
По успешното прво издание кое минатата година собра огромна поддршка и силна енергија од публиката, Стефан Лазаров го најави второто издание на Lazarov Awards. Настанот, кој за кратко време се наметна како симбол на благодарност кон публиката и поврзаност со заедницата, годинава се враќа со уште поамбициозна концепција.
Најавата доаѓа преку два видео тизери објавени од Лазаров. Првиот потсетува на атмосферата и емоциите од премиерното издание, отворајќи го прашањето дали приказната продолжува. Вториот веќе открива конкретни детали – подготовките се во тек, концептот е поставен, а организацијата влегува во интензивна фаза.
Годинешното издание ќе се одвива во два термини – на 20 април и 3 јуни. Првиот настан ќе биде вовед во главната приказна и ќе вклучува специјална програма со маестро Игор Џамбазов, бенд и гости, со ограничен број посетители и ВИП пристап. Главниот настан е закажан за 3 јуни и се најавува како централна манифестација со уште посилна продукција и поголемо учество на публиката.
Како и минатата година, организаторите најавуваат и подароци за публиката, како знак на благодарност за довербата и поддршката. Целта на Lazarov Awards е да создаде настан што не е само церемонија, туку платформа што ја слави врската меѓу креаторот и неговата публика.
Повеќе информации за програмата и деталите околу настаните се очекуваат наскоро преку официјалните канали на Lazarov Awards.

Македонски

