Skip to main content

Легитимноста на контрадикторните барања

Да се расчисти случајот со трагичната несреќа во Кочани е од приортетна важност за целото општество. Тоа не е локално прашање кое што се однесува на еден град, општина или еден регион во државата. Тоа е прашање што нѐ засега сите нас, заедно со сите наши недостатоци. Кочанската трагедија како настан е само видливиот дел од огромната санта на корупција која самите ја создадовме и негуваме. Нејзиното расчистување не е само потреба и должност кон жртвите туку тоа е влог во иднината и превенирање на слични вакви несреќи кои што нашето однесување може да ги предизвикаме во иднината.


Од тие причини, барањето на СДСМ за формирање на собраниска анкетна комисија за спроведување на неселективна истрага воопшто не треба да биде проблем. Ова е класичен политички став кој се движи во рамките на предвидените процедури и ингеренции кои што ги има една политичка партија застапена во македонското собрание. Од СДСМ сметаат дека на тој начин можат да дадат свој придонес и да помогнат во расчистување на случајот и тоа на ниво на политика е во ред. Транспарентен и јасно презентиран политички став.


Се сомневаат дека се води селективна истрага која нема да ги даде вистинските резултати, па затоа предлагаат да се вклучат на начин кој го имаат во рацете како демократска алатка. Можеби конечно станале свесни дека „кабелот“ не може повторно да биде крив како што беше случај во модуларната во Тетово, па решиле да дадат сопствен придонес. Дали се со искрени намери заради влогот во иднината и превенирањето на потенцијални слични несреќи во иднината или имаат за цел утврдување само на политичката одговорност која ја ставаат како дел од целите на анкетната комисија, останува да видиме?! Не би сакале да веруваме дека СДСМ како политичка партија е единствено заинтересирана само за утврдување на политичката одговорност, без притоа да ги вложат сите свои капацитети на сите нивоа и да помогнат во ставањето на крај на монструзниот систем на корупција кој систематски го создаваа.


Ставот на СДСМ дека треба да се формира анкетна комисија не смее да се отфрли априори колку и да изгледа контрадикторен. Тој има своја институционална подлога и легитимност и како што гледаме нивниот ставот наидува на разбирање од власта. Разбирање надополнето со сосема логично и легитимно барање. Барање за проширување на мандатот на комисијата со случаите со модуларната болница во Тетово, Беса транс, Ласкарци и слични неразјаснети трагедии. Никогаш не е доцна да се утврдат виновниците, но доцна е за утврдување на политичката одговорност која СДСМ во тоа време никако не сакаше да ја стави на испит пред демократските механизми како што тоа сега сака да го направи. Како и да е, народот како врховен политички судија веќе ја утврди политичката одговорност на минатите парламентарни избори наградувајќи ги одговорните со рекордно највисокиот пораз на една владејачка гарнитура.
Во однос на барањата на ДУИ за вклучување на органите и телата на Советот на Европа во истрагата, мора да кажеме дека е исклучително контрадикторни, недефинирани и конфузни. Тие се обраќаат на Комесарот за човекови права, Венецијанската комисија и ГРЕКО (Група на држави против корупција) и бараат независна експертска мисија за утврдување на независноста на истрагата, но истовремено бараат и политичка дебата во рамките на Парламентарното собрание.

За да сфатиме што всушност бара ДУИ и какви се пораките кои што ги праќаат, мора првин да погледнеме какви ингеренции имаат споменатите органи и тела на Советот на Европа на кои им се обраќаат од Европскиот фронт.
Комесарот за човекови права е независна, непристрасна и несудска институција на Советот на Европа која работи на подигање на свеста од потребата за почитување на човековите права во земјите членки. Македонија како земја членка на Советот на Европа е упатена на соработка со оваа институција, но не во форма на подреденост како што сакаат тоа да го претстават од ДУИ, туку исклучително во партнерска форма како земја членка на Советот на Европа. Ако идејата на ДУИ е да бара права за осомничениот министер Бектеши, кој е ставен во постапка на истрагата, зошто не ги стави во прв план правата на семејствата кои ги загубија своите најблиски и да побара права за нив или пак зошто не побараа слична интервенција од Комесарот за Ласкарци, модуларната и Беса транс?!

Комесарот за човекови права не е ад-хок тело на Советот на Европа кое дејствува во функција на одбрана на осомничените за корупција. Особено тоа не е случај кога како последица на таквата корупција била предизвикана загуба на бројни човечки животи. Инволвирањето на Комесарот за човекови права за да го брани Бектеши пред завршувањето на истрагата би било огромна срамота за оваа институција на Советот на Европа и такво нешто Стразбур не би си дозволил.
Ниту Групата држави против корупцијата (ГРЕКО), задолжена да ја следи усогласеноста и имплементацијата на антикорупциските стандарди на Советот на Европа во земјите членки, како што е Македонија, не е адхок тело кое може промтно да се вклучи во истрагата за кочанската несреќа. Ние не би имале ништо против да се вклучи веднаш и сега во делот кој што се однесува на сомнежите и наодите за корупција на министерот и останатите кои се предмет на истрагата, но ГРЕКО не функционира така.

ГРЕКО работи во циклуси, т.н. кругови за евалуација, при што секој опфаќа специфични теми. Првиот круг на евалуација на ГРЕКО (2000-2002) беше посветен на евалуација на независноста, специјализацијата и средствата со кои располагаат националните тела за борбата против корупцијата. Вториот круг на евалуација (2003-2006) се фокусираше на идентификација, заплена и конфискација на приходите од корупција, спречување и откривање на корупција во јавната администрација и спречувањето на правните лица да бидат користени како паравани за корупција. Третиот циклус на оценување (2007-2012) ги опфаќа инкриминациите предвидени со Кривичноправната конвенција за корупција и транспарентноста при финансирањето на политичките партии.

Четвртиот и петтиот циклус се однесуваат на спречување на корупцијата кај пратениците, судиите, обвинителите, владите и извршните институции. Овие циклуси на евалуација се однесуваат на етичките принципи и правила на однесување, судирот на интереси, пријавувањето на имотот и приходите, итн. Последниот, шести круг на евалуација е започнат пред две недели, на 17 март оваа година. Тој се спушта уште пониско и се однесува на спречувањето на корупцијата на субнационално ниво, односно оди во правец на унапредување на борбата против корупција против оние кои сменија безброј влади додека тие го вледееа теренот и го негуваа коруптивниот систем.

Имајќи го сето ова на ум, се поставува прашањето, каде беа од ДУИ да упатат писмо до ГРЕКО кога пукна скандалот со трговскиот центар Соравија? Зошто од ДУИ не упатија писмо до ГРЕКО кога Артан Груби се најде на американската црна листа поради корупција? Зошто заборавија да пишат писмо кога истиот тој нивни потпретседател избега од соочувањето со правдата обвинет за криминал и корупција?

Во однос на Венецијанската комисија и барањето на ДУИ за нејзино инволвирање во случајов, може да се каже дека е тешка импровизација и небулоза. Венецијанската комисија е група на експерти која што се занимава со законодавство и уставното право. Венецијанската комисија не е тело кое се занимава со истраги за тоа дали кабелот или кочниците се криви. Таму членуваат врвни експерти кои ги следат контурите и правната архитектура на државите, а не дали Бектеши и државната секретарка земале мито или не, за да издадат фалсификувана дозвола.

На крајот доаѓа Парламентарното собрание. Тоа е еден од двата органи на Советот на Европа во кој членуваат претставници од националните парламенти на земјите членки. Таму членуваат пратеници од македонското собрание заедно со нивните колеги од цела Европа, соодветно застапени според големината за земјата. Согласно со кажаново, во Парламентарното собрание на Советот на Европа може да се очекува само политичка дебата и ништо друго. Тоа ќе биде класична дебата на избрани поединци кои го искажуваат сопственото мислење врз база на личната перцепција, политичките афинитети и партиски интереси. Таму не може да се очекува решение на нашиот проблем кој што го живееме и кој што треба самите да си го решиме. Впрочем, ДУИ максимално го игнорираше и Парламентарносто собрание во сите оние моменти кога беше на власт без оглед на строго политички капацитет и ингеренции на ПССЕ.

Како и да е, добро е што македонската опозиција увиде дека планот за хибридно и прокси уривање на македонската влада преку шарени сценарија е прочитана од народот. Добро е што прават видливи политички активности кои имаат свои иницијатори и протагонисти, без разлика на тоа дали нивните барања се издржани или не. Ваквите активности имаат институционална подлога и тука може да се дебатира и да се вкрстуваат аргументите. Должност на опозицијата е да биде коректив на власта во рамки на демократските процедури. Злоупотребата на несреќата и загубата на животите преку организации од типот „Кој е следен“ е последното нешто кое што тие требаше да го направат, а го направија прво тоа. Низ какви манипулации и злоупотреба од страна на овие прокси активисти поминале најблиските на загинатите во други несреќи, можевме да го прочитаме во нивните пишувања на социјалните мрежи.

Македонија и македонската влада мора да опстојат во намерата за справување со системската корупција на сите нивоа и во најкраток можен рок да ги применат сите наоди на ГРЕКО соддржани во петте циклуси на евалуација. Но, тоа не треба да биде сѐ! Македонија мора да оди неколку чекора подалеку со цел да се воспостави систем и стандард за борба со корупцијата на субнационално, односно пониско ниво кое што е предмет на шестиот циклус на евалуација на ГРЕКО започната пред неполни две недели.

Ние си ги знаеме проблемите! ГРЕКО само ќе ни ги повтори и нацрта кога ќе ни дојде редот. Ние редот не треба да чекаме да ни дојде! Треба веднаш да дејствуваме!

Поврзани вести