Дебитантскиот долгометражен филм „Диџеј Ахмет“ на македонскиот режисер Георги Унковски ќе има светска премиера на фестивалот на независниот филм „Санденс“ кој се одржува во Парк Сити, Јута, во јануари идната година.
Филмот на Унковски ќе биде прикажан како дел од главната меѓународна натпреварувачка категорија – World Dramatic Cinema.
Сценографи се Дејан Ѓошевски и Александра Чевреска, костимограф Роза Трајчевска, шминка и маска Душица Вуксановиќ-Дуда, снимател на тон Павел Јан, монтажер Михал Раих. Во главните улоги се Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед. Во останатите улоги се Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага, Метин Ибрахим и други.
Филмот е копродукција помеѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, „Алтер вижн“ и „Аналог вижн“ од Чешка, „Бекрум продукција“ и „Баш Челик“ од Србија. Продуценти на филмот се Иван Унковски и Ивана Шекуткоска.
Ахмет е 15-годишно момче кое живее во јуручко село во Македонија. Тој наоѓа утеха во музиката додека се справува со очекувањата на својот татко, конзервативната заедница и своето прво искуство со љубовта — девојка која веќе е ветена за друг.