
Заштитата на македонскиот идентитет и јазик е прашање кое што нема рок на траење. Независно од тоа дали идентитетот и јазикот се признаени или негирани од некого, независно од тоа дали таквите признавања или негации имаат билатерален или мултилатерален карактер, поединечен или групен, борбата за заштитата и промоцијата на македонските атрибути ќе остане вечна.
Кога зборуваме за борбата за заштитата на македонскиот идентитет, уште во старт паѓа во очи пристапот на СДСМ кон ова прашање. За претставниците на оваа партија, без разлика на тоа дали се работи за претседателот, потпретседателите, идеолозите во сенка или некој друг нивни експонент, вината секогаш се лоцира кај политичкиот противник. Никогаш не сме слушнале дека за нешто е виновна Бугарија, претходно Грција или пак грешката се наоѓа во начинот на усвојувањето на одлуките во ЕУ со консензус и можноста за вето. Секогаш и без исклучок е виновно ВМРО-ДПМНЕ, независно од тоа дали е опозиција или власт.
Таков е случајот и со усвојувањето на извештајот на Европскиот парламент за кој се крена голема прашина во македонската и бугарската јавност. Тоа што до сега во ниту еден претходен документ со политичко значење (ова не се однесува на документи со експертско значење), ниту на Европскиот парламент, ниту во Европската комисија, ниту пак во Советот на Европа каде што сме земја членка, не се спомнува експлицитно ништо поврзано со македонскиот јазик, македонскиот народ и се останато што може во себе да ја содржи придавката македонски. Овој извештај на Европскиот парламент, кој патем кажано беше усвоен на неговата комисија за надворешна политика (АФЕТ), ги содржеше токму тие формулации кои претставуваа чин на потврда и признавање од страна на една од институциите на ЕУ. Тоа претставува нешто кое што во историјата на Македонија и македонските евроинтеграции никогаш се нема случено… НИКОГАШ!
И во такви услови, кога беа направени чекори за приближување и подавање рака меѓу ЕУ и Македонија во однос на идентитетските прашања, претставниците на СДСМ, со целата нивна политичка логика, вината за бугарските амандмани и бугарското беснеење низ Брисел и Европа ја лоцираат кај Мицкоски и владата. Тоа е нонсенс! Има ли некој во таа партија со здрав разум кој ќе им укаже дека на тој начин, не само што не и помагаат на Македонија, не само што не се ставаат во одбрана на државата од бугарската агресивна политика, не само што не го загрозуваат Мицкоски, туку директно си пукаат во нога и си прават штета самите на себе.
Аргументите кои што ги користат за тоа дека договорот со FRONTEX бил потпишан на македонски јазик и дека со тоа се „бетонирал“ јазикот е само сеење на ветер и магла и верување во сопствените илузии. Ваквото бетонирање на јазикот е истоветно со она бетонирање на добиениот датум и почетокот на преговорите кои што ги објавија Заев и министрите од владиното авионче. Тука не е проблемот во тоа што тие се обидуваат да ја манипулираат македонската јавност. Проблемот е во тоа што во СДСМ навистина веруваат дека јазикот и идентитетот не се под напад од Бугарија, исто онака како што Заев веруваше дека навистина сме добиле датум и сме ги започнале преговорите. Во тие моменти на Заев не му беше јасно дека нема ништо од датумот. Истото се случува и сега. На голем дел од раководството на СДСМ не им е јасно дека „бетонот“ никогаш не ни постоел и живеат во илузија дека некои работи се решени и завршени од нивна страна.
Ова што се случува во СДСМ е повисок стадиум на политички недостаток и аномалија која има сериозни импликации врз вкупниот политички амбиент во државата. Одбегнувањето реално да се согледа бугарската политика кон Македонија, како и занемарувањето на нејзините долгорочни стратешки цели, придонесува кон дополнително слабеење на македонската позиција во однос на евроинтегративниот процес. Континуираните активности на бугарската политика, која се обидува да го раскине македонското ткиво, не смеат да бидат игнорирани од страна на ниедна македонска партија, без разлика дали истата е на власт или опозиција. Тоа што потпишувањето на еден договор, на начин на кој што бил потпишан, не значи дека го бетонирало идентитетот, ниту пак значи дека треба да ги пикнеме главите како ноеви во песок и да не се грижиме за тоа што се случува околу нас. Ова го докажува токму најновото однесување на бугарската политика во Европскиот парламент.
Реално гледано, многу работи се случуваат и многу нови креативни и модерни решенија доаѓаат од политичките претставници на нашиот источен сосед. „Модернизирањето“ на македонскиот јазик е само едно од таквите решенија за кои и самите официјални владини претставници на Бугарија даваа изјави дека тоа се само почетоци на нивната „креативност“. Од тие причини, одбивањето на СДСМ да и погледне на вистината во очи, како и фрлањето на вина кај политичкиот противник е класична демострација на потчинетост и подреден однос кон Бугарија.
Како поинаку да се сфати ставот на претставниците на раководството на СДСМ во однос на изјавата на Марта Кос. Во ниту една нивна изјава не слушнавме критички осврт на она што го кажа Кос во Скопје во однос на македонскиот идентитет кој го изедначи со полнети пиперки. Веруваме дека Кос направи ненамерен лапсус, но и во таква ситуација должноста на секој сериозен политички субјект, особено на СДСМ, е да реагира и укаже на несоодветниот, потценувачки или офанзивен карактер на нечија изјава. Веќе станува фолклор нападите и провокациите кон Македонија кои што доаѓаат од надвор, независно дали се намерни или не, СДСМ да ги занемарува, избегнува да ги коментира и да не ја врши сопствената улога во одбраната на идентитетот.
Тоа што говорат дека свесно губат од политичкиот капитал и поддршка кај граѓаните затоа што преку отстапките што ги прават го туркаат напред македонскиот евроинтегративен процес, не е никаков аргумент и оправдување за политиката на отстапки која што ја водат. Мнозинството граѓани не ја поддржува таквата политика кое што всушност ја детерминира вистинската насоченост на политиките на СДСМ. Политиките на СДСМ не се насочени кон македонските граѓани и обезбедувањето на нивната поддршка. Овие политики се насочени кон Брисел, Софија, Тирана или други центри на политичка моќ преку кои се наметнуваат политичките движења во Македонија. СДСМ игра на картата да вака наметнатата политичка клима ја исфрли на површина токму оваа партија која како најмало зло треба да ја земе власта и да ја води државата.
На Македонија не и треба власт која ќе се дефинира како „најмалото зло“, туку и треба власт која ќе ги води процесите кон добро и која ќе настојува да наметне позитивни трендови кои ќе бидат основа за политички натпревар.
Сега, кога го видовме финалниот исход од гласањето во Европскиот парламент, може слободно да кажеме дека е срушен целиот досегашен наратив за бетонираниот јазик и идентитет за кој постојано сме убедувани од СДСМ. Воопшто не држат вода нивните напади дека со бришењето на она што беше изгласано на АФЕТ сме загубиле нешто. Не сме загубиле ништо од причина што никогаш и не сме го имале во историјата. Термините македонски јазик и македонски идентитет, за целото време од постоењето на извештаите на Европскиот парламент за Македонија, за прв пат се појавуваат и се изгласани на АФЕТ токму сега, во времето на мандатот на Мицкоски и оваа влада. Тоа е несоборлив факт.
Сега, кога целосно паднаа маските на бугарската политика кон Македонија на очиглед на цела Европа, кога јасно се гледа дека зад мотивите на бугарските блокади не стои само потребата од уставни измени, туку се работи за нешто со многу подлабоки корени, со кое право ќе се бара од Македонија да реализира било што кое што ќе претставува отстапка за продолжување на евроинтегративниот процес?! Со кое право ќе доаѓаат европските првенци да ни укажуваат на потребата за уставни измени? Со кое право, кога тие самите не си ја испочитуваа сопствената одлука изгласана на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ)?!
Ваквата европска слабост и недоследност, во исто време е европски, но и македонски проблем. На крајот од денот, ние сме тие кои што сме заглавени и блокирани, а секое македонско неединство во однос на клучните прашања дополнително ги поттикнува бугарските апетити. Треба да го земеме примерот на Бугарија, која во услови на загрозување на нивните политички и стратешки позиции ги сплоти сите политички сили и унисоно делуваше.
Тука е нашиот проблем. Ние никогаш не делуваме унисоно во одбрана на клучните прашања. Секогаш се наоѓа некој да мудрува и „да се прави поголем католик од Папата“, да ни раскажува приказни за добиени датуми, започнати преговори и бетонирани јазик и идентитет со што директно го нарушува потребното единство кое што треба да се манифестира пред Европа. Токму отсуството на манифестација на единство е една од најголемите причини за постојаните пречки со кои се соочуваме во процесот на евроинтеграции.