
Навистина претставуваше пријатно изненадување веста која што минатата недела ни ја соопшти премиерот Мицкоски за склучувањето на договор за стратешко партнерство со Обединетото кралство. Конкретни и јасни беа информациите кои подоцна беа соопштени директно од македонската влада, нејзини министри, како и од страна на британската влада и нејзиниот амбасадор во земјава. Сето тоа деновиве резултира со конкретно потпишување на договорот во Лондон, кој на Македонија ќе и донесе сериозен политички и економски бенефит.
Во услови кога евроинтегративните процеси на државата се соочуваат со застој и блокади, Македонија успева да најде модус како да остане во процесот на интегрирање со западниот свет. Ако портите на Брисел се затворени, а клучот е скриен тука некаде, на Балканот, во Атина или Софија наизменично, со премостувањето на Англискиот канал (Ламанш), Македонија успева стратешки да се поврзе со една од највлијателните земји во светот. Ако процесот на евроинтеграции би се толкувал еден вид на мултилатерално поврзување и интегрирање на земјата, договорот со Обединетото кралство претставува билатерален супститут за „моменталните“ блокади кои траат веќе дваесет години. Склучувањето на договор за стратешко партнерство со Британија претставува несекојдневен настан со историска димензија кој допрва ќе треба да го анализираме и оценуваме и кој ќе има сериозно позитивни ефекти во македонското геолоцирање на картата на светот.
Како и да е, договор за стратешко партнерство со земја како што е Обединетото кралство, склучен во услови на турбулентна и нестабилна геополитичка состојба во светот, претставува сериозен политички и дипломатски чекор во правец на зацврснување на односите со западната цивилизација. Тоа самото по себе претставува исклучителен успех за македонската влада, политика и дипломатија кои во чувствителни моменти наоѓаат решенија за прашања од стратешки интерес на државата.
Зачудува фактот што овој договор наидува на сериозен отпор и критика од страна на опозицијата и нејзините медиумски поддржувачи уште од првиот ден на неговото обзнанување. Беше направен сериозен обид за негово минимизирање и спинување на неговата содржина во негативен контекст. Од една страна, опозицијата вели дека формално го поддржува договорот за стратешко партнерство, а од друга страна ја критикува неговата суштина која во себе содржи сериозна политичка и економска компонента.
Ако опозиционите претставници првично беа насочени кон фрлањето на прашина во очите на македонските граѓани преку приказните за мигрантски кампови и слични конструирани тези, деновиве претседателот на СДСМ, Венко Филипче, проблематизираше многу конкретни нешта кои што се содржани во договорот. Неговите остри критики кои што ги упати кон владата за влегувањето во еден ваков аранжман се фокусираат на неколку точки.
Првата и основна критика се однесува на самата определба на македонската влада да влезе во партнерство со Обединетото кралство. Филипче смета дека владата треба да го „одблокира“ евроинтегративниот процес на државата и финансиски аспекти да ги решава преку користење на ЕУ грантовите, а не преку механизмите кои што се содржани во договорот за стратешко партнерство со Британија. Тој во исто така го критикува и планот за модернизација на железничката пруга на Коридорот 10 со „неевропски пари“, како и ставањето во втор план на Коридорот 8.
Во однос на овие критики, Филипче заборава да каже дека состојбата на самоблокада во која што е доведена државата е постигнување на владите на неговата СДСМ. Заборава да каже дека во последниов месец добивме неколку експлицитни потврди, како од бугарските официјални претставници, така и од европските, дека спроведувањето на уставните измени нема да биде доволен услов за непопречуван евроинтегративен процес на државата. Овој факт упатува на заклучокот дека почетокот на преговорите останува неизвесен, исто онолку колку што ќе биде неизвесен и самиот тек на преговорите. Според природата на нештата доаѓаме и до заклучокот дека останува неизвесно и користењето на европските грантови за кои што зборува Филипче.
Следствено на ова се наметнуваат неколку логични и легитимни прашања на кои што СДСМ и Филипче треба да им дадат одговор на граѓаните. Првото е, дали државата треба да остане заглавена во блокадите на ЕУ и при тоа да нема никаква соработка и партнерство, дури и со највлијателните претставници на западната цивилизација кон која се стремиме и припаѓаме? На кој начин Македонија да продолжи да го форсира Коридорот 8, кога токму од земјата со која истиот нѐ поврзува доаѓаат најсериозните блокади и отворени закани и најави за нови блокади? Која ќе биде финалната цена и како ќе биде изразена? Дали ќе биде изразена во идентитетска, јазична, културна и историска валута која што треба да ја платиме за да добиеме пристап до европските грантови за да можеме коридорно да се поврземе со оние кои што нѐ блокираат?
Македонија не смее да остане жртва на неодговорното владеење на претходната влада, која прифати двотретинска обврска во моменти кога едвај имаше просто мнозинство во парламентот. Македонија не смее да остане жртва на ваквиот неодговорен однос кој бугарските политички блокади ги трансформираше во самоблокада и кои збирно го блокираат пристапот до европските грантови. Ако некој има одговорност и вина за неможноста на Македонија да пристапи до европските пари, тоа се токму Бугарија и нивните партнери во владата на Ковачевски и Заев. Филипче како дел од овие влади е активен учесник во реализацијата на политиките на блокада на политичките и финансиските аспекти од процесот на македонските евроинтеграции.
Од тие причини, договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство доаѓа во вистински момент бидејќи Македонија не може до бесконечност да чека за да дојде до пристап кон парите за кои што зборува Филипче. Таквата пасивна и инертна состојба дополнително ќе ја ослабне земјата, ќе го поттикне процесот на иселување и ќе нѐ доведе во крајно подредена положба од која единствениот излез ќе биде продажбата на националните атрибути.
Ова се логични заклучоци кои што се наметнуваат самите по себе. Ако нивниот исход се вистинските политички цели на СДСМ и Филипче, тогаш тие треба јасно и гласно да им бидат соопштени на македонските граѓани. Од друга страна, ако пак Филипче и СДСМ не се свесни за она што го говорат по говорници и дебатни емисии, тогаш тие треба да знаат дека испраќаат порака дека имаат недостаток на политичка зрелост и недостаток на компетентност за водење на државата во интерес на сите граѓани.
Поради тоа, како финален заклучок може да кажеме дека договорот за стратешко партнерство со Обединетото кралство доаѓа во вистински момент. Неговите политички и економски импликации ќе дадат сопствен придонес на повеќе процеси кои беа доведени во пат позиција. Ова партнерство и соработка отвора нова перспектива која ќе претставува алтернативен колосек за државата за поврзување со западните партнери. Ваквиот алтернативен колосек ја зацврснува насоката на нашето движење кон запад без притоа да бидеме ставени до ѕид и приморани да бараме алтернативни насоки само заради гола егзистенција на државата, насоки кои се различни од нашите стратешки определби за членство во ЕУ и НАТО.
Политиките кои што ги води ЕУ и поедини нејзини членки кон Македонија, буквално ги промовираат и потхрануваат таквите политички трендови и нивните изданоци во земјава. Ваквите политики на ЕУ креираат политички трендови и политичари во Македонија кои што се однесуваат според принципите на сервилност и отстапки. Во исто време, политиките на ЕУ овозможуваат раст на евроскептицизмот и почва за појава и јакнење на политички субјекти кои имаат изразена антиевропска позиција. Имајќи го последново на ум, токму договорот за стратешко партнерство на Македонија и Обединетото кралство во себе содржи изразена европска супстанца и претставува контрапункт на сите антиевропски политики кои се длабоко навлезени во самата ЕУ и ги блокираат и разградуваат интегративните процеси од внатре.