Skip to main content

Новата американска администрација и Македонија

Не само што најави, Трамп веќе од првиот ден спроведува длабоки резови во американската надворешна политика.  Доказ: укинувањето на УСАИД, која ја нарекоа – криминална организација! Таа беше и таква, а беше дури и терористичка бидејќи, заедно со фондациите на Сорос, палеше и гаснеше низ светот. Менуваше влади, финансираше „невладини“ организации и медиуми… се’ во интерес на длабоката држава. Ова е крај на дивеењето. Сепак, дел од проектите на УСАИД беа корисни и успешни за државите, а такви имаше и во Македонија, ама тие беа само покритие за злосторствата.

Вашингтон веќе ги прецизира и политиките кон Балканот. Надлежен е – Ричард Гренел. Тој не ги подржа протестите во Србија; отворено го критикуваше косовскиот премиер, Курти, и тоа во предвечерието на тамошните парламентарни избори, во кои тој беше главен фаворит… Курти, веќе подолго време, ич не ги ферма, и сега ја плаќа цената. Во Србија пратија нов амбасадор, близок до Трамп, што никако не е случајност.

Трамп може подиректно да се ангажира во регионот, само доколку во Вашингтон оценат дека тука има услови за побрз успех, преку разрешување на балканските јазли, за разлика од Блискиот и Далекиот Исток, Украина…. Прашање е дали и колку тоа би била исправна политика, и дали ќе донесе успех? На прв поглед, може да изгледа така, ама кога ќе се навлезе во сржта на балканските историски синдроми… Во минатиот мандат, Трамп не успеа со Вучиќ и Курти.

Добро е што премиерот Мицкоски има релации со луѓе од близината на Трамп. Така не било никогаш, а можеби и нема да се повтори. Но, како тоа да се искористи? Потребни се мудрост, вештини и тактики. Клучно и основно е прво да се подготви соодветна стратегија, преку прецизни анализи.

Наш приоритет во никој случај не смее да биде вршење на некаков притисок за вразумување на Софија. Тоа би било удирање по последиците а не по причината. Далеку најважно е да се направат максимални обиди за откривање на вистинските (тајни!) американски планови за Македонија и македонскиот народ. Тие апсолутно постојат, и филигрански се реализираат сите овие години по распадот на Југославија, а ние немаме поим што САД намераваат со нас.  

Секому, што и малку се разбира во политика и дипломатија, мора да му биде кристално јасно дека во Вашингтон е коренот на сите наши голготи како независна држава. Никој друг не можеше – а) да ни го суспендира името во СБ на ООН (1993); б) да ни наметне катастрофална Привремена спогодба (1995); в) да организира агресија од Косово (2001); г) да ни ја растури државата со Охридскиот рамковен договор…; д) да ни го наметне договорот за (не)пријателство со Софија (2017); ѓ) со Нивици (2018) да ни ги прекрсти државата и народот; е) со Тиранската платформа да ја разбие унитарноста… Ако некому сето ова не му е јасно, веднаш нека си замине од политиката.    

Затоа, во овој критичен момент за Македонија, наша главна задача е да ги откриеме американските планови за нашата земја и да се обидеме да влијаеме врз нив. Без тоа, ќе се вртиме во круг, како до сега, и ќе одиме забрзано прудолу. Откако ќе се осознаат, или барем наслутат нивните намери, кои во никој случај не се поволни за нас, ќе треба да се работи, инсистира, пледира, ако треба и да се моли, се’ до манифестирање на непослушност – за нивно редефинирање. Во тие планови, значајно место има и бугаризацијата на Македонците – токму ова што сега силеџиски го спроведува Бугарија. Затоа, Софија не е приоритет туку последица.

Ова е шанса која нема да се повтори и која мора да се искористи. Ако дозволиме да продолжи досегашната американска политика кон Македонија, прашање е само кога ќе биде избришан македонскиот народ, а не дали.

Задачата е речиси невозможна. Американските политики не се менуваат преку ноќ. Тие се резултат на нивни најшироки и долгорочни интереси, прецизирани преку длабоки анализи на разни тинк-тенкови и други надлежни институции. Ние, меѓутоа, друг избор – немаме. Во прашање е нашиот опстанок.

Ситуацијата е додатно комплицирана бидејќи САД го третираат балканскиот простор во целина, а границите беа веќе менувани, со користење на воена сила.  Така, Босна и Херцеговина беше претворена конфедерација и федерација, а од Србија  беше насилно отцепено Косово. Никој освен Вашингтон, не знае што е следното? Во меѓувреме, постепено и упорно, ама и успешно – Македонија е разнебитувана. Воопшто не е случајно што сме толку долго оставени во чекалната на ЕУ!

Сега имаме историска обврска да се интересираме за нашата судбина и мораме да направите се’ за спас на македонскиот народ. За да се постигне целта, потребни се јасна и прецизна стратегија. Ако тоа не се направи, и ако се оди со импровизации, никаде нема да стигнеме. Токму тоа би се случило и ако удриме по последиците, а не по суштината, по причините коишто нѐ доведоа до ова дереџе. Бугарија реализира туѓи планови, иако има и свои (проклети!) интереси.

За овие наши универзални аспирации има основа и во фундаментите на политиките коишто ги промовира Трамп. Ако е за него – „Америка пред се’“, мора и за нас да биде – „Македонија пред се’“. Второ, ако е Трамп за суверенизмот, и ние сме, и тоа апсолутно. Ние не бараме ништо од никого, ама сакаме да останеме тоа што сме, во суверена македонска држава.  Правата на малцинствата, воопшто не се загрозени.

Откривањето на американските политики кон Македонија се основен предуслов за да се соочиме со иднината што нѐ очекува. Мораме да се избориме за елиминирање на сите неприфатливи намери и концепти за македонскиот народ, коишто воопшто не е спорно дека постојат во американските политики. Дури потоа ќе можеме квалификувано и одговорно да ја градиме нашата иднина.

Тоа е предуслов за да може рамноправно да се разговара со Софија и да се инсистира на принципиелно расчистување на недоразбирањата, без уцени и ултиматуми. Се’ додека зад нив стојат американски интереси, контактите се губење време.

Со луѓето блиски до Трамп ама, паралелно, и на официјален начин, преку меморандуми, на новата американска администрација мора да и се стават на детален увид сите незаконитости, непринципиелности и неправди на коишто сме биле до сега изложени, на сите понижувања со коишто се соочувавме и на сите голготи низ кои минувавме. Треба да се дадат и предлози за излез од ќор-сокакот во којшто сме доведени, иако и со наша согласност.

Објективно, ние немаме експерти коишто можат да го реализираат овој (пре)амбициозен проект. Токму од новите пријатели на премиерот, треба да се бараат предлози за странски, што значи пред се’ американски експерти коишто треба да ни помогнат за да ја постигнеме целта. При тоа, ќе мора да се внимава и на нивната лојалност, заради конфликт на интереси. Само така е можен излез од темниот тунел.

Време не треба да се губи. Ако бидеме спори, какви што сме, моментумот лесно ќе ни избега, и ќе си останеме во калта. За почеток, на дискретен начин, треба да се направи една мала стручна група која би го водела овој процес. Потоа, се’ ќе биде полесно. Почетокот е секогаш најтежок.

Балканот во никој случај нема да биде во приоритетите на американската надворешна политика. Македонија најмалку. И Европа нема да има таков третман. САД имаат многу поважни проблеми и дома, и во светот. Наше е да се бориме.

Како независна држава, Македонија се’ уште не е целосно етаблирана на меѓународната сцена. Пречката е во Вашингтон, а не во Атина или Софија. Огромен број на факти и аргументи недвосмислено потврдуваат дека се прави се’ за дефинитивно затворање на „Македонското прашање“! Тоа може да значи само бришење на македонскиот народ којшто е, нели – измислен од Тито. Не случајно на тоа „потсетува“ не само Софија, туку и Брисел, а добро се знае кој стои зад него.

Ако не се освестиме и ангажираме под итно, нема да има иднина за нашата македонштина. Се чини дека барем сега има некакви поволни прилики, коишто ќе треба да се докажат. Ако продолжиме „како до сега“, што не е случајна измислица, а некои навистина сакаат така да биде, македонскиот народ набргу ќе остане само во приказните по историја. Тоа ќе се изучува како случај кога еден неспособен народ беше сотрен.

Поврзани вести