Skip to main content

Десеттото јубилејно издание на фестивалот на краток филм „Дрим Шорт“ почнува денеска

Десеттото јубилејно издание на фестивалот на краток филм Дрим Шорт, почнува од денеска до 9 август во Струга. Главната програма на фестивалот ќе се одржи во Паркот на Поезијата, додека останатите настани се распределени во ЕУ Хаус Струга, Мезебар Кингстон и Кафе Бар Дуќан.

Десет години пловиме… Имавме мирни утра каде што сѐ изгледаше можно, но имавме и бури што нѐ тестираа дали веруваме во она што го создаваме. Секој бран нѐ научи да пловиме подобро, секоја капка слеана во нашето езеро ни даде надеж и го направи езерото поголемо. Со многу љубов кон филмската уметност, секоја година заедно со публиката и нашите драги филмски пријатели стануваме еден мал брег каде што филмот станува дел од летото на Струга и дел од приказната на сите што поминале низ него. Секоја година ја боиме реалноста со малку убавина. Оваа година не славиме само јубилеј. Ги славиме сите капки слеани во ова наше езеро – секој автор, секој филм, секој гледач, секој волонтер. Ниту една приказна не се создава сама. Капка по капка – езеро, велат организаторите.

Специјални гости на јубилејното издание на фестивалот се двајца реномирани сценаристи, Пјер Хоџсон и Масимилијано Нардули, чија раскажувачка креативност е вградена во многу врвни дела на европската кинематографија. Пјер и Масимилијано ќе одржат мастеркласови, каде публиката ќе има можност да слушне приказни за тоа како се раскажуваат приказни, зошто е потребно многу време да се напише сценарио и како минатото ги обликува новите приказни.

Секој филм од програмата е една мала капка, што го создава потокот од мисијата кој се слева во нашето езеро, Струга да стане град на филмот. Во текот на пет фестивалски денови, филмовите се поделени во пет натрпеварувачки програми: Меѓународна, Регионална, Национална, Студентска и Специјална програма „Соочување со минатото“ во соработка со Про Пис Македонија.

Жирито го сочинуваат меѓународни интернационални филмски уметници: Масимилијано Нардули, сценарист, Верица Недеска, актерка, Цанко Василев, продуцент и Гледис Бица, режисер.

Другата наша мисија, да дадеме простор за промоција на македонската кинематографија, на ова јубилејно издание ја реализираме со специјалнапрограма „Студенти во фокус“, каде ќе се прикажат уште 6 македонски, студентски филмови, а за нивната работа публиката и авторите ќе имаат можност да разговараат со актерот Никола Ристановски.

Во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во рамки на програмата ќе се реализира „Холандска вечер“, каде ќе се прикаже програма од 5 кратки холандски филмови, во селекција на нашите соработници од фестивалот „Go Shorts“ и специјална ВР програма на кратки филмови.

И оваа година ја продолжуваме соработката со Еко Свест, преку програмата „Свесно Кино“.

Бидејќи ниту едно филмско искуство не е комплетно без музика, така и нашиот фестивал не може без Музичката ОФФ Програма. Отворањето на фестивалот ќе биде проследено од концерт на Дина Јашари. Додека третата вечер музичката вечер ќе ја отвори дуото „Антартик“, новиот проект на стружанецот во Белград, Илија Дуни, а вечерта ќе ја затвори Александар Гроздановски, познат како Herzel со специјален диџеј сет.

Целосната програма и распоред се објавени на социјалните мрежи на фестивалот, како и на вебсајт https://dsff.mk/. Влезот за сите настани е бесплатен.

Поврзани вести