
Не можеме да знаеме како партијата ДПА ќе се развиваше на власт – во двата обиди кога тие беа албанскиот партнер во владина коалиција (во двата случаи со ВМРО-ДПМНЕ) мандатот беше брутално прекратен по само две години. Во првиот случај Али Ахмети почна граѓанска војна – ДПА се обидоа, но не можеа да се натпреваруваат со овој наплив на албански национализам и по војната, победникот го собра пленот.
Во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ се врати на својот стар партнер. Во меѓувреме, ДПА направи сериозни кадровски и идеолошки освежувања, во добар дел помогнати од САД, што не беше мала работа ако се има предвид колку американските дипломати во регионот го сакаат командантското лоби на УЧК и колку комотно се чувствуваат работејќи со ликови како Ахмети. Се разбира дека ДПА во своите настапи имаше висока доза на национализам – што е неопходно за албанска партија да може да се натпреварува со ДУИ – партија заснована на митот за нивната победа во 2001 година. Но, во владата ДПА внесе кадри како Имер Селмани и Сулејман Рушити, кои покажаа дека можат да носат сериозни реформски мерки еднакво па можеби и подобро од Вмровските кадри во првата постава на Груевски. Во ресорот на Селмани, се воведе квази-пазарната мерка матичните лекари да бидат платени зависно од бројот на пациенти кои ќе ги одберат. Во образованието, под Рушити, се воведе задолжителното основно и средно образование – мерка која е особено важна за албанската заедница како и за дискриминираните заедници како што се Ромите. На политички план, Џафери беше гласен во промовирање на албанските права, но и во посочување на негативното наследство од комунистичкиот период кај Албанците – се сеќавам колку критички зборуваа за злоупотребите на соработниците на тајните полициски служби. Краток период можевме да видиме како Македонија можеше да се излечи од агресивниот национализам кој ни се прелеа од Косово – и тоа во рамките на една реформска агенда која заеднички ќе ја спроведуваат Македонци и Албанци.
Но, надежите беа претерано оптимистички. На македонската страна се соочивме со грчкото вето по кое решивме дека мораме да се етаблираме како целосно суверена држава во однос на нашите соседи ако сакаме некогаш да имаме шанса да се развиваме во мир. На албанската страна, ДПА мораше да се справува со се уште популарниот Ахмети – неговата популарност денес се базира главно на огромната мрежа на корупција која ја изгради, но во тоа време кај Албанците тој се уште беше херојот кој им одржал лекција на Македонците. ДУИ воедно можеа да се потпрат на огромната поддршка на меѓународните дипломатски и разузнавачки кругови, како и на домашните медиуми од орбитата на СДСМ кои и тогаш, како и сега, сакаа нивната партја да го сподели срамот од коалицирањето со Ахмети. Па така, кога конфликтот на ДУИ и ДПА се прелеа од гласачките места на улиците при предвремените избори во 2008 година, при што паднаа неколку жртви, ДУИ веднаш беше прогласена за недолжна жртва на насилството, додека ДПА едногласно беа посочувани како виновниците. Бизарно партиски пристрасни странски претставници како евроамбасадорот Ерван Фуере се закануваа дека Македонија нема да може да ги почне преговорите за членство (хаха) ако ДПА остане во Владата, додека високи претставници на СДСМ со одушевување пренесуваа како Саркози лично на брифинг го кажал истото. По прегласувањето во спорните гласачки места, се конституираше ново Собрание и ДУИ влезе во Владата. Ако надежта на СДСМ беше дека полесно ќе го срушат ВМРО преку подметнување на кукавичко јајце во Владата, тој не беше целосно успешен. Навистина, наместо реформи, во односот со ДУИ доминираа прашања на корупцијата, етничките прашања и воените злосторства на Ахмети, но Владата остана стабилна 6-7 години, до новиот упад во македонскиот политички систем – шарената револуција. Тогаш, на крајот, ДУИ беше таа што го зададе финалниот удар на ВМРО, по што доби доминантна улога во режимот на Заев, што заврши со корупциски скандали кои се бројат во стотици милиони евра (Бехтел, Пуцко Петрол), премиерско место, контрола врз половина од владата и незамисливата одлука на СДСМ да им даде на ДУИ и на Бујар Осман ида го водат процесот на преговори околу идентитетот на Македонците.
Во меѓувреме, ДПА крајно се маргинализираше, но од неа се изроија нови партии – пред се Алијанса на Албанците. Бледнееше и рејтингот на Ахмети кај Албанците, кој поддршката се повеќе ја купува отколку што ја добива, па така и партиите критичари на ДУИ добија многу прашања на кои може да се политички активни – невидените нивоа на корупција, поврзаноста со нарко-картелите, непотизмот и масовното исселување на Албанците. Но, како што ја купува поддршката на гласачите, Ахмети ја купува и опозицијата за да ја држи разединета. Во време на режимот на Ахмети и Заев/Ковачевски, сите „опозициски“ албански партии се изредија во Владата да го поткрепат СДСМ како што оваа партија ја губеше поддршката на Македонците и мораше да формира практично малцински влади. Во веројатно најмизерниот случај од овие рокади, партијата Алијанса на Албанците влезе во владата откако нејзиниот лидер „купи“ куќа од олигархот на ДУИ Јахоски-Пуцко Петрол – чија компанија е под истрага за скандал од 160 милиони евра за горење на отровна нафта во Неготино и во неброени болници и училишта низ земјата.
По ваквото дивеење на ДУИ (со СДСМ како приврзок) јасно е дека ВМРО нема некои сјајни опции во коалицирањето со албански партии. Албанските партии кои ги имаме се или произлезени од ДУИ или биле и повеќе од спремни да бидат нивен помал партнер. Благодарение на поделбите внатре во „албанскиот свет“ (Курти – Рама) успеа да се формира коалицијата ВЛЕН со декларирана цел да се бори против високата корупција на албанската политичка сцена во Македонија. Но, по нецела година, гледаме како еден член од оваа коалиција се сети дека од газда Пуцко може да се купат уште недвижности по дисконт цена, а од Еди Рама да добијат кој знае какви паркинг концесии.
Партијата ДУИ избегна казна за воените злосторства, а до пред половина година беше незамисливо да се слушне некој нејзин претставник да биде обвинет и за обичен криминал. Денес, заменик лидерот на Ахмети е во бегство, дузина министри и високи функционери се обвинети за корупција и за крајна неспособност која доведе до катастрофата во Кочани. Воедно, полицијата изврши сериозен упад во арачиновската нарко-мафија која се толерираше да работи непречено со години.
Сето ова се случува во мандатот на владата на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, при што албанскиот партнер целосно ги поддржува овие истраги. Кога ДУИ доминираше со политичката сцена во Македонија, истраги за корупција против албански политичари беа мислена именка – дури и против политичарите од номиналната опозиција. Освен со отстранувањето на Мухамед Зекири, кој се амбицираше да направи албанска фракција во рамките на СДСМ, режимот на ДУИ и СДСМ не ги расчистуваше обвинувањата за незаконско дејствување во албанските партии туку очигледно ги користеше за нивно корумпирање, со цел да ги држи под контрола и да ги ротира во владата по потреба.
За очекување беше дека овој екстремно корумпиран организам ќе се брани кога ќе биде нападнат. Можевме да очекуваме закани со етничко насилство и етнички протести пред Уставниот Суд (по се изгледа договорени со судии именувани од ДУИ и СДСМ). Не очекувавме дека токму американската амбасада ќе им ги пресече протестите во корен, со ставање на Артан Груби на црната листа. Но, не можевме да очекуваме ниту дека СДСМ ќе бидат толку очајни да им помогнат на ДУИ и да коалицираат со нив, па дури и да ги стават своите медиумски инсталации во поддршка на кампањата на ДУИ за натамошно ослабнување на ВЛЕН која ја гледавме изминативе недели.
Како и во 2008-мата година, СДСМ нема што да бара за себе на претстојните избори, очигледно се откажуваат дури и од Струмица, и затоа не им е проблем со сите сили да се ангажираат во поддршка на ДУИ, во надеж дека Ахемти повторно ќе почне да ја разградува македонската опција на власт. Можевме да очекуваме и по некој градоначалник, кој пламено се бореше за зградите на газда Пуцко во Алумина, да биде дел од оваа кампања. Но сепак изненади интензитетот со кој градоначалничката на Скопје влезе во овој обид за спасување на ДУИ. Арсовска ни откри дека по 20 и кусур години седење на ДУИ на власт и седум години нивна апсолутна власт на централно ниво во (само еден од) мнозински албанските делови на Скопје имало дивоградби (!) и бара само тој дел од градот и само тој еден градоначалник да биде гонет, со што, по некоја среќна случајност, ќе се отвори пат за изборна победа на Бујар Османи – човекот кој го распродаваше македонскиот идентитет и ни ги закопа односите со Бугарија во дупка од која прашање е кога ќе успееме да се извлечеме. Замислата на оваа операција секако е ВЛЕН да загуби две од важните градоначалнички места со кои влезе во Владата (Гостивар и Чаир), со што ќе се креира кампања за нивно излегување од Владата како нелегитимна опција и како во 2008, ДУИ да влезат на нивно место за да ги подриваат реформите и идентитетските преговори од внатре, а и повторно да се спасат од кривична одговорност.
Добро е што ВЛЕН најавија повлекување на градоначалникот во Чаир и именување на Изет Меџити како кандидат, со што ќе се овозможи непречена истрага за многу веројатните злоупотреби во општината. Но, не смееме да заборавиме дека немаме избор меѓу апсолутно добро и апсолутно зло. Изборот е меѓу албанска политичка опција која се согласи да придонесе во борбата против сериозниот криминал и корупцијата која дозволивме да се изроди – и враќање на ДУИ на власт по што функционерите на оваа партија по кој знае кој пат ќе ја избегнат одговорноста за своите дела.