Skip to main content

Постигнувањата кои што ја прават разликата

МИА

Да се даде отчет за сработеното претставува и доблест и обврска. Да се направи пресек на спроведените активности и да се даде отчет во политиката, тоа претставува демонстрација на политичка култура. Но, да се даде отчет за постигнатите резултати на македонската влада, министерствата или било која друга државна институција за првата година од нејзиното работење, е тоа претставува несекојдневна и одамна заборавена активност.

Изминативе десетина дена бевме сведоци на серија претставувања пред македонската јавност на сѐ она што беше сработено и постигнато во изминатава година. Отчет за сработеното беше даден, почнувајќи од премиерот Мицкоски, па се до последниот министер во владата кој држи до себе и до одговорноста која што ја носи пред граѓаните.

Како што кажа Мицкоски: „Измина една цела година, на предизвици, на тешка, посветена и макотрпна работа… Секој нов почеток е уште потежок, затоа што наследуваш веќе стекната состојба и како што народот вели, не почнуваш од нула, туку од минус… По години на празни ветувања и перманентна политичка криза во државата, разочарувања и уништени ветувања, Македонија не започна од нула. Почнавме од минус, од рушевини кои ги оставија зад себе. Наследивме систем што се кршеше и паѓаше. Институции што изгубија доверба, луѓе што изгубија верба… И повторно градиш темели, одново поставуваш столбови и ги засилуваш носечките кои дотогаш биле дотраени, кршени, рушени…

Ние не ветуваме брзи решенија, затоа што знаеме дека вистинските промени бараат време, трпение и упорност. Но, знаеме и дека секој ден на напредок е победа. Секој ден е борба за достоинство, за иднината што ја заслужуваме.“

Отпочнувањето и реализацијата на над 250 поголеми проекти беше претставено како референтна точка од која ќе тргне реализација на три пати поголем број на проекти во втората година од функционирањето на владата. Текстов е несоодветно место за статистичко претставување на сѐ она што беше реализирано во изминатава година, но факт е дека можеме да извлечеме генерален заклучок дека како јавност бевме постојано „бомбардирани“ со информации за пуштени во употреба патни правци, делници на автопати, пруги, слушавме и сведочевме за меѓународни активности и средби, борба против криминалот и корупцијата, радикална борба со оние што не трујат и го загадуваат воздухот, како и ред други активности.

Премиерот јасно ги потенцираше своите очекувања за максимална посветеност во исполнување на програмата и реализацијата на над 400 проекти, мерки, чекори и реформи во наредниот период. Проекти кои ќе бидат насочени кон развој и раст, подобар стандард, поквалитетно образование, борба против корупцијата, инвестиции и реформи во здравството. Големи проекти во инфраструктурата, реформи во даночната политика и справувањето со инфлациски и предизвици на животниот стандард. Проекти за млади, проекти за земјоделци, проекти за работници, проекти за купување на нов дом, возила.

Која е поентата на погоре кажаново?

Поентата е во тоа што некој имаше доблест да се соочи со јавноста и да информира што направил после една година владеење, како одговор и за возврат на довербата која што му ја доделиле граѓаните. Тоа е сосема исправен и коректен пристап. На почетокот рековме дека се работи за несекојдневие или за одамна заборавена активност која не можевме да ја видиме за време на власта на Заев и Ковачевски. Од нив двајцата гледавме и слушавме некои формални отчети кои што беа давани после првите 100 дена од нивните влади и тука завршуваше сета нивна отчетност и одговорност. Не можевме да го слушнеме сублиматот од нивното работење ниту после првата година од владеење, ниту после последната.

Тоа е првата клучна разлика која што мора да се потенцира, без да се навлегува во содржинскиот дел на презентираното. Всушност, кога од една страна имаш понудена содржина за дебата и оценување, а од другата немаш ништо како референца за споредба, тука и не постои можност за споредба на проекти или постигнувања. Тука уште во старт е дисквалификувана секоја критика која што по природа на нештата би требало да дојде од опозицијата. Не постои простор за да се направи споредба и да се каже што е тоа што било направено во првата година од времето на владеењето на СДСМ.

Отчетот на владата и владејачката ВМРО-ДПМНЕ во суштина ги посочува сите слабости во организацијата, во начинот на функционирање и поимањето на политичката култура, како и во однос на институтот одговорност во СДСМ. Како што рековме во еден од претходните текстови, дури и СДСМ и нејзиниот претседател како опозиција се должни да дадат свој отчет за она што го сработиле во текот на одреден референтен период. Да кажат какви поуки извлекле како партија, кои реформи ги спровеле и на кој начин планираат да ја бараат довербата од граѓаните. Многу е едноставно и применливо. Ако праксата на претходните раководства на СДСМ била да не дава отчет за сопственото работење како власт, тоа не значи дека ваквата негативност треба да трае до бесконечност. Од некаде мора да се почне.

Да се вратиме на она што е тема на текстов, односно постигнувањата од првата година на работењето на актуелната влада. Тука постои уште едно постигнување кое не може да се квантифицира, ниту пак измери. Таквото постигнување не може да се стави во некаква статистичка рамка или графикон кој јасно ќе го отсликува трендот на движење во таа една година од функционирањето на актуелната влада. Тоа е постигнување кое единствено може да се перципира и почувствува како промена која настанува и која прави разлика од нешто претходно.

Зборуваме за достоинство на македонскиот народ, македонските граѓани и на нивните избрани политички претставници. Зборуваме за чувството на враќање на достоинството и партнерскиот однос во комуникацијата и средбите на македонските со европските политички првенци. Зборуваме за враќање на сериозниот однос и почит кон државата, кое што после една година од функционирањето на оваа власт е сосема видливо на средбите со сите оние кои што ја посетуваат Македонија или пак се работи за посети на нашите претставници. Таквото чувство експоненцијално се зајакнува со секој поминат месец од функционирањето на владата.

Ако наследството од претходната власт донесе несоодветен, потценувачки и понижувачки однос кон државата од страна на странските претставници, едногодишното функционирање на владата на Мицкоски повторно го врати чувството на тоа дека постои респект кон Македонија и кон нејзините високи претставници.

На пример, повеќе не го гледаме Еди Рама со неговите зајадливи и понижувачки досетки од типот на онаа „премиерот на идната Западна Бугарија“, со која се мајтапеше со Ковачевски на нивните групни собири. Сега го гледаме Рама со максимална доза на респект и со соодветен и одмерен однос кон премиерот Мицкоски, кој за возврат демонстрира достоинство и пријателство кон него и кон сите свои гости. Повеќе ги нема оние понизни дофрлања од Пендаровски од типот „кај си љубави“, со кои му се додворуваше на Бојко Борисов во моментите на најсилна демонстрација на моќ од бугарска страна.

Во моментов, со сосед како што е Бугарија, македонската влада има реципрочен однос, соодветен на однесувањето на соседот, но во никој случај понизен дефанзивен. Сите поплаки, критики или изблици на незадоволство кои што повремено доаѓаат од Софија, всушност се критика на нивниот сопствен однос кон Македонија, кој како одраз во огледало им се враќа назад за да видат и почувствуваат како изгледа нивното однесување.

После една година од функционирање на владата сведочевме на моментална и одмерена реакција на македонскиот премиер Мицкоски на несмасната формулација на еврокомесарката за проширување, Марта Кос, која што македонскиот идентитет го доведе во релација со некои јадења од македонската кујна.

Мицкоски не голта кнедли пред комесарите на ЕУ и јасно кажува дека нашиот идентитет се Гоце, Даме и Јане, како и цела плејада на дејци и настани кои оставиле трага и придонес во македонската историја. Денес нема премолчување на намерните, ниту пак на ненамерни и несмасни навреди и провокации кон македонскиот народ, како што тоа беше присутно во времето на Заев, Ковачевски и нивниот министер Филипче. Денеска нема премолчување ниту релативизирање на негаторските политики, како на оние што доаѓаат од Софија, така и на оние кои што доаѓаат од Брисел и на талибански начин се однесуваат кон македонскиот идентитет.

Токму овој дел од сработеното во текот на првата година од актуелната влада ја прави најголемата разлика со претходната, пред сѐ во поглед на перцепција на политиката и перцепцијата на нас самите кон себе. Ако не постои самопочит, гордост и заштита на сопствените вредности, не можеме да очекуваме почитта да ја добиеме од некој друг, без разлика дали ни е пријател или не.

Поврзани вести