Skip to main content

Заштитниците на Уставот и шатор политиката

Ни текнува ли на онаа фотографија на Бујар Османи со гулаб на рамото?

Седнат на плоштадот Свети Марко во Венеција, чека да започне сесијата на Венецијанската комисија на која во својство на вицепремиер требаше да ја брани решеноста на владата на Заев за донесување на Законот за јазици. Самиот тој ја објави фотаграфијата на социјалните мрежи која набргу потоа стана многу вирална и реобјавена од повеќето македонски медиуми. Сето ова се случуваше точно пред пет години, некаде на почетокот на декември 2019 година.

Бујар беше отиден да аргументира пред европските експерти од областа на уставното право дека тој и неговата влада се во право и дека нацрт забелешките на Венецијанската комисија и европските експерти се несоодветни за македонската политичка реалност. Со други зборови, тој беше отиден во Венеција да им соопшти дека нивната правна експертиза има само декоративен карактер во однос на политиките кои што во тоа време ги водеше македонската влада.

Така и бидна!

Залудни беа забелешките и сугестиите на Венецијанската комисија во однос на контраверзниот и веќе донесен Закон за јазици, а целата постапка пред ова експертско тело на Советот на Европа наликуваше на постфестумско перење на совеста на европската политика затскриена зад европските експерти.

Во тоа време Османи заборави дека е отиден во Венеција да брани неуставно донесен закон, донесен со просто мнозинство, закон за кој всушност е потребно двотретинско мнозинство. Заборави дека се работи за закон објавен во Службен весник без потпис на Претседателот на државата, закон кој што претставуваше политичка платформа и услов за формирање на тогашната влада, добро познатата Тиранска платформа.

Познавајќи го начинот на функционирање на експертите од Венецијанската комисија, воопшто не беше изненадување тоа што тогаш заклучија дека Законот за јазици ги надминува европските стандарди и дека оди предалеку во наметнувањето на нереални правни обврски на јавните институции во Македонија. Тоа особено се однесуваше на употребата на албанскиот јазик во судските постапки, за чија што целосна примена ќе бидат потребни многу време и пари за да може Законот целосно да профункционира.

Венецијанска јасно укажа дека ќе дојде до значително забавување на функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност и сериозно ќе се наруши правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права. Затоа и не треба да не зачудува фактот што во меѓувреме довербата во македонското судство падна речиси на нула, благодарение на сите можни импровизации кои што беа направени, вклучително и на оваа.

Венецијанската комисија во тоа време се обиде да го насочи вниманието на македонските власти кон фактот дека одредени закони кои што треба да се усогласат со Законот за јазиците треба да бидат донесени со двотретинско мнозинство, што всушност само по себе претставуваше парадоксална ситуација од причини што самиот Закон за јазици беше донесен со просто мнозинство.

Ова укажување особено се однесуваше на закони од областа на правосудството, како што се Законот за кривична постапка, Законот за парнична постапка, Законот за вонсудска постапка, Законот за управни спорови, Законот за општата управна постапка, Законот за јавно обвинителство итн. Давањето супериорност на Законот за јазици во однос на споменатите закони би наметнала потреба од нивно менување, односно нивно усвојување со просто мнозинство, со што ќе дојде до директно кршење на членовите 98 и 106 од Уставот, кои предвидуваат потреба од двотретинско мнозинство за нивно усвојување. Така вели Уставот, така во 2019 година заклучи Венецијанската комисија.

Може слободно да се каже дека пред пет години Венецијанската комисија испрати јасна порака за тоа дека законот е неуставен, со јасна назнака дека таа нема надлежност да завземе експлицитен став за неуставноста на законот, но во исто време посочувајќи го Уставниот суд дека треба да се произнесе со свое мислење. Тоа беше сериозен удар врз политиките кои што во Венеција ги бранеше тогашниот вицепремиер и сите декларативни заложби на претходната власт дека строго ќе ги почитуваат европските вредности и мислењето и препораките на европските институции, се распрснаа како меур од сапуница.

Мислењето и препораките на Венецијанската комисија воопшто не беа испочитувани. Власта продолжи да гази онака како што започна и од тука па наваму нивната приказна за европските вредности и стандарди ја знаеме, а знаеме и како заврши.
Единствена институција која имаше мандат и шанса да стори нешто и колку толку да направи корекции во силеџиски донесените и ставени во правниот промет закони, беше Уставниот суд. Оваа институција имаше цели пет години да одлучува по поведената иницијатива за преиспитување на уставноста на Законот за јазици. Пет години не се превземаше ништо иако истото требаше да се стори уште во првите месеци од донесувањето на законот и објавувањето на мислењето на Венецијанската комисија.

Гледано од правен аспект, Уставниот суд воопшто немаше тешка задача. Закон за кој е потребно двотретинско мнозинство, а е донесен со просто, колку и да е содржински добар, е неуставен априори. Поинаква одлука од Уставниот суд, која што ќе се заснова на принциот на владеење на правото, не можеше да се очекува. Сепак, Уставниот суд наместо да делува согласно принципите на владеење на правото, одлучи да делува врз основа на принципите на владеење на политиката и политикантството, со што самиот се претвори во алатка за политичко поткусурување.

Улогата која што Уставниот суд самиот си ја додели уште пред пет години, продолжуваме да ја гледаме и денес. Во услови кога вниманието и фокусот на македонските граѓани е насочен кон сосема други приоритети, Уставниот суд и неговите членови повторно ги враќаат меѓунационалните тензии на македонската политичка сцена. Ова покажува дека оваа институција е окупирана од класични политички марионети кои со временски темпираните активности ја одработуваат политичката агенда на нивните ментори.

Пет години по слетувањето на гулабот на рамото на Османи нам повторно ни се враќаат истите и истите теми со кои континуирано тапкаме во место. Пет години подоцна повторно ни се сервираат истите ликови кои од улогата на застапници на европските вредности и миротворци со гулаби на рамо, повторно се враќаат во филмот на бранители на нивните загрозени права.

Но, тоа не е она што најмногу не разочарува и загрижува. Нивната определба и техниките кои што ги користат за постигнување на политичките цели се нивен избор, но инволвирањето на една од највисоките институции на државата во ваквите политички игри, Уставниот суд, е најразочарувачкиот момент кој дополнително придонесува за создавање на чувство на несигурност и недоверба во институциите на системот.

Поврзани вести

Casibom GirişDeneme Bonusu Veren Sitelercasibomholiganbet girişjojobetCasiboomcasino siteleriDeneme Bonuslarcasibomcasibom girişbonus fırsatıDeneme Bonusu 2024bonus 2024CASİBOMcasibomcasibom girişcasibomcasino sitelericasibomcasibom girişcasibom