Уште неседнати на власт, Трамп и луѓето околу него почнаа фуриозно да ја менуваат политичката слика низ западниот свет. Има тука некои комични моменти како понудата САД да го купат (или земат) Гренланд од Данска и да го реокупираат Панамскиот Канал. Но, има и сериозни случувања – премиерот на Канада најави оставка, а неговата партија со сигурност ќе загуби на изборите во полза на десницата. Владата на Германија исто така брои ситно и ќе биде заменета со десницата од стар ков, иако кругот на Трамп отворено ја промовира новата, поангажирана десница во видот на партијата АФД. Воедно, во тек е отворен напад на неодамна формираната, но крајно непопуларна левичарска влада во Британија, и идната Бела Куќа (која моментално функционира од резиденцијата Мар а Лаго во Флорида) директно лицитира кој треба да биде лидер на британската десница, додека Илон Маск повикува кралот да го распушти Парламентот и да предивика предвремени избори. Франција, уште една земја каде владата е крајно непопуларна и со судни маки го спречува изборот на десницата на власт) е секако следната жртва на оваа кампања. Во исто време повеќе десни влади (Италија, Холандија, Шведска, наскоро можеби Австрија) кои настапуваа премногу меко во изминатите години, добиваат нов кураж, а неколку десни влади и движења кои беа под силен притисок од режимот на Бајден (Унгарија, Србија, полската ПИС) добиваат шанса да се одржат на власт и да се ревитализираат. Зборувавме веќе за синергијата која и Македонија може да ја очекува во следните четири (8-12?) години.
Што се случува? Во првиот мандат на Трамп очекувавме, но дефинитивно не видовме ваков обид САД да ја одиграат својата природна улога – водач и инспирација на западниот свет. Дефинитивно гледаме дека во време кога САД се под левичарски администрации, не се либат на другите држави да им наметнуваат влади по свој ков, но во првиот мандат на Трамп човекот како и да не знаеше каде се наоѓа Стејт Департментот. Трамповците ветуваат дека овојпат работите ќе се одвиваат поинаку, и во првите месеци по изборите дефинитивно покажуваат дека се многу подобро подготвени и ангажирани.
И мора да се признае дека е неверојатно забавно да се гледа како германски, британски.. политичари се жалат како Америка им се меша во внатрешните работи. На пример, на нас добро познатиот германски социјал-демократ Михаел Рот, коментира како Европа морала да се организира да одговори на заканите од Трамп.
Истиот човек доаѓаше на неколку месеци во Македонија и бараше да ги ставиме СДСМ на власт и да го смениме името.На истиот Рот, денес, буквално 3/4 од Твитер коментарите му се испратени од Грузија или Србија или Унгарија, каде или поттикнува шарена револуција и рушење на локалната влада или, ако шарената револуција била успешна, бара да се апсат претставниците на претходната власт. И сега тој се жали дека САД се мешале во неговите внатрешни работи?
А какво е американското мешање во германската политика за кое реагираат Германците од владејачкиот лев-денес естаблишмент? Тоа што Илон Маск реши да сними Твитер дискусија со Алис Вајдел, лидерката на партијата АФД, која веќе котира на второ место во анкетите – па така тешко може да се каже дека се работи за радикална партија која ја поддржуваат само екстремисти. АФД се соочува со делумно ембарго во германските медиуми, како и со силен притисок на етаблираните германски партии, кои со децении претпочитаат да направат сојуз меѓу двете најголеми леви и десни опции, отколку на пример центристичките десничари да направат коалиција со по-десната опција. Поради тоа, се разводнува разликата меѓу двете најголеми стари партии, а гласачите на десницата беа дополнително шокирани кога нивната канцеларка Меркел реши, без да ги консултира, да ги отвори границите за милиони имигранти во 2015-2016 година.
Уште поинтересен е случајот на Британија. Се сеќаваме како нивниот амбасадор буквално се шеташе низ Скопје со еден огромен застарен андроид таблет, и се фотографираше со обвинители, новинари, политички активисти.. за да покаже кои се луѓето под закрила на „чадорот“ кои ќе бидат донесени на власт да ги исполнат барањата испорачани од надвор. За деновиве, британските медиуми да бидат преполни со панични протести – како смеел Илон Маск да им се меша во нивните внатрешни политички прашања, да промовира една политичка опција и да ја напаѓа владата?
Главната тема на која Маск се залепи е скандалот со систематско сексуално малтретирање на малолетни девојки во пропаднатиот индустриски град Ротерхам на северот на Англија. Во градот се доселиле голем број Пакистанци, и неколку групи од нив беа гонети поради тоа што, во рок од 15-ина години, силувале дури 1.400 (и со букви – илјада и четири стотини) малолетнички. Групите барале англиски девојки од сиромашни семејства, какви очигледно има многу во Ротерхам поради колапсот на индустријата во овој регион, ги придобивале со подароци или преку нивни врсници, за потоа да ги силуваат, да им се закануваат да молчат за тоа што им се случило, и да ги подаваат меѓу себе. Стотина пакистански доселеници, повеќето на 30 или 40 годишна возраст, беа осудени за ова систематско прогонување и силување на малолетни девојки.
Уште еден на нас добро познат лик, поранешниот британски министер за Европа Денис Мекшејн, е директно вмешан во случајот. Во 2004 година Мекшејн дојде во Македонија и ни навиваше часовник пред камерите, да не убедува дека не смееме да гласаме на референдумот за законот за територијална поделба и мораме да прифатиме Кичево и Струга да бидат прекроени за да станат мнозински албански градови, а албанската заедница во Скопје да дојде над 20 проценти, бидејќи во спротивно, ќе го пропуштиме возот за Европа. Мекшејн (кој стана отворен лобист на албанските интереси во регионот и лежеше неколку недели затвор поради корупција со лажни пратенички трошоци) бил пратеник на Лабуристичката Партија од Ротерхам скоро 18 години, вклучително и во времето кога се случувало систематското сексуално малтретирање на девојките од овој град. Мекшејн смаиот призна дека не реагирал доволно остро по првичните наводи за тоа што се случува во неговиот град, затоа што бил добар, верен читател на овој левичарски весник, и како таков, парафразирам, верувал во приказната за мултикултурна Британија и не сакал да ја нарушува сликата што неговата партија ја градела во јавноста за успешното интегрирање на пакистанските доселеници.
Двете држави кои се на удар на Трамп и Маск, и Германија и Британија, неодамна беа цел на трагични терористички напади – нападот врз божиќниот пазар во Магдебург и бруталното убиство на три девојчиња кои пошле на час по танцување инспириран од Тејлор Свифт во британскиот град Саутпорт. Во Британија, полицијата уапси стотици граѓани за „навредливи коментари“ изнесени на социјалните мрежи по убиството, и особено гонеше граѓани кои го посочуваат имигрантскиот статус на убиецот (син на доселеници од Руанда за кого медиумите инсистираа да кажат дека е британски граѓанин, па дури го нарекуваа и Велшанец – дека е роден во Кардиф). Дури месеци по масовните апсења и сузбивањето на информациите за напаѓачот, британската полиција информираше дека во неговиот дом нашле терористички прирачник подготвен од Ал Каеда и одредено количество на отровот рицин. Германците реагираа уште по-налудничаво во врска со нападот во Магдебург. Убиецот, доселеник од Саудиска Арабија, беше претставен како квалификуван мигрант – доктор, а низа на збунувачки пораки на социјалните мрежи кои ги објавил беа претставени како доказ дека тој всушност бил инспириран од АФД, Илон Маск, американските десничарски движења.. Да не знае човек дали да се смее или да плаче. Во претходниот напад во Германија, во градот Солинген (познат по квалитетните ножеви), Сириец кој што требало да биде депортиран во Бугарија уби тројца граѓани за време на фестивал на кој градоначалникот претходно држел говоранција за усешноста на мултикултурализмот во Германија. Некој месец претходно, Авганистанец ги нападна собраните граѓани на десничарски собир во Манхајм предводен од активистот Михаел Стурценбергер. За време на нападот, во кој Стурценбергер беше прободен, еден полицаец, наместо да се справи со напаѓачот, се обиде да уапси еден од нападнатите десничари, по што Авганистанецот се сврте кон полицаецот и го прободе во вратот. Неколку месеци подоцна, Стурценбергер, кој мораше да помине низ неколку операции на лицето и коленото, беше осуден на парична казна поради навреда на исламот.
Значи, во западните земји има насобрано многу гнев поради игнорирањето на волјата на гласачите по елементарни прашања, како што е колку мигранти ќе бидат примени секоја година, има многу гнев и поради високата инфлација и паѓањето на животните стандарди, а има и силни, емотивно набиени ситуации на насилство врз најслабите, кои може да послужат како искра која ќе го запали пожарот. Воедно, во САД во налет е политичка и идеолошка опција која многу добро ги разбира медиумите, има чист мандат и многу нерасчитени сметки со левичарските политичари во Европа од првиот мандат. Тактиките кои ги користи тимот на Трамп во оваа офанзива се чисто шарено-револуционерни, како пресликани од учебникот на Сол Алински (кој УСАИД го преведе за потребите на нивните „шарени командоси“ во Македонија). Одбери етнички мешано место, одбери која етничка група ти е потребно да ја кренеш на нозе и отвори запалива тема која ќе и нанесе штета на владата што сакаш да ја ослабнеш или срушиш. Маск деновиве со најостри зборови се нафрла на британските политичари кои молчеа или ја дефокусираа јавноста од убиството на трите девојчиња во Саутпорт и силувањето на стотиците, илјадниците девојки во Ротерхам. Гледаме деновиве критики за оваа тактика на социјалните мрежи од шарени активисти во Македонија кои врескаа „убијци, убијци“ по улиците за слични запаливи теми кои делумно или целосно лажно ги претставуваа во јавноста во обид да предизвикаат емотивна реакција за преземање на власта и разобличување на државата. Кој политичар може да го критикува Маск дека ги користи своите милијарди и огромното влијание во јавноста за идеолошки и политички фикс идеи, кога пред само неколку дена се уште актуелниот претседател на САД Бајден го одликуваше со највисокиот орден Џорџ Сорос, авторот и финансиерот на десетици вакви операции за промена на власта и потпалување шарени револуции кои честопати се претворија во крвави војни. Значи тоа е тоа, ако сте молчеле или поддржувале кога едната страна правеше ршум низ светот, немате право да се жалите кога другата страна ќе проба (аматерски и на ура) да го направи истото. Можеби ќе биде за памет за другпат, дека тркалото се врти и дека по шарената револуција може да дојде контрареволуција, а по левичарскиот Сорос, ќе се роди негов десничарски антипод.