Skip to main content

Местото коешто македонскиот бисер го заслужува

Туризмот како тема секогаш се дебатира токму во периодот кога започнува или е длабоко во ек туристичката сезона. Тогаш станува наша преокупација и интерес и токму тогаш имаме нешто свое да кажеме и додадеме кое ќе се вклопи во сезоната на мудрување и креирање на политики во оваа област. Иако повеќето од нас се само консументи на благодетите од туризмот, сепак и потрошувачот е тој чиј глас треба да биде слушнат и ставен во мноштвото параметри кои го определуваат правецот на движење на оваа гранка. Овој глас треба да биде слушнат, но главниот збор треба да го имаат специјализираните институции и туристичките работници кои ги креираат и водат политиките во овој бизнис.

Бидејќи е лето, секако дека главната асоцијација која што не поврзува со терминот туризам, е македонскиот бисер Охрид. Но, тука уште во старт мора да кажеме дека ваквата асоцијација за Охрид, во овој период од годината, не претставува никаква предност.Напротив, летниот туризам како асоцијација за Охрид претставува хендикеп за овој културно- историски центар на Македонија, Европа и пошироко.

Зошто хендикеп?

Веднаш и на прва кажано, затоа што Охрид не смее да биде само алтернатива и резервна варијанта на грчките крајбрежни села и гратчиња во кои се практикува класичниот летен туризам. Затоа што Охрид не смееме да го гледаме само како летна дестинација во која се прават журки или концерти на турбо фолк естрадата од соседството. Затоа што Охрид не е место каде што приоритетот на туристичките работници треба да им бидат туристи само во летната сезона кои од разни причини го земаат Охрид како поевтина и попристапна дестинација.

Ваквиот концепт можеби важеше во времето на СФРЈ, времето кога беа конципирани и изградени најголемите хотелски капацитети на охридското крајбрежје,но овој концепт е одамна застарен и прегазен од времето и не кореспондира со потенцијалот кој што го има Охрид како туристички центар кој може да пружи многу повеќе.

Може да пружи, но и да заработи далеку повеќе од она што го заработува во кратката летна туристичка сезона.Охрид како туристички центар треба да функционира во текот на сите дванаесет месеци од годината. Да работи во текот на една цела календарска година, независно од тоа дали е лето, зима или друго годишно доба.Треба соодветно да бидат искористени и валоризирани сите референтни датуми и периоди во годината кои што и до сега на некаков начин беа користени. Во исто време, неопходно е да бидат осмислени нови содржини и настани кои што ќе ги надополнат празнините кои што во моментов постојат. На тој начин, Охрид ќе се стави на вистинскиот колосек кој што го заслужува.

Градот, кој што се наоѓа под заштита на UNESCO, навистина има што да понуди, особено како културно-историски центар. Дури и воопшто нема потреба од набројување и повторување на сета онаа историска, културна, географска и климатска супериорност која што е општо позната и која што Охрид во себе ја носи за да би го поткрепиле и аргументирале ваквиот став.

Едноставно, Охрид мора да прерасне во она што е, вклучително и преку примена на политиката во туризмот. Овој град треба да биде македонскиот Дубровник, Венеција, македонски Рим или Прага. Летниот туризамкако приоритет, плажите,сончањето, забавите за младите и сѐдруго кое што го нудат популарните грчки селца и гратчиња, треба да им се препуштат на Струга, Преспа и Дојран и таму да се вложува во овој тип на летување.Тоа не значи дека Охрид треба да се откаже од ваквиот тип на туризам, напротив, тоа треба да остане како додадена вредност и понуда плус на сите останати содржини кои што ги поседува балканскиот Ерусалим, но никако да претставува приоритет во туристичката понуда на македонскиот бисер.

Туризмот е разновидна и комплексна индустрија која привлекува различни видови патници од целиот свет. Постојат повеќе типови на туристи кои во зависност од нивната мотивација, буџет, интерес и начин на живот, можат да се класифицираат во различни категории, секоја со свои уникатни карактеристики и модели на патување.

Типот на туристистражувач се карактеризира со дух на авантура и желба за откривање нови места и култури. Туриститеистражувачи се растечки сегмент од туристичката индустрија и сè повеќе бараат уникатни, импресивни и автентични патни искуства. За да ги задоволат своите потреби, дестинациите и туристичките оператори треба да понудат прилагодена и флексибилна понуда, можности за интеракција со локалната заедница и пристап до уникатни културни искуства.Охрид и охридското крајбрежје дефинитивно поседува содржини кои можат да бидат препознаени од ваквиот тип на туристи во текот на целата година, па дури и постоечките сместувачки капацитети можат да бидат сосема прифатливи за луѓето кои луксузот го ставаат во втор план.

Елитните туристи се патници од висока класа, кои бараат луксуз и ексклузивност во своите патни искуства. Тие имаат високи очекувања и го бараат најдоброто во однос на сместувањето, услугите и погодностите. Елитните туристи често се богати и се подготвени да платат премиум цени за да добијат врвна услуга.Во ваквиот тип на туризам треба сериозни вложувања кои ќе му овозможат на Охрид да биде препознаен од овој тип на туристи. Соодветните сместувачки капацитети (кои за жал не се на доволно потребното ниво), во комбинација со културното наследство и традиција (која на Охрид не му недостасува), ќе бидат формула за развој и на елитниот туризам кој во моментов претставува само потенцијална можност на која Охрид треба да работи.

Кога зборуваме за овие два типа на туристи секако дека мислиме на привлекување на странските туристи кои имаат можност да поднесат повисоки цени кои во секој случај би биле од интерес за самиот град и државата.

Масовниот туризам го практикуваат патници кои бараат популарни и добро познати дестинации кои серекламирани и промовирани од туристичката индустрија. Тие обично бараат лесно и практично патничко искуство и често се привлечени од дестинации кои нудат широк спектар на погодности и услуги. Охрид е исклучително популарна дестинација за македонските туристи, кои добро го познаваат градот. Најголемиот дел од нив практикуваат масовен туризам, кој претставува алтернатива на туризмот што се практикува на егејскиот брег. Но, сведоци сме дека има чести поплаки на високите цени во угостителските објекти во македонскиот Дубровник.

Токму тука е судирот кој што се случува во Охрид. Од една страна, убавината на градот и езерото се нешто кое што не може да се најде во Европа, а од друга страна на патувањата кон Охрид тргнуваме со предрасуда дека во Македонија треба да поминеме поевтино од било каде во светот, особено поевтино од грчките села на егејското крајбрежје. Ова е неспоиво и не можеме и не смееме да вреднуваме еден бисер со сета онаа содржина која што ја има помалку од некоја Паралиа.

Од тие причини, за пофалба се напорите и активностите кои што ги прави македонската влада во правец на изградбата и реконструкцијата на патните правци кои што одат кон и околу Охрид. Неодамнешното пуштање во употреба на патот кон Свети Наум и најавите за скоро завршување на одамна започнатите и запоставени патни правци на потегот Гостивар-Охрид, се само еден сегмент кој треба да придонесе во повторното нормализирање на сообраќајот кон овој град. Тоа е само една почетна точка која треба да овозможи импулс за понатамошен развој на сите оние видови туризам кои можат да бидат аплицирани во Охрид и кои треба да му овозможат на градот да функционира дванаесет месеци како посакувана туристичка дестинација.

Но, развојот не смее да оди стихијно и без соодветна стратегија и политика кои ќе бидат усогласени и ќе ги артикулираат државниот и локалниот интерес. Туристичката понуда на Охрид треба да претставува државен интерес во која ќе се инвестираат знаења и пари. Само со јасна и утврдена долгорочна политика може да му се овозможи на македонскиот бисер да го добие вистинското место на туристичката карта. Местото кое што го заслужува.

Поврзани вести