
Прислушкувањето одамна престана да биде само техничка операција на тајните служби. Во Македонија тоа стана симбол на политичка култура изградена врз страв, уцена и системска корупција. Она што започна како скандал со илјадници нелегално прибавени разговори, за кои одговорноста никогаш не беше расчистена, се претвори во нов начин на владеење: владеење преку компромитирање и држење во страв. Ова не е само злоупотреба на институциите, ова е методологија на владеење на цела една политичка матрица.
Во претходната колумна рековме дека прислушкувањето е „симбол на криминалната власт на СДСМ“. Денес, кога времето ни овозможи да видиме колку длабоко овој симбол се претворил во практика, јасно е дека не станува збор за изолиран инцидент или политички проект. Станува збор за систем кој ја претвори државата во приватен имот на партијата, кој ја замени транспарентноста со страв, а демократијата со манипулација.
Зоран Заев и неговите „бомби“ ја легитимизираа оваа нова матрица на владеење. Наместо откривање на вистината и отворање простор за правна разрешница, тие материјали беа инструментализирани за партиска пресметка, за рушење на политички противници и за создавање нова олигархија. Се покажа дека „борбата против режимот“ само параван за градење на уште поопасен систем – систем кој ја претвора довербата на граѓаните во страв, а надежта во заложништво.
Упорните повици за отворање и „декласификација“ на материјалите од најново откриеното следење, повторно ја разоткриваат паниката што владее во редовите на СДСМ. Наместо јасна и недвосмислена одбрана на институциите и почитување на правната процедура, добиваме политичко препукување, медиумски изјави и нови закани.
Која е логиката на постојаното повторување од страна на СДСМ за потребата од декласификација на материјалите од криминалното следење? Имаат ли за цел да ја компромитираат законската постапка која што следи со класична политизација на случајот? Од каде тие знаат каква е содржината на материјалите кои се класифицирани? Дали класификацијата на материјалите за нив не претставува проблем за да имаат пристап до нив, како да се јавно достапни информации или пак сето ова панично врескање од СДСМ претставува блеф кој треба да ја намали политичката штета која што ја трпат во моментов?!
Ако погледнеме внимателно, одговорот е повеќе од очигледен. Стравот не произлегува од правдата. Правдата одамна е заробена. Стравот произлегува од можноста јавноста конечно да ја види вистинската слика за тоа како СДСМ ги користеше тајните служби и институциите. Прислушкувањето не беше спорадичен инцидент, тоа беше механизам преку кој се одржуваше контролата над политичките опоненти и неистомисленици. Затоа, секое ново отворање на оваа тема значи и отворање на раните кои СДСМ сака по секоја цена да ги држи затворени.
Аферата со следењето покажа и уште едно нешто, дека СДСМ е неспособна да изгради политички капитал врз реални резултати. Наместо економски раст, добивме стагнација. Наместо реформи, добивме партизација. Наместо европски вредности, добивме балкански шеми. Единственото оружје кое СДСМ знае да го користи е компромитирањето на противниците. Токму затоа, секој разговор и секоја дебата за „следењето“ предизвикува страв и паника кај функционерите на СДСМ, од причина што со тоа се обелоденува вистината за нивниот единствен политички метод на владеење и контрола… прислушкувањето.
Бомбите на Заев и последиците од нив
Кога Зоран Заев во 2015 година излезе пред јавноста со таканаречените „бомби“, многумина помислија дека конечно се отвора патот кон правда. Се зборуваше за „демократизација“, за „прочистување на системот“, за „почеток на нова ера“. Но денес, со доволна историска дистанца, може да се констатира само едно: бомбите беа најголемиот политички инструмент за манипулација во поновата историја на Македонија.
Прво, самото прибавување на тие материјали беше криминално. Наместо институциите да се зафатат со расветлување на нелегалното прислушкување и откривање на вистинските виновници, материјалите завршија во рацете на Заев. Тој од нив направи алатка за рушење на политичкиот противник. Преку селективни објави, внимателно избрани делови и театрални прес-конференции, тој го креираше наративот на „големиот борец против режимот“. Но суштината беше сосема поинаква: создавање на атмосфера на страв и уцена, преку која Заев и СДСМ се вратија на власт.
Второ, последиците од бомбите беа далекусежни. Наместо владеење на правото, добивме владеење на снимките. Наместо институционални постапки, добивме медиумски спектакли. Наместо правна разрешница, добивме политички пазар. Луѓето кои беа спомнувани во бомбите не одговараа пред судови, тие станаа монета за поткусурување во кабинетите на разно разни Катици, Зорани и ним слични.
Трето, преку бомбите се воведе нова практика во политичкиот живот: секој е потенцијална жртва на уцена. Ако денес некој се спротивстави на оние кои што ги поседуваат материјалите од „бомбите“, утре може многу лесно да се најде на насловните страници со „ексклузивен разговор“. Овој механизам ја разјаде демократијата одвнатре. Тој создаде култура на молк, на самоцензура и на постојано сомневање.
Најголемата трагедија е што наместо вистинска демократизација, Македонија доби нов вид авторитаризам – авторитаризам маскиран во борба за слобода. Бомбите на Заев не беа чекор кон слободата, туку кон новото заробување на државата.
Токму затоа, тука се поставува едно суштинско прашање, што може да очекуваме од Венко Филипче, најдобриот другар на Заев? Што може да очекуваме од претседателот на СДСМ, кој што е постојана комуникација и дружба со Зоран Заев? Што може да очекуваме од човекот кој што своите одмори и моменти на опуштање ги поминува во друштво со Заев, на јахти, мотори на четири тркала, во Дубаи?
Примерот со бомбите и најновите прислушувани материјали најдобро ја покажува суштината на владеењето на СДСМ, односно институциите се празна форма, а вистинската власт се води преку неформални центри на моќ. Преку бомбите, СДСМ создаде цела паралелна структура на контрола, структура која функционира надвор од уставот, надвор од законите и надвор од демократските процедури.
Во оваа матрица, никој не е безбеден. Ни функционерите на самото СДСМ. Секој кој ќе се осмели да се побуни, да покаже иницијатива или да застане спроти имателот на снимените материјали, се соочува со опасноста од „објавување“ на некој разговор. Така се одржува апсолутна партиска дисциплина. Така се создава клима на страв.
Исто така, бомбите беа и начин за уцена на бизнисите. Во јавноста излегоа примери за тоа како крупни бизнисмени биле ставани под притисок за да соработуваат со уценувачите, или ќе се соочат со јавна компромитација. Оваа симбиоза меѓу политиката и бизнисот, цементирана преку нелегално прислушувани материјали и оние кои што ги поседуваат, ја претвори Македонија во заробена држава по учебник.
Политички и општествени последици
Последиците од оваа практика се видливи на секој чекор. Прво, граѓаните ја изгубија довербата во институциите. Кога правдата се претвора во театар, кога судовите се водат од политички диктати, тогаш граѓанинот ја губи вербата дека може да најде заштита. Тоа создава апатија, одлив на млади луѓе и целосно обезличување на општеството.
Второ, политичкиот систем се претвори во борба за компромати, а не во борба за идеи. Наместо избори со програми и дебати, добивме избори со закани и аудиозаписи. Наместо политика на визија, добивме политика на страв. Оваа култура ја убива демократијата во корен.
Трето, економските последици од начинот на кој што владееше СДСМ се катастрофални. Ниту еден сериозен инвеститор не сакаше да влезе во земја каде што утре може да се најде на аудиоснимка и да биде предмет на уцена. Ниту еден млад човек не гледа перспектива во држава каде што личниот живот може да му стане јавно достапен заради политички пресметки. Така Македонија не го губи само економски раст, туку ја губи и својата иднина.
Денес, повеќе од кога било е јасно, Македонија не може да оди напред додека се владее преку прислушкувања, бомби и уцени. СДСМ го воведе најопасниот модел на авторитарно владеење, модел во кој демократијата е само маска, а зад неа се крие систем на страв и контрола.
Затоа, потребно е решително „не“. Потребна е мобилизација на институциите, на граѓаните и на сите здрави сили во општеството. Потребно е конечно да се стави крај на политиката на уцена и страв која својата сила ја црпе од злоупотребата на безбедносните системи.
Македонија заслужува да биде правна, демократска и слободна држава. Заслужува институции кои ќе ја штитат приватноста, а не кои ќе ја злоупотребуваат. Заслужува политичари кои ќе нудат визија, а не компромати. Заслужува иднина која нема да биде изградена врз стравот, туку врз надежта.