награден со највисоката награда на Нордискиот филмски совет и со наградата на Здружението на филмската критика на Норвешка. Последниот „Соништа“ му ја донесе Златна мечка за најдобар филм на годинешното 75.Берлинале и наградата на Fipresci. Даг Јохан Хагеруд е роден 1964 година, тој се школувал за библиотекар, а подоцна ги завршува Академиите за филм, театар и креативно пишување и драматургија во Стокхолм и Осло.
Кинематограферот Владимир Самоиловски, кој е добитник на Специјалната награда за особен придонес во филмската уметност, е член на жири комисијата на Киненова.
Среќни сме што Владимир Самоиловски е наш добитник на специјалната награда „Златна грива“ за исклучителчен придонес во филмската уметност на 10 јубилејно издание на МФФ Киненова. Со него сме горди на македонскиот филм. Неговото професионално портфолио содржи близу 100-тина долгометражни играни, документарни, кратки играни филмови ТВ драми, тв серии, емисии. Потекнува од фамилија на филмски работници, така што веќе доста млад навлегува во тајните на филмската магија и на технологијата на ТВ и филмската камера, мотивиран од својот татко, ветеранот на македонската и југословенската филмска кинематографија, Мишо Самоиловски во чии филмови соработувал како снимател оператор. Роден е во Скопје, во 1953 година. Неговата кариера како филмски работник и професионален соработник на филм ја започнува во 1976 година кога се вработува во продуцентската куќа „Вардар филм“, посочи Теодосиевска.
Владимир Самоиловски е најдобриот македонски кинематографер од средната генерација кинематографери, филмски автори, со беспрекорна вештина во познавањето на сите процеси на создавањето на еден филм. Неговата визуелна креација и професионална соработка со режисерите и актерите е високо почитувана, како во Македонија така и во регионот, но и пошироко. Неговата страст за професијата и љубопитството му овозможуваат да соработува на филмски продукции на повеќе континенти. Тој соработувал со низа еминентни имиња од режисерската фела, како од Македонија, така и од просторите на поранешна Југославија. Тука би ги споменале: Трајче Попов, Бранко Гапо, Димитрије Османли, Столе Попов, Карпо Година, Владимир Блажевски, Коле Ангеловски, Мето Поповски, Милчо Манчевски но и режисери и сценаристи од помладата генерација као Дарко Митревски, Александар Поповски, Светозар Ристевски, Марија Апчевска, Теона Стругар –Митевска, Вардан Тозија, Арбен Тачи, Кастриот Идризи, Димитар Оровчанец, Лавинија Софрониевска и низа други.
Самоиловски пред присутните сподели искуства од соработката со многубројните домашни и странски режисери и актери.
Да не се Фестивалите, ваквите манифестации со вакви луѓе, луѓето зад камерите ќе останат зад сцена, рече меѓу другото Самоиловски.
Теодосиевска се осврна и на годинашниот лауреат норвешката актерка Лив Улман (86), која, како што рече, е една од најзначајните актерки во минатиот, 20 век, векот на филмската уметност.

За неа е доволно да се каже дека е „муза“ на големиот Ингмар Бергман, играјќи во десет од неговите, според многумина, најдобри филмови. Но Лив Улман, се разбира, е многу повеќе од тоа. Љубовта кон уметноста безброј пати ја докажала и на театарската сцена, но и на режисерското столче, на кое милува да седи во последните три декади од својата богата кариера. Таа се’ уште е витална и полна со енергија, и со радост и’ ја доделуваме највисоката награда за животно дело, заслужено вбројувајќи ја меѓу великаните кои во изминатите години ја добија нашата фестивалска награда. Во 2022 година, Лив Улман ја доби почесната награда „Оскар“ за „храброста и емоционалната транспарентност кои на публиката ѝ подарија длабоко трогателни човечки портрети на екранот“. Лив Улман е родена на 16 декември 1939 година во Токио, Јапонија, додаде Теодосиевска.