
Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ вечерва го затвора 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Денеска на прес конференција беше тимот на филмот: Наум Доксевски, кинематографер, Ивана Шекутковска, продуцент, тројца од главните актери: Дора Акан Златанова, Агуш Агушев, и Ариф Јакуб, Георги М. Унковски, режисер и Иван Унковски, продуцент.
Локациите за нас беа голема инспирација. Уште кога почнавме да го подготвуваме филмот бевме во источниот дел на Македонија. Тие се мошне филмични и беа главна алатка за визуелниот јазик. Поминавме доста време во истражување на локациите и тоа се гледа во филмот. Боите на фолклорот на Јуруците за мене како кинематографер беа највпечатливи, особено носиите на жените и тоа ме инспирираше за понатамошто обликување на филмот, рече кинематограферот Наум Доксевски.
Додаде дека имале доста предизвици на снимањето на сцените со животни и секакви временски услови, но го освоила енергијата која ја имале на снимањето која на крај резултирала со одличен филм.

За режисерот Георги М. Унковски идејата за техно забавата во шумата каде шета еден овчар и овци дошла од еден контраст меѓу две генерации кој постои не само кај Јуруците.
Контрастот доаѓа меѓу две генерации од кои едната растела во сиромашни услови, а другата со многуподостапни информации и голем пристап до технологија. Тој контраст секогаш ми бил интересен и од таму потекна целата приказна, рече Унковски и додаде дека паралелно развива две нови сценарија во моментов.
Продуцентите Ивана Шекутковска и Иван Унковски посочија дека монтажата всушност додала приказна на целиот филм, и дека од 1 октомври ќе биде во кината низ Македонија, оди на фестивал во Лондон, а киноприкажување ќе има од следната година во цела Европа, Австралија, Нов Зеланд, Канада, САД и тоа многу голема работа за еден македонски филм.
На крајот на октомври ќе има премиера во Турција и таму ќе биде прикажан во околку сто кино сали, рече Шекуткоска.
Актерите рекоа дека прв пат се појавуваат на филм и им била непозната јуручката култура и снимањето филм. Фасцинирани се од тоа дека уште постојат култури кои се еден вид посебен свет. Некои сакаат да продолжат со работа на филм, бидејќи ова било еден вид искуство во кое созреале.
Тие беа избрани од околу 2.000 деца и мислам дека комплетно го носат на рамена, рече режисерот Унковски и им се заблагодари на актерите.
Олимпија Митилинеу кинематограферката на филмот „Тивок живот“ кој вчера беше прикажан во рамките на главната селекција на 46. ИФФК „Браќа Манаки“ на денешната прес конференција сподели искуства од снимањето на филмов, изборот на локациите итн.
Интересен беше процесот на барање на локации бидејќи ти се многу важни. Некои ги најдовме во Естонија, Финска и Шведска… и работевме во сите три држави со различна екипа. На снимањето беше тивко и децата се концентрираа на своите улоги и уживаа додека работеа. Ова им беше прв настап на филм, но режисерот е најзаслужен за тоа, рече Митилинеу, која истакна дека се заблагодари на поканата да биде повторно на фестивалот како кинематографер на филм во главна селекција и рече дека е голема чест да се биде во Битола.

Давид Шамбиј, кинематограферот на филмот „Нов бран“ прикажан во официјалната селекција рече дека сакале да имаат камера која има звук и се да биде верно на начинот на кој тие снимале во тоа време.
Сакав да најдеме камера иста како што била користена тогаш и актерот мораше добро да ја долови улогата. Користевме се што користел Раул Кутар, камера, филм, се трудевме да ја отсликаве нивната реалност, се трудевме актерот физички да наликува на Кутар. Успеавме да најдеме една камера која навистина ја користел Раул и тоа навистина ме разнежни. Се обидовме да снимаме со неа, но беше невозможно, рече Шамбиј.
Од документарната програма, вчера беше прикажан филмот „Рудник“, а неговиот кинематографер Лука Коасин рече дека филмот визуелно бил голем предизвик затоа што многу се потпирале на визуелни ефекти, снимале дигитално, работеле и в студио и на локација.
Визуелно ова беше моја најтешка работа. Ова е документарен филм каде користевме вистински луѓе, а во студио направивме сценографија да се глумат самите себе си. Тоа беше искушение, но се фокусирав на луѓето да им биде згодно, а морав да ја почитувам и визијата на режисерката, рече Коасин, кој откри дека има добра соработка со уметничкиот оддел и тие ми помогнаа да добијам ефект како што работел Антониони.
Од селекцијата на кратките филмови денеска на прес конференција беа Мигел де Санта и Тиаго Карвало кои рекоа не само што соработуваат, туку се и добри пријатели.
Чест ни е што сме селектирани на фестивалот „Браќа Манаки“. Од самиот почеток соработувавме на подготовката на филмот, визуелно го осмислувавме, а бевме вклучени и во постпродукција. Филмот е работа која подразбира работа во тим и нас тоа мошне добро ни оди. Филмот е базиран на филм и тоа се чувствува како еден одек низ филмот и затоа многу ни е драго што сме на фестивалот „Браќа Манаки“ бидејќи и самиот е некако поетичен.