Skip to main content

Сите лица на европеизацијата

Freepik

Долга е временската димензија на македонските аспирации за членство во ЕУ. Долга и еднаква со возраста и постоењето на современата македонска држава. Уште од самото осамостојување и формирањето на независна Република Македонија, дел од новосоздадениот политички спектар, поконкретно македонската десница, која како НЗС го содржеше историскиот акроним ВМРО, силно и недвосмислено се залагаше за полноправно членство на Македонија во Европската унија. Тоа се сметаше за решение за поделбите и фрагментацијата на македонското национално ткиво настанати во втората деценија од минатиот век.

Долг е и процесот на македонските евроинтеграции кои започнаа некаде деценија и половина подоцна, тогаш кога на левата компонента од македонскиот политички блок, која како НЗС во себе ги содржеше историските акроними СКМ и КПМ, ѝ стана јасно дека враќање назад нема и дека центарот за политичко партнерство за Македонија дефинитивно се поместува кон Брисел и Вашингтон.

Без разлика на тоа што фокусот кон Брисел и Вашингтон некој го поимаше како партнерство, а некој како центар за демонстрирање на сопствената сервилност, факт е дека со поднесувањето на македонската апликација за членство во ЕУ овие две идеолошки и концептуално спротивставени страни се обединија во идејата за македонското полноправно членство во ЕУ.

Оттогаш па досега, дебело е досието на македонската евроинтегративна приказна. Дебело и тешко! Исполнето со остварување на критериумите од Копенхаген, но и со преседани како што се: „добивање на кандидатски статус без датум за почеток на преговори“, „континуирани препораки од Европската комисија за почеток на преговорите зачинети со повеќе од петнаесетина вета и блокади во разни форми поради билатерални прашања“, „нова реверзибилна методологија на водење на преговорите“, „преговарачка рамка изнудена под притисок“, како и разни други „бенчмаркови и одредници“ кои се провлекуваа низ целиот период. Сето ова, особено во време на отсуство на посакуваната македонска политичка сервилност, на Брисел му служеше и сѐ уште му служи како алатка за купување на време и премостување на партнерските очекувања, став и однос на десничарските македонски влади, оние влади предводени и обединети под историскиот акроним ВМРО.

Всушност тоа им беше и кажано на европските политичари и бирократи на минатонеделната Минхенска конференција од страна на премиерот Мицкоски. Некои нешта беа кажани со дипломатски речник, а некои без ракавици, токму онака како што треба да комуницираат партнерите во еден меѓусебен однос. На оној што не сака да го разбере дипломатскиот речник потребно е да се симнат ракавиците и буквално да му се нацртаат нештата со гола рака. За жал таков впечаток оставаа присутните соговорници, особено евробирократите кои што ја претставуваа ЕУ на панелот и буквално како да „бараа“ да им се нацртаат нештата.

Таму беа нацртани две јасни пораки. Тие беа соодветно образложени и аргументирани со аргументи кои постојано се презентираат кога со официјален Брисел разговаат македонски претставници кои немаат сервилен став кон евробирократите.

Првата порака беше сосема вообичаена, порака која што влече свој континуитет уште од осамостојувањето на државата, а тоа е дека Македонија има јасна определба да стане дел од ЕУ и на тоа треба да се гледа без никакво сомневање. Втората порака беше нешто ново и нешто невообичаено да се слушне во отворена и јавна дебата со официјален Брисел. Таа беше илустрација и сублимација на целиот македонски евроинтегративен процес ставен во само една реченица. Наместо европеизација, македонските евроинтеграции се соочуваат со балканизација.

Кратко, јасно и прецизно!

Тоа се новите дипломатски трендови и ветришта кои дуваат од Вашингтон во услови на енормно политичко загадување и густа политичка магла на европскиот континент. Проблемот кој што ЕУ го има во себе како придобивка од балканскиот начин на однесување, го враќа назад како свое чедо и вредност кон земјите кандидати за членство. Затоа и не треба да зачудува бугарската ароганција дека македонската преговарачка рамка е плод на европскиот став и вредности, а не на бугарската политика кон Македонија.

Значи тука имаме знак на еднаквост помеѓу бугарската политика и европскиот став на Брисел кон Македонија како земја кандидат. Европеизацијата и балканизацијата станаа едно исто. Тоа е нешто кое што беше незамисливо и не беше дел од визијата за македонското интегрирање во ЕУ уште од самиот почеток и осамостојувањето на државата.

Што всушност претставуваат термините балканизација и европеизација? Која е нивната дефиниција и на кој начин се перцепираат како такви?

Балканизацијата има едноставна дефиниција. Тоа е пејоративен термин кој се користи во меѓународните односи кој се однесува на поделбата на нациите на помали сегменти во кои државите и нивните системи често се во нерешлив внатрешен конфликт. Тоа е, исто така, состојба на фрагментација и заострување на конфликти на интересите во одреден регион со мали изгледи за постигнување пријателско решение.

Навистина песимистичка и депресивна дефиниција!

Како е дефинирана европеизацијата? Дали е дефинирана онака како што ние ја доживуваме и сакаме да ја гледаме со розови очила или има и поинакво лице? Дали е само систем на високи вредности и стандарди кои сакаме да ги вградиме во нашето општество и да станеме дел од европското семејство како такво, или пак постои и поинаков аспект кој што европеизацијата ја претставува во поинакво светло?

Секако дека е систем на вредности кон кој се стремиме, но мора отворено да се каже и тоа дека европеизацијата се дефинира и како нешто друго! Постојат неколку дефиниции за терминот европеизација кои се формулирани во зависност од тоа врз која основа се гледа на Европа и на нејзината севкупна супстанца и однесување.

Првата дефиниција е во себе ја содржи историската компонента на европското однесување. Тоа е краток осврт на она што Европските земји го правеле во текот на историјата и е сосема компатибилна со она што може да се види од европскиот “timeline”.

Дефиницијата гласи:

„Европеизација е извозот на европските политички институции, политичка практика и начин на живот надвор од европскиот континент, главно преку средствата на колонизација и преку принуда.“

Уф, оваа дефиниција е далеку од онаа нашата што ја замислуваме и посакуваме и делува потсетувачки во однос на европското однесување во минатото.

Втората дефиниција во себе ја содржи културата како основа и гласи:

„Европеизацијата претставува преобликувањето на идентитетите во современа Европа на начин кој ги релативизира националните идентитети.“

Станува жешко! Оваа дефиниција уште повеќе нѐ одалечува од нашето поимање на терминот европеизација, поимање кое што се должи на нашата култура и филозофијата дека „Ние, Македонците, го разбираме светот како поле за културен натпревар меѓу народите“, а не како поле за преобликување и релативизирање на националните идентитети.

Третиот основ за изведување на дефиниција на терминот европеизација е политичкиот основ. Тука има неколку различни аспекти кои имаат за цел попрецизно дефинирање на терминот врз основа на неговото политичко поимање.

За таа цел се оформени неколку различни дефиниции во состав на политичкиот основ на дефинирање на терминот.

Првата дефиниција е онаа која што нас највеќе нѐ интересира и кон која што за жал бевме строго и речиси исклучиво насочени. Таа дефиниција се однесува на европеизацијата како процес на проширувањето на ЕУ.

„Европеизацијата претставува процес на проширување на ЕУ при што економски помалку развиените земји се финансиски поддржани за да ги достигнат стандардите на земјите членки.“

Втората дефиниција за европеизацијата го таргетира развојот на политиките на европско ниво и нејзината сложеност и сувопарност е еквивалентна на сложеноста и сувопарноста на европското законодавство:

„Европеизацијата е појава и развој на европско ниво на различни структури на владеење, односно на политички, правни и општествени институции поврзани со решавање на политички проблеми кои ги формализираат интеракциите меѓу актерите и мрежите на политики специјализирани за создавање авторитативни европски правила.“

Слична физиономија има и следната дефиниција која ја дефинира европеизацијата како потреба од национална адаптација поради влијанието на ЕУ и гласи:

„Европеизацијата е навлегување на европските правила, директиви и норми во инаку диференцираните домашни сфери. Како последица на тоа се случуваат домашни промени и адаптација.“


Колку и да делуваат сложено овие две последни дефиниции, тие ја претставуваат целата европска реалност и обврската на Македонија како земја кандидат за исполнување на европските политички критериуми и услогласување на сопственото законодавство со она европското доколку сака да стане земја членка и „да се европеизира“.

Последната дефиниција на терминот европеизација има повеќеслојна концепција и општ карактер. Со неа се прави обид да бидат опфатени повеќето аспекти кои даваат позитивна слика за терминот европеизација, сосема изоставувајќи ја другата страна од медалот.

„Европизацијата се состои од процеси на изградба, дифузија и институционализирање на формални и неформални правила, процедури, парадигми на политики, стилови, начини на вршење на работите, споделени верувања и норми кои прво се дефинираат и консолидираат во процесот на политиката на ЕУ, а потоа се инкорпорирани во логиката на домашниот (национален и субнационален) дискурс, политичките структури и јавните политики.“


Како што можеме да видиме терминот европеизација има повеќе лица и дефиниции. Некои се позитивни и убави. Токму тие ја претставуваа основата врз која се темелеше македонската точка на гледање кон ЕУ. Други дефиниции се особено негативни и сосема блиски до негативниот контекст на терминот балканизација. Тоа е она поинаквото лице на европеизацијата. Тоа досега беше затскриено, маскирано и претставувано во поинаква форма.

Од тие причини, слободно може да се заклучи дека нема друг начин на комуникација освен слободно да се посочуваат нештата онакви какви што се. Нема поинаков начин освен отворено и партнерски да се разговара со европските политички и бирократски структури и да се има однос кој што целосно ќе биде ослободен од сервилност и потчинетост. Понекогаш мора да се симнат ракавиците од рацете и дипломатскиот наратив да се замени со јасни и аргументирано упатени пораки. Тоа е начинот да се заштитат државните интереси во настојувањето позитивните аспекти на европеизацијата да останат незагадени од европските метаболити и балканизацијата како круна на сѐ. Само на тој начин европеизацијата на Македонија ќе има некаква смисла и вредност и нема да се дозволи истата кон нас да биде употребена исклучиво како алатка за „…преобликување на идентитетите во современа Европа на начин кој ги релативизира националните идентитети…, и тоа, …по пат на принуда.“

Поврзани вести