Петар Поп-Арсов
Реизборот на Доналд Трамп за нов американски претседател очекувано наиде на бројни реакции ширум светот. Тоа се реакции со исклучително широк спектар кои одат од силно спротивставување и негодување, па се до фанатична поддршка, зачинета со надреален ентузијазам. Тоа беше сосема очекувано сценарио имајќи ја на ум сѐ поголемата поделеност која што е присутна во светот по многу основи, независно од политичките граници со кои дефинирани државните ентитети. Тоа е поделба меѓу државите, но и внатре во државите. Поделба меѓу традиционалните противници и ривали, но и меѓу оние кои што се здружени во ист пакт, сојуз или унија. Тоа е поделба чија што специфика создава комплексна слика на светот во кој живееме. Слика која што е онолку тешка за разбирање од прва, како што се тешки делата на Пикасо и останатите великани на модерната уметност.
Какво ќе биде влијанието на реизборот на Трамп на глобално ниво, особено во односите на САД со Русија, Кина, Блискиот исток и пошироко, се исклучително важни прашања?! Но, можеби најважното прашање во целава приказна е прашањето какви ќе бидат внатрешните односи со сојузниците од НАТО и пријателите од ЕУ?! Прашањата за внатрешните односи во потесното семејство или пошироката фамилија се основа за понатамошната и поширока социјална интеракција со останатиот свет. Така е според некои воспоставени норми на нашата цивилизација.
Европската унија не се ни обиде да ја сокрие својата загриженост за импликациите од враќањето на Трамп, особено во поглед на тековната сложена и нестабилна економска состојба во светот. Исходот на американските избори креира сериозни предизвици за ЕУ кои потенцијално ќе влијаат на нејзината економска стабилност, надворешната политика и безбедносната рамка на Унијата и соседските региони.
Од тие причини е особено важно да се антиципираат, имаат во предвид и да се направи што е можно попрецизна анализа за политичките ефекти кои што ќе ги има реизборот на Трамп, но и за ефектите врз економијата на ЕУ, врз иднината на трансатлантскиот сојуз и врз динамиката на односите меѓу ЕУ и САД. Овие односи, економската стабилност и предвидливост се од исклучително значење за Македонија како дел од НАТО, како кандидат за членство во ЕУ и како економски, политички и безбедносно поврзана и зависна од сето ова заедно.
Ваквите анализи не можат да се остават само на пишани текстови од повеќе автори во нивните колумни, текстови во кои ги изразуваат сопствените ставови и погледи. Тоа треба да бидат сеопфатни и повеќеслојни експертски анализи на различни македонски институции, кои секоја во својата област ќе реферира за резултатите и заклучоците и ќе предлага решенија. Фанатичната поддршка и разочарувањето од исходот на американските избори треба да им се препушти на поддржувачите, навивачите, хејтерите и на сите оние кои што наоѓаат хоби, задоволство или забава во следењето на светските политички токови. Со суштинските прашања и анализи кои што го таргетират сето она што се наоѓа на сцена, зад сцена, под сцена или она што е содржано во текстот и во неговите меѓуредови, треба да се занимаваат бројните експерти кои што земаат плата од буџетот или имаат допир со парите на македонските даночни обврзници.
Така треба да биде ако сакаме правилно да се позиционираме. Ако не, да ги развееме знамињата, да навиваме на цел глас и да чекаме да заврши и оваа епизода во која ќе имаме само улога на набљудувач. Не дека би имале некоја поголема улога и доколку ги направиме сите потребни чекори како што треба, но барем во тој случај ќе фатиме место во првите редови за да можеме од поблиску да следиме и да имаме очен контакт со главните протагонисти.
Односите меѓу ЕУ и САД
Историски гледано, односите меѓу ЕУ и САД се карактеризираат со плодна децениска соработка и сојузништво проткаено со повремени меѓусебни триења. Нивните заеднички односи значително еволуирале од средината на 20 век па се до денес. Тоа е сосема нормално и разбирливо кога се работи за блиски партнери во повеќе области. Дури и денешниве „несогласувања во најава“ можат да се доживат како „нормални предизвици“ кои ги обликуваат нивните односи.
Маршаловиот план за финансиска помош за обновување на уништените европски економии може да се дефинира како почетна одредница на американско-европската поствоена соработка. Со него беа поставени темелите за трајно економско партнерство меѓу САД и Европа со што беа поттикнати силни трансатлантски врски кои ќе траат за време на студената војна. Создавањето на НАТО пактот кое што следеше беше дизајнирано за да може Западот да се спротивстави на советското влијание и да ја осигура европската безбедност. Веднаш потоа е создадена Европската заедница за јаглен и челик со што беше означен почетокот на европската интеграција, која денес ја имаме во форма на Европската унија. САД постојано ги поддржуваше ваквите напори препознавајќи го фактот дека стабилна и обединета Европа ќе послужи како сигурен економски и политички сојузник.
Ова се само основите на американско-европското партнерство кое низ текот на годините беше оплеменето со уште поцврсти врски. Ваквото партнерство и соработка гледано од страна се доживува како константа, како нешто вообичаено и како нешто кое што никогаш не може да биде доведено во прашање.
Сепак, ова партнерство повремено беше ставано на тест. Токму таа историска димензија од односите на западните партнери треба да биде предмет на интерес во дадениов момент со цел да се направи што е можно попрецизна антиципација на случувањата кои што ќе следат во мандатот на Трамп.
Историски гледано, едно од првите несогласувања меѓу западните партнери е прашањето околу контрибуциите кон НАТО, кое се појави кога САД повикаа на поголем европски придонес во алијансата. Такви несогласувања имаше и во првиот претстедателски мандат на Трамп кој постојано ги прозиваше европските сојузници да ја исполнат својата обврска кон НАТО со контрибуција од два проценти од националните буџети.
Исто така, различната перспектива на гледање на меѓународните кризи кои се појавуваа во различни периоди, ги затегнуваа односите меѓу партнерите. Пример за тоа е Суетскиот криза од 1956 г., во која САД отворено се спротивстави на француско-британската интервенција во Египет. Виетнамската војна, која што се појави во седумдесеттите години, претставуваше уште една точка на несогласување при што повеќе европски лидери го критикуваа американското инволвирање во оваа војна. Американската инвазија на Ирак во 2003 г., исто така, предизвика поделби. Најголемите ЕУ членки, Франција и Германија се спротивставија на интервенцијата оспорувајќи ја нејзината легитимност и изразувајќи загриженоста за потенцијалните последици од ваквата војна.
Енергетската криза од седумдесеттите години значително влијаеше на односите меѓу САД и сојузниците од Западна Европа. Оваа криза внесе нови сложености во нивната алијанса. Нивните разлики во пристапот кон политичките прашања поврзани со Блискиот исток, Израел и Арапскиот свет резултираа со економски последици, пред се во енергетската област и нафтата.
Но, во исто време оваа криза и несогласувања послужија како двигател кој доведе до реевалуација на енергетските политики на двете страни на Атлантикот. Тоа беше поттик за САД и Европа да инвестираат во алтернативни извори на енергија кои ја подобрија енергетската ефикасност во обид да се намали зависноста од нафтата од Блискиот Исток. Оваа криза претставува класичен пример за тоа како партнерите од состојба на затегнати односите преоѓаат во повисока фаза на соработка и во исто време претставува потврда на тоа дека постои нагласена меѓузависност на нивните економии и потреба од координирани одговори на глобалните предизвици.
Затоа, независно од политичките разлики (доколку тие навистина биле реални), економските врски меѓу САД и ЕУ континуирано се зајакнуваа во текот на целиот период. На пример, до средината на првата деценија на овој век, трансатлантската економија сочинуваше приближно 40% од глобалниот БДП и беше застапена со една третина од светските трговски текови. Тоа е доволен показател дека секоја семејна расправија на крајот од денот има за цел да го зголеми на семејниот буџет и да го подобри квалитетот на животот.
Така беше во услови кога американско-европскиот сојуз имаше неприкосновена економско-политичка доминација во светот. Денес, во услови кога Кина економски ја руши западната империја, а Русија воено парира и влегува во состојба на иницијатива, секое несогласување и тензии меѓу западните партнери ќе ја нема истата комоција како од минатото за да може неповредено да излезе домашната кавга. Кина, Русија и БРИКС веќе претставуваат сериозна сила која домашната караница може да ја поттикне да отиде до степен на семејно насилство и посериозни раздвојувања.
Од тие причини, со големо внимание треба да се гледа на новиот мандат на Доналд Трамп, кој ценето според првите показатели може да предизвика сериозни поместувања во одосите на западните партнери. На пример, неговите политика од првиот мандат, „Америка на прво место“, доведе до наметнување тарифи за европските стоки со што беа заострени економските односи. Сега е сосема очекуван стравот дека неговиот реизбор би можел повторно да ги разгори трговските несогласувања со што негативно ќе влијае на економиите во ЕУ.
Во ЕУ постои сериозна загриженост поради унилатералниот пристап во надворешната политика на Трамп и неговиот скептицизам кон мултилатералните институции. Европа тешко ја заборава неговата идеја за американското напуштање на ООН. Неговиот реизбор кај некои од европските лидери се доживува како опасност за фрагметирање на светскиот поредок со што би се усложниле напорите за справување со глобалните предизвици како што се падемиите, тероризмот и економската нестабилност.
Постои мислење дека вториот мандат на Трамп може да влијае на внатрешните политики на земјите членки на ЕУ, поконкретно во правец на охрабрување и поттикнување на разни националистички движења. Поддршката на Брегзит е дел од неговото портфолио. Ист е односот и кон неговата неподготвеност целосно да ја поддржи Украина против Русија за време на неговиот прв мандат. Овие факти во ЕУ се доживува како показател за тоа што може да се очекува од неговиот втор мандат. Веќе јасно е дека во ЕУ повторно очекуваат сериозни тензии „во семејството“, а како клучни области се наведуваат безбедноста, трговијата, климатски политики и геополитичка стабилност.
ЕУ е загрижена за сѐ она што беше погоре наведено, како можен ефект од реизборот на Трамп. Можеби со право, можеби не?! Но, тоа што во времето на Бајден се отвори војна на континентот во која ЕУ беше длабоко инволвирана, тоа што земјите од ЕУ претрпеа сериозни економски удари, беа енергетски загрозени, кинеската економија буквално ги прегазува од ден во ден, воопшто не треба да претставува предмет на загриженост и страв, нели?!
Однесувањето на европските лидери е многу нелогично и контрадикторно. Сепак тоа е нивна „семејна“ работа. На каков начин ќе излезат од семејната кавга во најава, останува да видиме! Но, не само да гледаме како неми набљудувачи, туку како активен државен субјект кој ги следи геополитичките токови и соодветно ќе се позиционира во интерес на државата и граѓаните.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.