![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/kosovo-izbori.jpg)
Косовските избори се неизбежна тема во македонската јавност и македонскиот медиумски простор. Тоа е тема која што ниту може, ниту пак смее да се заобиколи од повеќе причини. Тоа е такво прашање кое што во себе секако дека содржи локално значење, но истовремено и прашање кое што предизвикува интерес во соседството, регионот и поширокиот геополитички простор. Впрочем, Косово како тема и како географија беше најжешката точка на европскиот континет која што го привлекуваше вниманието на европската и американската политика се до почетокот на војната во Украина.
Од тие причини, изборите во Косово се настан кои сами по себе се дел од интересот на македонската политичка номенклатура, особено на онаа од албанскиот блок, но не помалку и на претставниците на српската заедница. Не смееме да ја изоставиме и македонската политичка елита која на крајот од денот е должна да вади НЗС на сите политички величини содржани во регионалната политичка равенка и сето тоа да го артикулира во правец на реализација и одбрана на македонските интереси.
Каков е исходот од изборите и дали е во согласност со очекувањата на учесниците и на оние кои будно набљудуваат, тоа секако дека им е важно на сите заинтересирани страни. Бројките и односот на мандатите се од првостепено значење, особено ако гледаме од аспект на непосредните учесници. Секој сака да победи, да формира влада и да практицира власт со сите привилегии и одговорност кои што одат со тоа. Но, тука постојат и некои повисоки математики кои му даваат дополнителна димензија на ова прашање.
Во Косово одамна е вообличен сериозен политички ривалитет помеѓу мнозинските партии на етничките албанци. Овој ривалитет дополнително е зачинет со мултиетничкиот ривалитет со политичките претставници на српскиот народ, кој што ривалитет се прелева и преку границите на Косово. Токму овој, вториов ривалитет, без оглед на неговата внатрекосовска непропорционалност, е основа за заземање на поинаков надворешен агол на гледање на косовските избори.
Гледано од регионален аспект, внатрешниот распоред на силите секако дека има свое значење, но сепак внатрешното значење на исходот од изборите е далеку помало во споредба со значењето на политиките кои ќе зрачат во соседството и регионот од оваа земја без оглед на тоа кој ќе формира влада. Генерално гледано, надворешните набљудувачи на политичките односи во една земја, истите ги доживуваат како внатрешно прашање со различни варијации на тема, најчесто според принципот сите се исти. Токму поради овој принцип на набљудување секогаш останува една сериозна нијанса на скептицизам за тоа дали новата влада ќе даде свој придонес во процесите на стабилизирање и подобрување на односите во регионот. Гледано од тој аспект, сосема е разбирливо за нас како земја која што е дел од регионот и регионалните политики, погледот да го насочиме во набљудувањето на големата слика.
Истото важи и за глобалните политички играчи. Тие, во услови на затегнати односи насекаде во светот, нема да го имаат она трпение кое што го имаа во првите две децении од овој век. Сите очекувања одат во правец на тоа дека во Косово нема да се случуваат ретроградни процеси, туку напротив Косово ќе тргне во вистинската насока. Веќе беа испратени првите пораки преку океанот кои јасно укажуваат дека новата администрација на Доналд Трамп со особено внимание гледа на состојбите на Косово, регионот и пошироко во Европа. Впрочем, и пораките кои што беа упатени кон една Германија во пресрет на изборите кои што ќе се случат за две недели, ги отфрлаат оние дилеми или заблуди кои што постоеа кај некои аналитичари дека слоганот “America first” целиот фокус на политиките на Трамп ќе го насочи кон внатрешните американски проблеми, а сѐ останато ќе биде оставено на политичката стихија.
Како што гледаме се случува токму спротивното. Според некои мислења и вкусови, американските постапки во Европа одат дури и до степен на прекумерно мешање во внатрешните работи и изборните процеси на споменатите земји. Сепак, без разлика на тоа дали ваквите постапки ќе бидат оценети како нормални или прекумерни, со нив јасно кажува дека администрацијата на Трамп ќе игра активна улога во политичките процеси во Европа и светот, далеку поактивна од она што го предвидуваа одредени аналитичари.
Сето ова треба да го има во предвид и новата косовска влада, независно од тоа кој ќе ја предводи и учествува во неа. Треба да има во предвид и да не заборава дека администрацијата на Трамп уште во првиот нејзин мандат упатуваше сериозни критики и опомени до косовските власти за нејзиниот однос кон превземените обврски и договори склучени под спонзорство на САД. Уште во 2020 година американски сенатор од редовите на републиканците, Дејвид Перду, го повикуваше Косово да ги укине царинските давачки за српските производи и услуги доколку во спротивност не сака да се соочи со повлекување на американските трупи. Потсетувајќи на дведецениското присуство на американските воени структури, кое што е во функција на оддржување на мирот меѓу Србија и Косово, Перду апелираше Косово целосно да се посвети на мирот и да не го попречува историскиот напредок кој што е на повидок. Веднаш потоа, следеше експресна поддршка од Доналд Трамп Јуниор, постариот син на американскиот претстедател, кој со уште поголема експлицитност порача дека е време американските војници да се вратат дома, упатувајќи сериозни закани кон косовскиот политички врв.
Претходно, тогашниот специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија и амбасадор на САД во Германија, Ричард Гренел, подолг период укажуваше на потребата Косово да ги укине наметнатите давачки кон српските производи, кое што беше проблематично прашање од тоа време. Амбасадорот Гренел постојано упатуваше јасни пораки за потребата од дијалог и мирно решавање на спорот, особено решавање на неговата политичка димензија. Како доказ на американската сериозност од тоа време говори податокот дека во последната година од првиот мандат на Доналд Трамп беа наметнати и стапија на сила одредени економски санкции на САД кон Косово.
Подоцна, истата 2020 година, некаде во септември, беше склучен оној договор меѓу Србија и Косово, односно меѓу Вучиќ и тогашниот косовски премиер Хоти. Тие беа „седнати“ во овалната соба на Белата куќа и ставија потпис на она што беше договорено под директно менторство на Трамп. Овој договор во себе содржеше решавање на некои билатерални прашања, но и прашања кои имаа глобално геополитичко значење со цел остварување на американските интереси на Балканот, наспроти интересите на Кина и Русија и војната која што следеше во Украина.
Ова се само неколку нафрлени податоци со кои сакаме да ја освежиме меморијата за генезата на политичките односи во и околу Косово, особено во контекст на политиките на администрацијата на Доналд Трамп. Има уште многу информации кои што можат да бидат споделени, но основата на пораката е сосема иста. Од тие причини, повторно ќе ја потенцираме констатацијата дека изборите на Косово не треба да се гледаат само како внатрешно косовско прашање, туку како нешто кое што има поширок регионален и геополитички контекст.
Да не ја заборавиме септемвриската криза од 2023 година која што се случи на Косово со упадот на паравоени формации на етничките Срби во северниот дел од Косово. За среќа, реакциите на српскиот и косовскиот политички врв беа исклучително трезвени и рационални со што придонесоа за соодветна деескалација на овој инцидент.
Исто така, да се потсетиме и на истата 2023 година кога Советот на Европа започна постапката за прием на Косово за членство во оваа меѓународна организација. Тоа беше сериозен политички чекор од причини што, за да се стане членка на Советот на Европа треба да бидат исполнети неколку основни критериуми. Имено, секоја земја која што сака и смета дека е способна да стане членка на Советот на Европа, прво и основно, треба да е држава. Второ, да е европска држава. Трето, мора да ги прифати принципите на владеењето на правото и почитување на човековите права и слободи во однос на сите граѓани кои живеат во таа земја, односно задолжително да стане дел од Европската конвенција за човекови права.
Дека Косово е дел од Европа, тоа не е спорно. Но, дека Косово е држава, тоа сѐ уште е спорно за неколку европски земји. Косово не е признаено од Србија, не е признаено ниту од Шпанија и Словачка, ниту пак од Романија, Кипар и Грција. Фактот дека десетина европски земји не го сметаат Косово за држава беше сосема доволен за да го проблематизира неговото членство во оваа организација.
Советот на Европа е организација на вредности и стандарди креирани со децении наназад и еден ваков „влез“ ќе ги нарушеше ваквите односи и меѓусебната доверба. Од тие причини, независно што во април 2024 година Парламентарното собрание на Советот на Европа гласаше во полза на Косово за неговото пристапување кон организацијата, се уште се чекаат поволни политички времиња за оформување на двотретинско мнозинство во рамки на органот кој што одлучува во име на Советот, Комитетот на министри, и финалниот прием во организацијата.
До тогаш, Косово ќе остане надвор од Европската конвенција за човекови права и на тој начин надвор од директната јурисдикција на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Неговите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност, ќе бидат надвор од заштита на Конвенцијата. Од тие причини, може да кажеме дека Косово сѐ уште претставува „црна дупка“ на нашата северна граница и сива зона на Европската конвенција за човекови права.
Како што можеме да видиме, Косово не е само една неважна балканска држава или територија која што во неделата имаше некакви парламентарни избори. Косово е земја која веќе четири децении активно го бранува овој регион. Фактот дека постои историја на ова прашање и фактот дека на регионот му е потребен мир и конечна стабилизација, ги обврзува сите политички чинители одговорно да пристапат кон прашањето на Косово. Само со сериозен и решителен пристап може да дојде до дефинитивно ребрендирање на Косово од сива зона, црна балканска дупка и прибежиште за лицата од потерниците, во една нормална држава. Држава со нормални односи со сите соседи и држава под јурисдикција на европските вредности, стандарди и меѓународните правни акти кои важат за сите нас во регионот.