Skip to main content
6NMf-d5KNmw

Европската елита не е свесна што ја удри

Во сериозна дилема сум за што да пишувам неделава, а да не им западнам на око на цензорите на Фејсбук. Откако мојата минатонеделна колумна за Република во која пишував за скандалот УСАИД се соочи со бизарна цензура на најголемата социјална мрежа, не знам што би можел да напишам денес? Рецензија за новиот Носферату филм? Мислења за настапот на Кендрик Ламар на годинешниот Супербоул? Можеби ќе сакате да споделам некој рецепт за скара? Би било добро ако цензорите финансирани од УСАИД ни достават список на одобрени теми за кои може да пишуваме без да ги навредиме во нивната моментално кревка ментална состојба.

Не знам како да ги утеши човек. Обично велат „не плачи затоа што завршило, радувај се затоа што се случило“. Се товаревте со децении, и вие и вашите роднини, бевте ракоположени од надвор во позиција на авторитети за сите политички процеси, со целосна заштита од глобалната суперсила, со купена медиумска поддршка, целосна контрола врз судството, договорени коалиции, плацови, јавни набавки од централната и локалната власт…

Деновиве гледаме како почнуваат масовно да се продаваат куќи низ Вашингтон, откако станува јасно дека владејачката класа во САД ќе остане без своите привилегии, грантови и тендери. Ќе биде интересно да видиме дали и Дебар Маало ќе следи, а и индексот на цените на рекреативните дроги по скопските клубови ќе биде добар показател до каде сме со процесот на деУСАИДизација.

Во меѓувреме, да го разгледаме веројатно најзначајниот нов настан неделава (од десетиците настани кои се вредни за анализирање). Шоуто на Трамп се пренесе во Европа. Имено, главна работа на Трамповиот потпретседател, Џеј Ди Венс, во моментов е да оди на телевизиски настапи кај левичарските медиуми, и да ги растура со бомбастични одговори. На пример:

Венс имал многу тешко детство во економски пропаднати ридови на Апалачијата, реон некогаш познат по производството на јаглен за потребите на американската челична индустрија, а денес, по деиндустријализацијат, подобро познат по масовната употреба на дрога во банкротираните рударски градчиња. Своето искуство од детството, без татко, со мајка зависничка од дрога, одгледан од бабата, Венс го преточи во книга „Хилбили елегија“, по која беше снимен филм со Емји Адамс и Глен Клоуз. Обично велат дека начин за излез од таква средина во САД е, за црнците – кошарката, а за белците – да одат во војска.

Венс четири години бил во маринскиот корпус, при што служел и во Ирак, за потоа да ги искористи привилегиите како поранешен војник да се запише на престижни факултети, заврши право и стане супер – успешен бизнисмен. Освен што е војник, Венс е спремен и за вербални пресметки – општо е познато дека е дел од десничарските кругови на Твитер, делумно преку преобјавување на честопати контроверзни твитови, а и преку лажни профили – деновиве во тек е вистинска истрага да е погоди кој анон профил е негов. Венс беше првиот што излезе во поддршка на Марко Елез, млад член на ДОГЕ тимот на Илон Маск, за кого левичарски медиуми објавија дека постирал националистички коментари.

Со други зборови, Венс е и повеќе од спремен да се справи со левичарски новинари кои инаку ретко се соочуваат со спротиставени мислења. Во десничарските кругови често пати се кажува дека, поради стигмата што нивните ставови ја повлекуваат во левичарските кругови, и поради активните обиди на левичарите да ги остават десничарските коментатори без работа и без рекламни договори за секоја контроверзна работа што ќе ја кажат, десничар мора да е многу спремен за дебатирање, да ги познава аргументите што ги брани и да препознае реторичка стапица. Десничарски кандидат за политичар мора уште повеќе да внимава и да се спрема, што го прави Венс идеален избор да го пуштите во Минхен на неколку дена, да ги разбуричка застојаните европски дебатни салони, каде што политичарите и аналитичарите по правило се опкружени само со луѓе кои целосно се согласуваат со нив, а најчесто се и на платен список на нивните влади и институции.

И токму тоа и го направи, одржувајќи говор со кој администрацијата на Трамп и порача на Европа што очекува од неа. Почнувајќи од спомнување на најновиот исламистички напад во Германија, токму во Минхен, кој веќе може да се каже дека е дел од граѓанска војна од низок интензитет која се води низ голем број европски градови, до повикот да се дојде до „разумен“ мировен договор во војната во Украина, Венс ја опиша новата геостратешка ориентација која САД сакаат да ја видат во Европа. Венс Остро ги обвини Британија и Шведска за газењето на правото на слободен говор кога нивните граѓани протестираат против масовната имиграција, исламистичките напади и политиката на отворени граници кон муслиманскиот свет.

Потпретседателот свесно го употреби зборот комесари во контекст на главучите на комунистичката партија на СССР кога зборуваше за комесарите на Европската Унија и ја поздрави одлуката на Британија да излезе од Унијата. Сето ова се случи пред смрзнатите лица на европската политичка елита, која не се случило да биде изложена на вакви ставови. Македонија беше застапена за време на овој драматичен говор, преку премиерот Христијан Мицкоски, кој од Минхен продолжува на конференцијата CPAC во Вашингтон, и веќе се профилира во политичар целосно интегриран во новата модерна десница.

Од се што Венс искажа во Минхен, веројатно најзначајна е најавата на САД дека, да, тие ќе продолжат да се мешаат во политичките исходи во Европа. Но, во иднина, тоа мешање нема да оди во поддршка на левичарските, „либерални“ партии од политичката елита, туку ќе се поддржат автентични народни партии за кои граѓаните навистина гласаат. Венс ја осуди Романија за одлуката (целосно поддржана од ЕУ) да ги поништи претседателските избори само поради тоа што победи кандидат кој е надвор од елитата. На домаќините во Германија им порача дека ако граѓаните гласаат за партијата АФД, нема оправдување таа трајно да биде исклучена од учеството во извршната власт, преку таканаречениот политички firewall.

Европа мора да престане своите тоталитарни политики, од цензурата во дигиталната сфера, преку исклучувањето на политички партии од власта, до инсистирањето да продолжи војната во Украина, да ги претставува како мерки кои се неопходни за „заштита на демократијата“, рече американскиот потпретседател.

нова политика на Вашингтон, по деценијата во која Америка брутално интервенираше во поддршка на левата политичка опција, означува дека ако ништо друго, политичкиот терен во Европа може да се израмни и да се дозволи фер натпревар на левицата и десницата, па можеби дури и со мала предност за десницата. Без вадење снимки, шарени револуции, наместени извештаи за наводни кршења на човековите права и другите на нас добро познати тактики со кои левицата ја киднапира државата и се одржува на власт. 

Европската елита не е свесна што ја удри. 

Поврзани вести