
Блаж Маротов ве кани на прекрасна романтична вечер со неговата музика и гостите
Познавачите на македонската музика добро но и долго знаат за Блаж Маротов. Човекот кој музиката и песната ги претвора во посебно доживување.
И’, поради тоа радува што се одважи и реши на својата верна публика да и приреди концерт…
Одамна сакам и планирам концерт и не само за да се одржи, да ми се пишува, туку да биде тоа вечер на музицирање низ песни од мојот опус. Иако не се познати како „каверите“ што ги исполнувам, немам комплекс поради тоа, ако е добра музиката и добро изведена, ќе биде добар и концертот.
По излегувањето на неговиот албум „Среќа барам“ 2021 година, издаде неколку синглови како: „Лаго моја“, „Нека се вратат времиња златни“, „Забораваш“, „Животот е епизодна мода“, „Сплотеност љубов и мир“ и „Бог да ми даде сила“. Наскоро планирам и нова компилација за албум. Инаку, со мојот мешан фамилијарен состав настапуваме континуирано на секакви настапи по барање на јавност. Велам мешан бидејки настапуваме, кога заедно со Јуле, кога цел бенд, а понекогаш и како трио „М кантабиле“, каде изведуваме инструментална музика од сите меридијани.
Музиката за Блаж Маротов започнала многу одамна, кога како дете настапил на големата сцена на „Златно славејче“…
Како човек секогаш сум задоволен што постојам, што можам да го работам тоа што го сакам, и од тоа што сум го остварил досега. Но, секогаш имам и порив за уште достигнивања, бидејки мислам дека затоа човекот постои, да се бори, да твори, да направи нешто што ќе остане. Последните години влеговме во време каде немаме многу можност за вистински работи, живееме брзо, имаме слични желби да ни се случи се што ќе помислиме, без тоа да е тоа селектирано во поглед на квалитетот, да е издржано.
Маротов не мирува ниту додека се подготвува за концертот а за тоа сведочи фотката која ја стави на својот профил на Инстаграм каде е заедно со Михаил Парушев. Што, овие двајца музички мајстори, подготвиле ќе видиме на концертот…