Skip to main content

Релевантноста и кредибилноста на извештаите на ЕУ

Freepik

Во подготовка е уште еден извештај на Европската унија за напредокот и постигнувањата на Македонија во рамки на евроинтегративниот процес на земјата. Овој пат се работи за извештај кој се подготвува и ќе биде усвоен од страна на Европскиот парламент чие што седиште се наоѓа во Стразбур.

Добрите познавачи знаат дека овој извештај на Европскиот парламент, иако се однесува на истата материја, е нешто поинаков од оној на Европската комисија чие што седиште е во Брисел. Стразбур-Брисел или Брисел-Стразбур, тоа е релацијата на која се движат сите институционални оценки за Македонија и останатите земји кандидати за членство во ЕУ.

Добрите познавачи исто така знаат дека на почетокот на нашиот европски пат со голема доза на внимание и активности пристапувавме кон процесот на подготовката на извештаите на Европскиот парламент, иако беше јасно дека ваквите извештаи имаат консултативен карактер и не претставуваат документ на одлука за тоа дали и кога ќе започнеме со процесот на преговори. За тоа говори фактот што речиси секој од извештаите на Европскиот парламент, независно од забелешките и укажувањата содржани во него, секогаш препорачуваше ЕУ да ги започне преговорите со Македонија. Но, тоа до сега не се случи.

Со текот на времето нашиот фокус беше поместен кон извештаите на Европската комисија, за кои се мислеше дека имаат далеку поформален карактер отколку оние на Европскиот парламент. Впрочем, Европскиот парламент одлуките ги носи со гласање и надгласување кое се заснова на политичките видувања и ставови на европратениците, додека Европската комисија сепак има поголем степен на консензуалност во усвојувањето на одлуките. Од тие причини, надежите и активностите на македонската политика беа насочени кон Европската комисија за која се веруваше дека ќе биде факторот чија што оценка нема да биде ставена на испит од страна на последната инстанца, Европскиот совет.

За потсетување, Европската комисија дури во 2009 година ја донесе својата прва одлука и препорака за тоа дека Македонија е подготвена да ги започне преговорите со ЕУ. Таа година беше година на вистината кога се виде дека и одлуките и извештаите на Европската комисија можат да имаат само консултативен карактер. Таа година беше годината кога Македонија, или поточно кажано, Европската комисија го доби своето прво вето од страна на највисоката инстанца на ЕУ, Европскиот совет, во кој членуваат претседателите на држави и влади на земјите членки. Тоа е годината кога сфативме дека извештаите на уште една врвна институција на ЕУ можат да бидат помножени со нула со само еден глас против, односно со примена на можноста на вето од страна на само една земја членка на ЕУ.

Тоа што во годините кои што следеа нашата политичка реторика се движеше во правец дека ние треба да ги исполниме критериумите од Копенхаген, додека во исто време трпевме притисоци за промена на името и баравме соодветно решение за проблемот, беше само еден вид на менаџирање на штетата која што ја трпевме поради грчката блокада. Факт е дека повеќето последоваателни вета и блокади на процесот придонесоа за политички и општествени турбуленции во државата при што исполнувањето на европските стандарди се движеше според шемата три напред – два назад.

Факт е дека блокадите кои што уследија и после промената на Уставот и уставното име на државата, придонесоа за континуираната ерозија на постигнувањата кои што се случуваа во меѓувреме. Веќе стана повеќе од јасно и видливо дека билатералните прашања кои што ги наметнуваат поедини земји членки во однос на земјите кандидати претставуваат далеку посилна компонента во процесот на одлучување на институциите на ЕУ. Стана јасно дека билатералните прашања во иднина ќе доминираат во однос на прашањата поврзани со критериумите од Копенхаген и останатите вредности кон кои се стремиме. Стана јасно дека името, идентитето, јазикот и сличните атрибути се далеку поприоритетни за членките на ЕУ отколку вредностите и критериумите кои што самите ги имаа воспоставено.

Од тие причини, загрижува односот на некои бугарски политичари кои изразуваат зачуденост зошто ние во Македонија го дефинираме евроинтегративниот процес како билатерализиран и како жртва на наметната билатерализација. Загрижува фактот што тие навистина сметаат дека бугарските билатерални барања се европски и како такви претставуваат наша обврска за исполнување. Не би ја спомнувале Бугарија и бугарските ставовои доколку не постоеше фактот дека во моментов токму Бугарија го блокира евроинегративниот пат на земјава, исто онака како што тоа претходно го правеше Грција.

Поради тоа, повторно се враќаме на извештајот на Европскиот парламент и извештаите на европските институции во целина. Доаѓаме до моментот кога треба да се запрашаме за релевентноста и кредибилноста на ваквите извештаи кои циклично го преокупираат вниманието на македонската јавност. Какво е нивното значење и какво е нивното севкупно влијание врз евроинтегративниот процес на земјата? Дали истите во себе содржат суштински елементи или се само текст на хартија кој претставува работна обврска на бирократите од Брисел и Стразбур со цел да го оправдаат постоењето на нивните работни места?! Дали ќе дадат придонес кон процесот или повторно ќе бидат поклопени од силата на билатералните прашања?

Ако судиме според содржинскиот аспект на извештаите од досегашното искуство кое што го имаме, може кратко да кажеме дека колку повеќе се посочуваат некои прашања како проблем и се наметнуваат како обврска на политиката за нивно решавање, толку повеќе истите проблеми метастазираат по општествените хоризонтали и вертикали и стануваат стандард во државата. Колку повеќе се посочува обврската за исполнување на некој критериум поврзан со Копенхаген, толку повеќе билатералните прашања избиваат на површина и предизвикуваат непостојаност на процесот.

На пример, во рамки на извештаите постојано добиваме препораки и насоки за борба против корупцијата и криминалот. Токму овие проблеми поради постојаните билатерални дефокусирања стануваа се посилни и посилни со текот на времето. Без оглед на тоа колкав удел и влијание имаше политиката во нивниот „развој“, корупцијата и криминалот достигнаа големина и стадиум на самоодржливост кој претставува проблем и за најревносната влада која има намера да се справи со ова зло. Тоа можеме да го видиме токму од примерот на актуелните случувања кога политиката на сегашнава влада оди во правец на сузбивање на криминалот и корупцијата, а во исто време рецидивите и воспоставените коруптивни стандарди и криминални навики прават жесток отпор кон ваквите политики.

Ќе и даде ли ветер во грб на владата на Македонија извештајот на Европскиот парламент доколку посочи дека е потребна засилена борба против корупцијата и криминалот, или билатералните прашања повторно ќе направат дефокус и земјата ќе остане заробена во истата спирала?!

Ова е прашање од суштинско значење кое во исто време ќе го даде и одговорот за релевантноста и кредибилноста на извештаите на европските институции. Доколку ЕУ не најде решение за сопствениот проблем кој што европските вредности и критериуми ги става во подредена позиција во однос на билатералните, балканските и средновековните прашања, тогаш извештаите на нејзините институции ќе останат нерелевантни и некредибилни. Ќе останат само формална обврска на секоја нова генерација на европратеници, рапортери и комесари за проширување кои ги исполнувале сопствените бирократски обврски.

Доколку ЕУ не го реши сопствениот проблем, таа ќе се претвори само во сенка на некогашниот џин од Брисел и Стразбур кој влеваше доверба и претставуваше посакуван клуб за членство. Доколку ЕУ не го смени правецот на движење, од неа ќе остане само инерцијата од брзиот воз од минатото кој го движеше континентот.

Дали има потреба да го коментираме содржинскиот дел од Нацрт извештајот кој набргу ќе биде усвоен? Сметаме дека не! Дали има потреба да ги коментираме поднесените амандмани, од кои некои се со крајно небулозна содржина? Исто така сметаме дека одговорот е не! Нема ништо ново да кажеме, ниту пак ќе можеме суштински да влијаеме на решавање на проблемот. Многу досегашни извештаи се коментирани и анализирани во детали, се со цел да се осознае суштината и да се направат вистинските чекори во интерес на државата и нејзиниот евроинтегративен процес. Досегашното искуството кое што го црпиме од нивната релевантност и кредибилност од минатото, нѐ упатува да на овој и на секој нареден извештај гледаме со резерва и недоверба. Впрочем, релевантноста и кредибилноста самите ја создаваме и оддржуваме.
ЕУ не е исклучок од тоа!

Поврзани вести