Skip to main content

Под мотото „Сите бои на филмот“ денеска почнува филмскиот фестивал во Херцег Нови: Од Македонија ќе се прикажат „Мајка“ , „17“, „Добри луѓе“ и „Скејтбордот не е за девојчиња“

Најголемиот филмски фестивал во Црна Гора и еден од најзначајните во регионот на Југоисточна Европа ќе се одржи од 22 до 28 август во Херцег Нови.

Годинашното мото на меѓународниот филмски фестивал во Херцег Нови е „Сите бои на филмот“ и во текот на седумте фестивалски денови публиката ја очекува богата филмска програма во која се вклучени најновите филмски остварувања од регионот, избор на најдобрите филмови од европската кинематографија, документарни филмови од целиот свет, студентски филмови, премиерно прикажување на нови ТВ серии од регионот, како и програма посветена на филмските професионалци наречена „Монтенегро филм рандеву“.

Од Македонија на фестивалот ќе бидат прикажани : „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, чија светска премиера се одржа на минатогодишниот фестивал во Венеција; „17“ на младата режисерка Косара Митиќ, чија светска премиера годинава се одржа на Берлинале, а деновиве беше прикажан и во Сараево; „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски и „Скејтбордот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, чија светска премиера се одржа на фестивалот „Трајбека“ во Њујорк, и кој носи приказна за девојки кои преку скејтбордот ја пронаоѓаат својата слобода и веруваат во поубава иднина.

Филмовите ќе се натпреваруваат за наградата „Златна мимоза“, а во жирито се Алиса Сајмон, Елена Кристодулиду, Себастијан Каваца, Лилјана Благојевиќ и Драшко Драгутин Ѓуров.

Поврзани вести